Судија Кацарска: Без уставна тужба нема ефективна уставно-судска заштита

Во Уставниот суд, на 24.03.2026 година, се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, организирана со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На настанот се обрати и судијката Добрила Кацарска, која истакна:

На темата за воведување на уставна тужба нема многу да дискутирам, затоа што како никој досега во мојот тригодишен претседателски мандат сум имала многу настапи и заложби за воведување на уставната тужба. При тие средби со надлежните барав парцијално отворање на Уставот и барав токму за овој проблем да се отвори Уставот и за ништо друго да не се дискутира. Меѓутоа, не наидов на разбирање и тоа е познато на сите овде присутни но и на целата јавност. Дури бев и критикувана на некој  начин дека тоа е моја желба,иако сме сите свесни за значењето и придобивките за сите граѓани.

Ќе дополнам дека Република Северна Македонија, како и останатите поранешни југословенски републики, произлезе од заеднички политички систем и по стекнувањето независност се соочи со слични предизвици, воспоставување самостојни институции и доследна примена на принципот на поделба на власта. Сепак, одговорите на овие предизвици не беа идентични, особено во делот на обезбедување ефективна заштита на уставно загарантираните права на граѓаните. Во таа насока, анализата на регионалните искуства укажува дека Македонија остана исклучок токму по однос на воведувањето на уставната жалба.

Триесет години наназад, правниот систем живее со пропуст што не е само техничко прашање, туку суштинска слабост во заштитата на уставните права. Тоа го потврдува и архивата на Уставниот суд, во која се регистрирани стотици барања што не добиле судска разрешница, единствено затоа што надлежноста на Судот е ограничена и не овозможува одлучување по сите повреди на човековите права и слободи, туку само во тесно определени рамки од член 110 алинеја 3 од Уставот.