
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.89/2025
Скопје, 28.01.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 и 154/2023).
Образложение
I
Душко Чангов од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот од ова решение.
Се наведува дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и на член 118 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според наводите овие одредби го повредуваат владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи се спротивни на неколку членови од овој закон.
Имено, повредено е начелото на совесност и чесност од член 5 од Законот за облигационите односи поради тоа што должникот кој доцни со исплата на главниот долг на крајот од годината, покрај главен долг должи и камата за тековната година и поради тоа не е чесно должникот во втората година да должи само главен долг. Покрај ова, повредено е и начелото на рамноправни односи меѓу странките со тоа што должникот кој навремено ги плаќа паричните обврски се става во нерамноправна положба во однос на должникот кој доцни со плаќање на паричните обврски. Исто така, оспорените одредби се спротивни и на член 9 од Законот за облигационите односи, бидејќи на доверителот му се причинува штета со тоа што со оспорената одредба е предвидено должникот да не плаќа камата на нестасаната камата која ја должи од претходниот период. На крајот, се наведува дека оспорените одредби противречат и на член 266 став 1 и на член 268 став 1 од истиот закон.
Во однос на спротивноста на оспорените одредби со член 118 од Уставот се наведува дека Република Северна Македонија го склучила договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, со кој државата презела обврска целокупното национално законодавство да го усогласи со европското договорно право. Дополнително, со оспорените одредби е повредена и Директивата бр.2021/7 точка 15, со која било уредено дека каматата се пресметува на годишно ниво, а не за периоди поголеми од една година. Според наводите, со оспорените одредби се повредени и точки 16, 19 и 20 од Директивата број 2000/35.
Во иницијативата се цитира член 266-б став 2 од Законот за облигационите односи и се наведува дека од нејзината содржина произлегува дека долгуваната камата за целиот период на доцнење којшто е подолг од една година се пресметува на начин што меѓусебно се множат главницата, единечната стапка на казнената камата за целиот период со кој се доцни, а кој период е подолг од една година и бројот на години во целиот период со кој се доцни и на крајот добиениот производ се дели со 100. Со вака уредената пресметка на камата е повреден член 38 став 2 од истиот закон. На ваков начин не може да се пресмета вкупната камата којашто должникот ја должи за период подолг од една година, така што апсолутно не е можна примена на Меѓународниот сметководствен стандард МСС-7.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 266-в став 1 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 и 154/2023), пресметката на казнената камата се врши со примена на декурзивниот едноставен каматен метод на стасаната главнина, без додавање на казнената камата на главнината. Според став 2 од истиот член, кога пресметката на казнената камата се врши за пресметковен период подолг од една година, износот на долгуваната казнена камата се добива така што производот добиен со множење на главнината, стапката на казнената камата и бројот на годините на задоцнување ќе се подели со бројот 100.
Уставниот суд на Република Македонија со Решението У.бр 46/2015 од 23 септември 2015 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2008, 81/2009 и 161/2009).
III
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
IV
Во конкретниот случај се бара оценување на уставноста на член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи.
Овие одредби биле предмет на оценка пред Уставниот суд, од аспект на нивната согласност со членовите 8 и 55 од Уставот, при што Судот со Решението У.бр.46/2015 од 23 септември 2015 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на нивната уставност.
По однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби се во спротивност со членовите 5, 7, 9, член 38 став 2, член 266 став 1 и член 268 став 1 од Законот за облигационите односи, како и со Директивата бр.2021/7 точка 15 и Директивата бр. 2000/35 точки 16, 19 и 20, истите не може да бидат предмет на уставно-судска оцена, од причина што Уставниот суд на Република Северна Македонија согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со оглед на тоа дека член 266-в ставови 1 и 2 од Законот за облигационите односи претходно биле предмет на оценување од страна на Уставниот суд, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски