Судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и м-р Фатмир Скендер и тројца советници на Уставниот суд, учествуваа на советување организирано од Академијата за судии и јавни обвинители, кое се одржа во рамки на Меморандумот за соработка склучен меѓу двете институции.
Советувањето беше посветено на темата „Судска заштита во извршувањето: приговор против незаконитости, одлагање и определување на лимит во извршувањето врз имот на Република Северна Македонија, државни органи и јавни институции“, а на него учествуваа судии и стручни соработници од граѓанските оддели на судовите од сите апелациони подрачја.
Во рамки на советувањето беше презентирана аргументацијата од Решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, која беше изложена од претставниците на Судот.
Свои професионални искуства и согледувања со учесниците споделија и претставници од Врховниот суд на Република Северна Македонија и од Апелациониот суд Скопје, преку презентации поврзани со темата на советувањето, одржано на 12 март 2026 година.
Ова учество се реализира во рамки на Меморандумот за соработка склучен помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, кој предвидува активности насочени кон унапредување на стручната соработка и размена на искуства.

