
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.8/2025
Скопје, 24.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УВАЖУВА барањето за заштита на слободата на јавното изразување на мислата на Наташа Стојановска од Скопје.
2. СЕ УТВРДУВА повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска од Скопје, сторена со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Наташа Стојановска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, преку адвокатот Филип Медарски од Скопје, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата.
Во барањето се наведува дека подносителката како акредитиран новинар, вработена во „Телевизија 24 Вести ДООЕЛ Штип“, била присутна на седницата во Собранието на Република Северна Македонија на која требало да се изврши избор на нов претседател на Собранието на Република Северна Македонија на 27.04.2017 година.
Како резултат на настаните што се случиле тој ден и непреземањето дејствија од страна на државата да го заштити физичкиот и психичкиот интегритет, како и да преземе соодветни дејствија за заштита на слободата на изразување, поднела тужба до Основниот граѓански суд Скопје против Република Северна Македонија за надомест на нематеријална штета за претрпен страв и надомест на нематеријална штета за повреда на слободата на изразување.
На критичниот ден 27.04.2017 година, таа била присутна во Собранието на Република Северна Македонија, со цел да известува за случувањата за избор на нов претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено, пред Собранието имало јавен собир на којшто учествувале голем број луѓе, незадоволни од политичката ситуација.
По тензичната атмосфера во пленарната сала на Собранието и изборот на нов претседател, присутните пратеници се упатиле кон собранискиот прес-центар. Додека траел говорот на пратеникот Зоран Заев, на ТВ екраните поставени во прес-центарот, во живо се емитувал јавниот собир пред Собранието.
Во еден момент, јасно можело да се забележи дека толпата станала насилна и се упатила кон вратите на Собранието пред кои имало коридор од неколкумина полициски службеници, без никаква соодветна опрема за реагирање во вакви настани. Влегувањето во Собранието воопшто не било спречено од присутните полициски службеници во дворот.
Сепак, прес-конференцијата во Собранието продолжила од причина што никој не очекувал дека толпата ќе влезе внатре во Собранието.
Вратите на Собранието биле отворени од внатрешна страна, од страна на пратеникот Крсто Мукоски, при што толпата започнала да влегува внатре во Собранието. Подносителката на барањето во тој момент сè уште се наоѓала во прес-центарот додека се давале изјави од страна на Зоран Заев и Талат Џафери.
Пред прес-центарот веќе се слушале звуци од толпата. Во одреден момент, присутните во прес-центарот почнале да ставаат маси едни врз други со цел новинарите и пратениците кои биле во галеријата на прес-центарот да се симнат долу, бидејќи се проценило дека така е побезбедно за нив. Кога луѓе од толпата се приближиле, насилно ја отвориле вратата на прес-центарот, и со обезбедувањето и другите присутни започнале да се туркаат, викаат и насилно да влегуваат. При упадот внатре, демонстрантите, гневни, започнале да фрлаат по пратениците и новинарите со предмети што им се нашле на патот, па дури и со сталаци од камерите на новинарите. Подносителката за цело ова време преку својот мобилен телефон била вклучена во живо на нејзиниот фејсбук-профил, со цел да ја извести јавноста за нередот што се случува внатре во собраниската зграда.
Во еден момент, кога подносителката се обидела да го напушти прес-центарот, забележала еден член од собраниското обезбедување, на кого се обидела да му се обрати, но забележала дека истиот се поздравува со еден од демонстрантите. Со неверување во глетката, се упатила кон бифето на Собранието каде што се задржала заедно со неколку колеги новинари. За ова време постојано добивала повици од нејзината матична телевизија, но со страв одговорила на порака на еден од колегите „не е безбедно за вклучување во живо“. За ова време, однадвор се слушале страшни извици и навреди, а во тие моменти немало никакво присуство на полицијата.
За да провери дали толпата се разотишла, подносителката, заедно со колешката Душица Мрѓа, повторно заминала до прес-центарот каде што состојбата била уште подраматична поради тоа што маскирани лица ги напаѓале и политичарите и новинарите.
Кога подносителката и нејзината колешка Душица Мрѓа се обиделе да се вратат назад кон бифето биле нападнати од страна на демонстрантите. Група луѓе од толпата ги застанале и цело време ги навредувале и им се заканувале. Во еден момент, на подносителката ѝ го зеле телефонот и го удриле од ѕид. Од неа барале да ги избрише сите видеа, иако таа тврдела дека не снимала.
Едно од лицата и рекол: „тешко тебе ако има снимки во телефонот.“ Исплашена за себе и својата колешка, се обратила до едно лице на кое му кажала да ја извади од толпата и дека ќе му го даде телефонот да го провери. Лицето ја однело во посебна просторија – во Собранието именувана како сала број 4, која друго лице ја обезбедувало и не давало никој да влезе таму. Ѝ го одзел телефонот и почнал да пребарува дали има снимки. Во тој момент таа била исплашена за својот живот. Но, откатко го провериле мобилниот телефон и не пронашле снимки, лицата си заминале, по што на подносителката ѝ се слошило. Едно маскирано лице ја однело во собраниското бифе и го замолила да ја остави таму.
Во периодот којшто следел, подносителката на барањето, била во собраниското бифе заедно со уште некои колеги исплашени за својата безбедност и живот се обидувале да побараат помош како би се евакуирале од собраниската зграда, но добиле само одговор од собраниското обезбедување дека немаат наредба да постапуваат. Нешто после 22:00 часот, подносителката, заедно со други лица биле евакуирани од Собранието преку собраниската гаража и одведени до касарната Ѓорче Петров.
При таква фактичка состојба, подносителката на барањето во тужбата до Основниот граѓански суд Скопје укажала дека слободата на изразување, во смисла на член 10 од Европската конвенција за човекови слободи и права на Советот на Европа, подразбира за државата и т.н. позитивни обврски коишто се во насока на заштита на безбедноста на новинарите при извршувањето на нивните задачи.
Во конкретниот случај, државата, преку соодветни државни институции, не ја гарантирала безбедноста на подносителката при извршување на нејзините работни задачи во Собранието. Дотолку повеќе што, видно од доказот, пратеник на Собранието ја тргнал безбедносната шипка со цел вратите од Собранието да бидат отворени.
По изведувањето на доказите во првостепената постапка, на ден 15.06.2022 година, Основниот граѓански суд Скопје ја донел Пресудата 3 П4-240/22, со која го одбил тужбеното барање на подносителката во целост, меѓу другото, и за повреда на слободата на изразување.
Образложението на првостепениот суд во тој дел било дека „Барање за надомест на штета поради повреда на слободата на изразување, исто така е несновано. Видот на штети за кои одговара тужениот таксативно е наброен и ограничен со член 166 став 1 од ЗОО, според која одредба, тужениот не одговара за штета во вид на повреда на слободата на изразувањето. Оттука, бидејќи овој вид на штета не е опфатен со објективната одговорност на државата, тужителката, евентуална повреда на ова право треба да ја докажува по правилата на субјективната одговорност, каде основен концепт е вината (субјективната одговорност). Тужителката беше должна да докаже дека на критичниот ден тужениот имал токму таква намера. Од тужбените наводи произлегува дека на наведениот ден на тужителката ѝ било дозволено како акредитиран новинар да известува од Собранието, а како што се наведува, за течењето на собраниската седница и изјавите на пратениците Зоран Заев и Таљат Џафери. Ова новинарско право никој не ѝ го попречил. Откако во зградата упаднала толпа граѓани и се однесувала насилно, Собранието повеќе не заседавало, со што, она за кое тужителката била акредитирана и присутна – не се одвивало, па не може да се прифати дека ѝ било повредено правото на изразување. Судот забележува дека тужителката наместо да покаже страв и да се грижи за своето здравје и телесен интегритет, наведува дека и по самиот упад била вклучена во живо на нејзиниот фејсбукпрофил со цел да известува за како што појаснува, нередот во собраниската зграда. Оттука, судот оценува дека истата смета дека е и повредено правото да известува за настанатиот неред кој го попречил заседавањето на собранието.“
Во продолжение на Пресудата се наведува дека тужителката како новинар, кој во смисла на член 2 од Законот за медиумите е лице кои врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум, не била ограничена од државата во ова право, туку при мирни услови ѝ било дозволено да известува за заседавањето на Собранието. Како што беше објаснето, при акти на тероризам и демонстрации државата има должност да го штити човековиот интегритет, па во конкретниот случај била должна само да го обезбеди животот и здравјето на тужителката, а не и да го штити нејзиното новинарско право, особено во ситуација кога она за што била акредитирана да известува – било прекинато со чин од други лица, а всушност истата сакала да известува за нередот кој се одвивал. Според логиката на тужителката, произлегува дека државата преку органите на заштита, наместо да се грижи за здравјето на пратениците и останататите присутни кои не биле дел од насилната толпа, требало да се насочи кон тоа да и обезбеди можност да известува за настанот. Ваквото тврдење на тужителката овој суд го оцени како неблагодарно, бидејќи произлегува дека органите на заштита требало да запрат со заштитата на животот и здравјето на останатите и да се насочат кон заштита на новинарското право на тужителката. Од друга страна, а по принципот на субјективната одговорност, да се смета дека упадот во Собранието е чин на државата со цел да се спречи правото на изразување на тужителката како новинар би било премногу смело, меѓутоа овој суд евентуално би прифатил да разгледува и вакво тврдење, само доколку за тоа беа приложени докази. Оттука, овој суд смета дека фактот што терористичкиот акт или јавната демонстрација се случувале во време и место каде што тужителката ја вршела својата новинарска професија, не значи дека станува збор за мешање на државата во нејзиното право, а државата по принципот на објективната одговорност (заради видот на настанот) може да одговара само при настаната повреда на телесниот интегритет на тужителката, кој за среќа не е повреден, меѓутоа не и за нејзините новинарски права.
На крајот во Пресудата е истакното дека овој суд оценил дека е потребно да се напомене и дека слободата на изразување е двострана и значи дека новинарите имаат право да известуваат, а граѓаните да примаат информации, што значи и на сите останати им било оневозможено да примат точна и детална информација за случувањата, меѓутоа истото не значи дека државата има објективна одговорност спрема нив за повреда на ваквото право.
Против првостепената пресуда, подносителката поднела жалба до Апелациониот суд Скопје, кој на ден 19.12.2024 година ја донел Пресудата ГЖ-3340/22 со која жалбата на подносителката се одбива како неснована, со образложение дека „Неоснованоста на ваквите жалебни наводи произглегува оттаму што членот 10 од Европската конвенција за човекови права и толкувањето на овој член се однесува на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство, како што бил настанот од 27 април 2017 година. Толкувањето на овој член во услови како конкретниов, со тоа што тужителката како новинар била оневозможена да известува, претставува толкување на одредбата надвор од нејзината цел поради која е утврдена. Во една таква ситуација на настан како 27 април 2017 година, државата има обврска да се грижи за здравјето, животот и имотот на сите физички и правни лица, па не може да стане збор дека државата не им овозможила на тужителката како новинар и останатите лица како новинари да ги изразат своите мислења и идеи без страв.“
Став на вторстепениот суд е дека имајќи го предвид видот на штети за кои одговара тужениот кои се определени со член 166 став 1 од ЗОО, судот правилно утврдил дека тужениот не одговара за штета во вид на повреда на слободата на изразувањето. Имено, правилно првостепениот суд утврдил дека од тужбените наводи произлегува дека на наведениот ден на тужителката и било дозволено како акредитиран новинар да известува од Собранието и ова новинарско право никој не ѝ го попречил. Откако во зградата упаднала толпа на граѓани и се однесувала насилно, имајќи ја предвид целосно настанатата ситуација во која се затекнала и тужителката, судот правилно утврдил дека не може да се прифати дека ѝ било повредено правото на изразување.
Исто така, овој суд смета дека првостепениот суд правилно утврдил дека тужителката како новинар кој во смисла на член 2 од Законот за медиумите, е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум, не била ограничена од државата во ова право, туку при мирни услови ѝ било дозволено да известува од заседавањето на Собранието. Имајќи предвид дека при акти на тероризам или демонстрации, државата има должност да го штити човековиот интегритет, поради што државата во конкретниот случај била должна да пред сè да го обезбеди животот и здравјето на тужителката, додека нејзиното новинарско право, во ситуација на немири и нереди предизвикани од други лица не било повредено од страна на државата.
И на крајот, во второстепената пресуда се наведува дека судот правилно ценел дека фактот што терористичкиот акт или јавната демонстрација се случувале во време и место каде што тужителката ја вршела својата новинарска професија не значи дека станува збор за мешање на државата во нејзиното право, а државата по принципот на објективната одговорност (заради видот на настанот) може да одговара само при настаната повреда на телесниот интегритет на тужителката, кој не е повреден, меѓутоа не е и за нејзините новинарски права. Имајќи го предвид горенаведеното, како овој вид штета не е опфатен со објективната одговорност на државата, тужителката повредата требало да ја докажува по принцип на субјективна одговорност, што значи дека нема повреда на правото на слобода на изразување.
Во барањето се наведува дека загрижува и е апсолутно недозволиво Апелациониот суд Скопје да не ги почитува одлуките и ставовите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во однос на кои има наведено дека:
„Апелациониот суд Скопје при одлучувањето имаше предвид дека со поднесок од 05.09.2023 година, полномошникот на тужутелката Адвокат Филип Медарски од Скопје, достави Одлука У.бр.142/2023 од 12.07.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесена по повод правосилно завршен предмет МАЛВП-705/20 на Основен граѓански суд Скопје, којшто е сличен со предметниот спор и во самата Одлука, Уставниот суд наведува дека „е основано да се тврди дека државата во наведените вонредни и насилни околности го повредила правото на слободно изразување на мислата“. Меѓутоа, и во одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, е наведено дека Европскиот суд за човекови права нагласува дека член 10 од ЕКЧП создава позитивна обврска за државата да обезбеди заштита на оние коишто се во ризик од физички или друг вид на напад поради остварување на нивната слобода на изразување, на пример во предметот Ozgur Gundem v. Turkey 2000, Европскиот суд за човекови права потсетува на важноста на слободата на изразување како предуслов за функционална демократија, но при детерминирањето дали постои позитивна обврска треба да се погледне дали бил направен фер баланс помеѓу јавниот интерес во општеството и интересот на индивидуата. Опсегот на оваа обврска неминовно ќе варира земајќи ги предвид разноликоста на ситуациите во договорните држави, но ваквата обврска не треба да се толкува на начин што ќе наметне невозможен или диспропорцинален товар на властите.“
„Оттука, по оценка на овој суд е дека во една таква ситуација на настан како на 27.04.2017 година, државата има обврска да се грижи за здравјето, животот и имотот на сите физички и правни лица, па не може да стане збор дека државата не им овозможила на тужителката како новинар и останатите лица како новинари да ги изразат своите мислења и идеи без страв, со оглед дека спротивно, би претставувало наметнување невозможен или диспропорционален товар на властите.“
Имено, ваквиот став на Апелациониот суд Скопје е апсолутно недозволив, особено што од реториката јасно може да се увиди дека судот е максимално субјективен и непрофесионален, од причина што и покрај обврската да биде независен и непристрасен, истиот се става во улога на заштитник на државата и притоа се грижи дека со усвоените тужбени барања на новинарите, би се наметнал диспропорционален товар на властите.
Во таа насока, подносителката преку нејзиниот полномошник укажува и на тоа дека апсполутно непрофесионално и деградирачки за институција како што е Апелациониот суд Скопје, е да изготви одлука со образложение во кое е наведено следното:
„Од друга страна, овој суд имаше предвид дека ефектите на одлуките на Уставниот суд на Република Северна Македонија со кои се поништува поединечен конечен акт или правосилен акт со кој е повредена некоја слобода или право на граѓанинот, се ограничуваат само помеѓу странките во спорот кој е решен со поништениот акт, односно дејство на ваквите одлуки на Уставниот суд е inter partes.“
Според наводите во барањето, видно од ваквиот став на Апелациониот суд Скопје, јасно може да се заклучи дека советот кој постапувал по предметот нема основни познавања од позитивно-правните прописи, со оглед на тоа дека воопшто не го зел предвид член 81 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со кој е предвидено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти.
Подносителката ја има примено Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје, на ден 10.04.2025 година, преку нејзиниот полномошник, адвокат Филип Медарски од Скопје. Исто така, во барањето се предлага Уставниот суд да го прибави предметот 3 П4-240/22 на Основниот граѓански суд Скопје, па врз основа на грижлива оценка на секој доказ поединечно и како целина, да донесе одлука со која ќе утврди повреда на правото.
Со ваквите заклучоци на првостепениот и второстепениот суд, на кој се засноваат предметните пресуди, повредена е уставно гарантираната слобода на изразување на подносителката и член 10 од Европската конвенција за човекови права, од аспект на безбедноста на подносителката како новинар. Тргнувајќи од одредбите на Уставот и Европската конвенција за човекови права, новинарите уживаат заштита во рамки на гарантираната слобода на изразување (гарантирана слобода на јавно информирање од член 16 од Уставот, како и слободата на изразување од член 10 од Европската конвенција).
Видно од образложението на второстепениот суд, може да се заклучи дека член 10 од ЕКЧП го толкува на начин дека се однесува на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство, како што бил настанот од 27 април 2017 година. Тоа можеби би било правилна констатација, но во поинаква фактичка состојба, односно доколку подносителката сама, своеволно решила да присуствува на демонстрациите и заедно со демонстрантите влегла во Собранието, па во таква ситуација нешто да и се случи при вршење на својата дејност. Тука се работи за сосема поинаква фактичка состојба. Подносителката како новинар, присуствувала на редовна седница на Собранието, каде што известувала за прашања од јавен интерес, додека истовремено имало демонстрации надвор пред Собранието. Должноста на државата била да спречи каков било обид за влегување во Собранието.
Оттука, апсолутно погрешен е заклучокот на двата суда дека во конкретниот случај, член 10 од ЕКЧП и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија не можат да најдат примена, односно дека безбедноста на подносителката не потпаѓа под овие одредби.
Анализата на образложението на двата суда, наметнува потреба од давање одговор на две прашања: во кои околности се наоѓала подносителката на барањето во Собранието на ден 27.04.2017 година и дали со неинтервенирање од страна на државата, во смисла на непреземање превентивни мерки (доволен број на полициски службеници кои ќе го обезбедуваат Собранието на Република Северна Македонија) од напади од страна на демонстрантите, претставува повреда на слободата на изразување од аспект на безбедност на новинари.
Следствено на погоре изнесеното, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, прво, не утврдиле дека подносителката известувала од мирна и нормална атмосфера за прашање од јавен интерес. Впрочем, Собранието освен што претставува највисок државен орган, каде што пратениците ја остваруваат својата политичка слобода на изразување, а новинарите слободно ги пренесуваат тие информации во јавност, треба и мора да претставува место каде што сите присутни ќе се чувствуваат безбедно при остварување на своите слободи.
Но, обврската на државата да ги заштити сите присутни во Собранието, не била исполнета. Овде не станува збор за ситуација во која подносителката како новинар известувала за конфликт, туку била предмет на напади поради непреземање мерки од страна на надлежните државни органи. Исто така, судовите требало да ја имаат предвид безбедноста на подносителката како елемент на нејзината слобода на изразување, бидејќи во Собранието била присутна како акредитиран новинар. Впрочем, од видеоснимките коишто се ценети како докази, се доаѓа до единствен заклучок дека државата не презела претходни дејствија за заштита, а оние коишто ги презела биле задоцнети.
Исто така, уште една многу битна околност која и двата суда не ја зеле предвид, е фактот дека ваквите немири се организираат од државата, односно од пратеник, министер за внатрешни работи и лица вработени во Министерството за внатрешни работи и нивни органи во состав. Оттука, неспорно треба да се земе предвид дека државата не презела никакви активности за да ги заштити присутните во Собранието, бидејќи државата ги организирала. Тие демонстрации не биле ништо поразлични од претходните. Ноторен факт е дека државата, преку апаратот на сила претходно применувала мерки и преземала активности со средства за растерување толпи пред Собранието, додека на критичниот ден 27.04.2017 година, не презела ништо да ја спречи толпата да влезе во Собранието.
Понатаму, апсолутно несериозен и дрзок е заклучокот на првостепениот суд, според кој државата преку органите за заштита, наместо да се грижи за здравјето на пратениците и останатите присутни кои не биле дел од насилната толпа, требало да се насочи кон тоа на подносителката да ѝ обезбеди можност да известува за настанот, а притоа општо познато е дека присутните со големи потешкотии се извлекоа од настанот. Овој став на судовите е неприфатлив од причина што истите сметаат дека органите на заштита требало да запрат со заштитата на животот и здравјето на останатите, да се насочат кон заштита на новинарското право на тужителката.
Од ова произлегува дека судовите апсолутно на нeхуман начин дале приоритет на здравјето на пратениците, наспроти безбедноста на подносителката и останатите новинари. Ова е неприфатливо ако се има предвид дека првостепениот суд треба да има капацитет за правилно толкување на основните човекови права и слободи, но во случајот немал предвид дека безбедноста на новинарот претставува дел од новинарското право на подносителката.
Во конкретниот случај, судовите не ги примениле соодветно Европската конвенција за заштита на човековите и член 16 од Уставот, ниту пак дале правно релевантно толкување на уставно загарантираната слобода на изразување. Она што треба да се нагласи е дека Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-717/21 од 24.02.2022 година, има дадено јасни насоки за првостепениот суд, кои воопшто не се земени предвид и навистина е нејасно како Апелациониот суд Скопје ја потврдил Пресудата 3 П4-240/22, кога е иста по содржина со пресудата којашто претходно ја укина. Дотолку повеќе што, ниту Апелациониот суд Скопје нема дадено соодветно образложение, зошто смета дека првостепениот суд правилно постапил по неговите насоки.
Исто така, Европскиот суд за човекови права нагласува дека член 10 од ЕКЧП создава позитивна обврска на државата да обезбеди заштита на оние кои што се во ризик од физички или друг вид напад поради остварување на нивната слобода на изразување. На пример, во предметот Özgür Gündem v. Turkey, во Европскиот суд за човекови права, во параграф 43 се наведува: „Судот, потсетува на важноста на слободата на изразување како предуслов за функционална демократија. Навистина, ефективното остварување на оваа слобода не се заснова само на обврската на државата да не интервенира, туку може да создава и позитивни мерки за заштита, дури и во сферата на односи помеѓу индивидуи. При детермирањето дали постои позитивна обврска, треба да се погледне дали била направен фер баланс помеѓу јавниот интерес во општеството и интересот на индивидуата, нешто што е својствено низ Конвенцијата. Опсегот на оваа обврска неминовно ќе варира, земајќи ги во предвид разноликоста на ситуациите во Договорните држави, тешкотијата во креирањето на политики на модерни општества и изборите коишто мора да се направат во зависност од приоритетите и ресурсите“.
Во друг случај, Dink v. Turkey, станува збор за убиство на новинарот Фират Динк, познат под алијасот Хрант Динк, кое убиство се случило во време кога против него се водела судска постапка заради оцрнување на турцизмот, постапка покрената по барање на националистичка група. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на член 10, во смисла да постапката против него, комбинирано со недостаток на заштита којашто му била потребна, претставува мешање во неговото право на слобода на изразување. Понатаму, во истиот случај, овој суд констатира дека државите се обврзани да создадат поволна средина за учество во јавни дебати на сите засегнати лица, овозможувајќи им да ги изразат нивните мислења и идеи без страв (§ 137), како и дека никој нема да посегне по нивната безбедност при пренесување на информации од јавен карактер.
Понатаму, во дел II. Принципи од точка 21 од Препораката CM/Rec (2016) 4 на Комитетот на министри на Совет на Европа до државите членки за заштита на новинарите и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, стои следното „Суштинска димензија инволвира примарна обврска за државата да го осигура правото на живот на начин што ќе воведе ефективни казнени одредби со кои ќе ги одврати од сторување на дела против индивидуи, поткрепено со принуден апарат за превенција, супресија и казнување за прекршување на таквите одредби. Ова, исто така, во соодветни околности, се протега на позитивна обврска на властите да преземат превентивни оперативни мерки да ги заштитат индивидуите чии што животи се во ризик од криминални активности на други индивидуи. Без оглед на се, властите мора да обрнат внимание на ранливата позиција во која новинарите се ставаат заради покривање на политичко сензитивни теми vis-à-vis оние на власт.“
Во таа насока, во барањето се наведува дека за подносителката постоела реална опасност да ѝ биде загрозен и физичкиот интегритет, со оглед дека добила директни закани по животот од страна на маскирано лице, доколку во нејзиниот мобилен телефон бидат пронајдени видеоснимки од настанот.
Исто така, цитираните пресуди од Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје имале сериозна импликација преку т.н. заладувачко дејство (chilling effect, анг.) на слободата на изразување. Ова неминовно создава импликации во судската пракса дека при вакви исти или слични настани, државата всушност нема обврска да ја заштитува слободата на изразување, односно превентивно да се грижи, да спречува или навремено да интервенира за да ја отстрани опасноста кон лицата кои ја остваруваат слободата на изразување.
Оттука, подносителката смета дека Уставниот суд има доволен основ да ги толкува член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и член 10 од ЕКЧП и да ја заштити оваа слобода. Ова особено имајќи ги предвид одлуките У.бр.146/2021 од 12.07.2023 година, У.бр.11/2023 од 10.01.2024 година и У.бр.26/2023 од 07.02.2024 година, со кои Уставниот суд утврдил сторена повреда на слободата на изразување на подносителите Влатко Стојановски, Душица Мрѓа и Горан Трпеноски, па оттаму подносителката смета дека постојат услови, Уставниот суд и во овој предмет да го заземе истиот став и да утврди повреда.
Следствено на погоре изнесеното, како и од приложените докази, неспорен факт е дека за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, државата не презела превентивни мерки за да ја спречи толпата да влезе во Собранието и не реагирала три-четири часа за да ја стабилизира состојбата. На овој начин не ја исполнила својата позитивна обврска за заштита на новинарите, а со тоа и на самата подносителка, која тој ден известувала за прашања од јавен интерес.
Оттука, подносителката предлага, Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата од член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и член 10 од Европската конвенција за човекови права и ќе утврди мерки за отстранување на повредата.
II
На седницата Судот, врз основа на анализата на наводите во барањето на подносителката, двете судски пресуди и другите докази, ја утврди фактичката состојба како што е наведено подолу.
На ден 27.04.2017 година, подносителката на барањето, била присутна во Собранието на Република Северна Македонија како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, со цел да известува за случувањата за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено, пред Собранието имало јавен собир на којшто биле присутни голем број луѓе, незадоволни од политичката ситуација.
По тензичната атмосфера во пленарната сала на Собранието и изборот на новиот претседател на Собранието, присутните пратеници се упатиле кон прес-центарот. Додека траел говорот на пратеникот Зоран Заев, на ТВ екраните поставени во прес-центарот, во живо се емитувал јавниот собир пред Собранието. Во еден момент, јасно можело да се забележи дека толпата станува насилна и дека истата се упатила кон вратите на Собранието. Пред вратите имало коридор од неколкумина полициски службеници, без никаква соодветна опрема за справување во вакви настани. Ваквото влегување воопшто не било спречено од страна на полициските службеници кои биле присутни во дворот на Собранието. И покрај овие случувања, прес-конференцијата во Собранието продолжила од причина што никој не се надевал дека ќе се дозволи влез на толпата внатре во Собранието. Во еден момент, вратите на Собранието биле отворени од внатрешна страна, од страна на пратеникот Крсто Муковски, при што толпата започнала да влегува внатре во Собранието. Подносителката на барањето во тој момент сè уште се наоѓала во прес-центарот додека се давале изјави од Зоран Заев и Талат Џафери.
Пред прес-центарот веќе се слушале звуци од толпата. Во одреден момент, присустните во прес-центарот почнале да ставаат маси едни врз други со цел новинарите и пратениците коишто биле во галеријата на прес-центарот да се симнат долу, бидејќи се проценило дека така е побезбедно за нив. Кога толпата се приближила, насилно ја отвориле вратата на прес-центарот, и со обезбедувањето и другите присутни започнале да се туркаат, викаат и насилно да влегуваат. При упадот внатре, демонстрантите гневни започнале да фрлаат по пратениците и новинарите со предмети што им се нашле на патот, па дури и со сталаци од камерите на новинарите. Подносителката за цело ова време преку својот мобилен телефон била вклучена во живо на нејзиниот фејсбук-профил, со цел да ја извести јавноста за нередот што се случува внатре во собраниската зграда.
Во еден момент кога подносителката се обидела да го напушти прес-центарот, забележала член од собраниското обезбедување, на кого се обидела да му се обрати, но забележала дека истиот се поздравува со еден од демонстрантите по што се упатила кон бифето на Собранието каде што се задржала заедно со неколку колеги новинари. За ова време постојано добивала повици од нејзината матична телевизија, но со страв одговорила на порака на еден од колегите „не е безбедно за вклучување во живо“. За ова време, однадвор се слушале страшни извици и навреди, а во тие моменти немало никакво присуство на полицијата.
За да проверат дали толпата се разотишла, подносителката и колешката Душица Мрѓа повторно заминале до прес-центарот каде што состојбата била уште подраматична поради тоа што маскирани лица ги напаѓале и политичарите и новинарите. Кога двете се обиделе да се вратат назад кон бифето биле нападнати од страна на демонстрантите. Група луѓе од толпата ги застанале и цело време ги навредувале и им се заканувале. Во еден момент, на подносителката ѝ го зеле телефонот и го удриле од ѕид. Од неа барале да ги избрише сите видеа, иако таа тврдела дека не снимала. Едно од лицата и рекол: „тешко тебе ако има снимки во телефонот.“ Исплашена за себе и својата колешка, таа се обратила до едно од лицата од кое побарала да ја извади од толпата бидејќи ќе му го даде телефонот да го провери. Лицето ја однело во посебна просторија, во Собранието именувана како сала број 4, која друго лице ја обезбедувало и не дозволувало никому пристап. Едното лице ѝ го одзело телефонот и пребарувал дали има снимки. Во тој момент таа била исплашена за својот живот. Но, откако го провериле мобилниот телефон и не пронашле снимки, лицата си заминале, по што на подносителката ѝ се слошило. Едно маскирано лице ја однело во собраниското бифе и таа го замолила да ја остави таму.
Додека била во собраниското бифе подносителката заедно со уште некои колеги исплашени за својата безбедност и живот барале помош за да се евакуираат од собраниската зграда. Но, од собраниското обезбедување добиле одговор дека немаат наредба да постапуваат. По 22:00 часот, подносителката, заедно со други лица, била евакуирана од Собранието преку собраниската гаража и сите биле однесени во касарната Ѓорче Петров.
Подносителката до Основниот граѓански суд Скопје поднела тужбено барање со кое барала да се задолжи тужениот, Република Северна Македонија да ѝ исплати на име надомест на нематеријална штета поради претрпен страв вкупен износ од 495.000,00 денари и на име надомест на повреда на слободата на изразување, вкупен износ од 120.000,00 денари, со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБРСМ, што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието, што му претходело на тековното полугодие, зголемена за 8 (осум) процентни поени, сметано од денот на пресудување, сè до конечната исплата во рок од 15 дена од приемот на пресудата, под страв од присилно извршување.
Со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година, Основниот граѓански суд Скопје го одбил наведеното тужбено барање како неосновано.
Во образложението на Пресудата се наведува:
„Барање за надомест на штета поради повреда на слободата на изразување, исто така е несновано. Видот на штети за кои одговара тужениот такстативно е наброен и ограничен со член 166 став 1 од ЗОО, според која оредба, тужениот не одговара за штета во вид на повреда на слободата на изразувањето. Оттука, бидејќи овој вид на штета не е опфатен со објективната одговорнсот на државата, тужителката, евентуална повреда на ова право треба да ја докажува по правилата на субјективната одговорност, каде основен концепт е вината (субјективната одговорност). Тужителката беше должна да докаже дека на критичниот ден тужениот имал токму таква намера. Од тужбените наводи произлегува дека на неведениот ден на тужителката и било дозволено како акредитиран новинар да известува од Собранието, а како што се наведува, за течењето на собраниската седница и изјавите на пратениците Зоран Заев и Таљат Џафери. Ова новинарско право никој не и го попречил. Откако во зградата упаднала толпа на граѓани и се однесувала насилно, Собранието повеќе не заседавало, со што, она за кое тужителката била акредитирана и присутна – не се одвивало, па не може да се прифати дека и било повредено правото на изразување. Судот забележува дека тужителката наместо да покаже страв и да се грижи за своето здравје и телесен интегритет, наведува дека и по самиот упад била вклучена во живо на нејзиниот фејсбукпрофил со цел да известува за кое што појаснува, нередот во собраниската зграда. Оттука, судот оценува дека истата смета дека е и повредено правото да известува за настанатиот неред кој го попречил заседавањето на собранието.
Во конкретниот случај, тужителката како новинар кој во смисла на член 2 од Законот за медиумите е лице кои вршат активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум, не била ограничена од државата во ова право, туку при мирни услови и било дозволено да известува за заседавањето на Собранието. Како што беше објаснето, при акти на тероризам и демонстрации државата има должност да го штити човековиот интегритет, па во конкретниот случај била должна само да го обезбеди животот и здравјето на тужителката, а не и да го штити нејзиното новинарско право, особено во ситуација кога она за што била акредитирана да известува – било прекинато со чин од други лица, а всушност истата сакала да известува за нередот кој се одвивал. Според логиката на тужителката, произлегува дека државата преку органите на заштита, наместо да се грижи за здравјето на пратениците и останататите присутни кои не биле дел од насилната толпа, требала да се насочи кон тоа да и обезбеди можност да известува за настанот. Ваквото тврдење на тужителката овој суд го оцени како неблагодарно, бидејќи произлегува дека органите на заштита требало да запрат со заштитата на животот и здравјето на останатите и да се насочат кон заштита на новинарското право на тужителката. Од друга страна, а по принципот на субјективната одговорност, да се смета дека упдатот во Собранието е чин на државата со цел да се спречи правото на изразување на тужителката како новинар би било премногу смело, меѓутоа овој суд евентуално би прифатил да разгледува и вакво трврдење, само доколку за тоа беа приложени докази. Оттука, овој суд смета дека фактот што терористичкиот акт или јавната демонстрација се случувале во време и место каде што тужителката ја вршела својата новинарска професија, не значи дека станува збор за мешање на државата во нејзиното право, а државата по принципот на објективната одговорност (заради видот на настанот) може да одговара само при настаната повреда на телесниот интегритет на тужителката, кој за среќа не е повреден, меѓутоа не и за нејзините новинарски права.
Исто така, овој суд оцени дека е потребно да се напомене и дека слободата на изразување е двострана и значи дека новинарите имаат право да известуваат, а граѓаните да примаат информации, што значи и на сите останати им било оневозможено да примат точна и детална информација за случувањата, меѓутоа истото не значи дека државата има објективна одговорност спрема нив за повреда на ваквото право.“
Незадоволна од донесената пресуда, подносителката на барањето, преку адвокатот Филип Медарски од Скопје, изјавила жалба против истата.
Апелациониот суд Скопје, со Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година, изјавената жалба ја одбил како неоснована и ја потврдил Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година.
Полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски од Скопје, на ден 10.04.2025 година ја примил Пресудата ГЖ-3340/22 на Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година.
Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд на Република Северна Македонија е поднесено на 04.06.2025 година, што е во согласност со член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, според кој барањето до Уставниот суд се поднесува во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Согласно со член 16 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.
Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Во член 110 алинеја 3 од Уставот е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
Според член 53 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.
Барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Барањето, според член 53 ставови 4 и 5 од Актот на Судот, меѓу другото, потребно е да содржи податоци за поединечниот акт кој подносителот смета дека му ги повредил слободите и правата, односно опис на дејствието со кое според подносителот му се повредени слободите и правата; означување на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот кои подносителот смета дека му се повредени; наводи во што се состои повредата; потпис на подносителот, односно лицето на кое му е издадено специјално полномошно за поднесување барање до Уставниот суд како и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштита од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Според член 2 точка 1 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/2013 и 13/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 63/2024, 74/2024, 218/2024 и 87/2025 ), медиуми се средства за јавно информирање, односно каков било вид на комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, онлајн медиуми – интернет портали, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност. Медиуми не се билтени, каталози и други форми на публикации, независно од средството за објавување, наменети исклучиво за огласување, образовниот систем или за деловна кореспонденција, за работата на трговските друштва, установите, здруженијата, политичките партии, државните и судските органи, јавните претпријатија, правни лица со јавни овластувања и верските организации. За медиуми не се сметаат и весниците и билтените на образовните институции, „Службен весник на Република Северна Македонија“, публикациите на единиците на локалната самоуправа, плакатите, летоците, проспектите и транспарентите. Според точка 5, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и/или класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар).
Со член 3 став 1 од истиот закон, се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите. Според став 2, слободата на медиумите особено опфаќа: слобода на изразување на мислења, независност на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации и отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и за разновидни содржини, достапност до информациите од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатен медиум и другите медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио/аудиовизуелни програми, самостојност на уредникот, новинарот, авторите или креаторите на содржини или програмските соработници и другите лица, а во согласност со правилата на професијата. Според став 3, слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само на оние коишто се во надлежност на Уставниот суд, според член 110 алинеја 3 од Уставот.
Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин којшто е генерален за сите, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставноправен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повреда на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.
Слободата на изразувањето е заштитена и со меѓународните документи, во кои документи се содржани и одредени ограничувања.
Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето што, меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување информации, исто така, претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста.
Врз основа на претходно наведеното, Судот утврди дека подносителката на барањето, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, заедно со други новинари, била присутна во зградата на Собранието, со задача да известува за случувањата околу изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од јавен интерес, на начин што е вообичаен за известување на медиумите за работата на Собранието, во согласност со уставната, законската и деловничката регулатива. Настаните кои следувале потоа, од страна на толпа насилни демонстранти кои упаднале во зградата на Собранието, имале за цел да го спречат изборот на претседател на Собранието.
Тргнувајќи од вака изнесената анализа, Судот утврди дека подносителката на барањето како новинар била оневозможена да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата е пропуштено да ја исполни својата позитивна обврска, а таа е да ја заштити подносителката на барањето и да ѝ овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието, а ова е пропуштено да се утврди со пресудите наведени во диспозитивот на оваа одлука. Со самото тоа постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот, основано е тврдењето дека државата, во наведените вонредни и насилни околности, го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според член 57 став 2 од Актот на Уставниот суд, Судот оцени дека оваа одлука претставува основа за да може подносителот на барањето своите права да ги реализира пред надлежните судови.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски