На 24.03.2026 година, во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Во рамки на настанот, свое излагање имаше и судијката м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, која нагласи:
Воведувањето на уставната тужба зависи од тоа да се создадат услови за менување на Уставот. За жал, тоа и сега се пренесе како главна вест и некако како да ни го намали оптимизмот во однос на тоа, дали и кога уставната тужба ќе биде воведена.
Второ, кога ќе се донесе измена на Уставот, соодветен уставен амандман, треба да се предвидат законски детали, тука повторно доаѓаме до Закон за Уставен суд и потребата за измена и во таа насока на Уставот, така што одеднаш и тоа станува далечна цел којашто не знаеме кога ќе биде реализирана, односно услов којшто не може да биде исполнет во догледно време.
Трето, Уставниот суд мора институционално да расте.
Четврто, потребно е да се работи на информираност и едукација на пошироката јавност и петто, треба да се отвори стручна јавна дебата со цел да се обезбеди стручно мислење, усогласеност со ЕКЧП, конзистентност со праксата на ЕСЧП и функционалност на механизмот како ефективно правно средство во смисла на европските стандарди. Дали овие чекори ќе ги правиме истовремено, дали ќе се одвиваат последователно и по кој редослед, тоа мислам дека е работа на одлука и работа којашто ние треба да направиме добра проценка. Заради тоа, како што и кажал Конфучие „ и најдолгиот пат почнува со првиот чекор”, а ние освен дебати и разговори на темата, сеуште не сме почнале, односно сме на самиот почеток на патот за да ја воведеме уставната тужба. Она што треба да го размислуваме е, што до тогаш? Зборуваме за тоа кој е опфатот на правата и кои права би сакале да ги видиме преку уставно-судска контрола. Има различни размислувања, коишто ќе станат релевантни кога ќе седнеме да одлучуваме што е всушност она што ќе го заштитиме со уставната тужба. До тогаш, треба да знаеме дека постојат три моменти кои се важни за донесување на уставната тужба, тоа е: правната рамка, правната култура и капацитетите на Уставниот суд.
Во делот на уставната култура е опфатен начинот на којшто го толкуваме членот 110 алинеја 3, а тоа се трите права коишто се граѓанско-политички. Ја пропуштаме можноста преку развивање на правната култура да го толкуваме делот на забраната на дискриминација, на поширок начин и така да ги опфатиме сите права. Второ, пропуштаме во делот на политичко дејствување и здружување, преку развивање на уставно-правната култура да ги опфатиме сите политички права. Дали тоа ќе го правиме до формално воведување на поширок опфат, останува на активизмот на Уставниот суд, односно на пристапот на уставните судови кон оваа материја.
Секогаш чувствувам потреба да ставиме некоја временска рамка, компаративно бидејќи беше спомената Турција, ние бевме во посета на Турција…заради непостоење на таков механизам во таа држава и тој правен поредок, кај нив формално беше даден преоден период, од 2010 до 2012 година, со цел да се имплементира се што е неопходно за да може да се подготви правниот систем за воведување на уставна тужба и самата држава не штеди зборови да се истакне како некој што е успешен во тој сегмент. Од друга страна е примерот на Хрватска којашто од 2001 година со измена на Законот за Уставниот суд, ја воведува уставната тужба и таа веднаш стапува во сила, без преоден период. Ние сме поблиску до случајот со Хрватска, отколку примерот со Турција, со оглед дека исто како и Хрватска и ние имаме европско-континентален систем, имаме одредена подготовка, имаме барање за заштита на слободите и правата кои слушнавме дека ги има сите обележја на уставна тужба и имаме советници на Судот и судии коишто се свесни и ја познаваат праксата на Европскиот суд за човекови права. Отвораме дебати од овој тип, ние можеме многу брзо да се подотвиме, со поддршка на меѓународната заедница кон тоа да воведеме уставна тужба веднаш штом ќе се создадат правни претпоставки, односно нормативни претпоставки за тоа. Дотогаш останува да толкуваме член 110 алинеја 3, доколку сакаме да опфатиме други права кои се надвор од строгиот, рестриктивен формализам којшто е присутен при толкување на опфатот на правата заштитени со уставно-судска заштита.
