Павловска-Данева за Сител: Успешно емитувана првата седница на Уставниот суд во живо-чекор кон поголема транспарентност

На 06.03.2026 година, судијата проф. д-р Ана Павловска Данева гостуваше во интервју во емисијата „Тема на денот“, каде што зборуваше за унапредувањето на транспарентноста на Уставниот суд.

Во разговорот беше истакнато дека во средата, на 4 март, за првпат беше емитувана седница на Уставниот суд во живо на веб-страницата на судот, што претставува важен чекор кон поголема отвореност на институцијата кон јавноста. Ова е дел од имплементацијата на последната фаза од процесот на зголемување на транспарентноста – снимање на седниците и нивно емитување во живо.

„Сега ќе има можност секој да ја слушне нашата правна аргументација, да го слушне нашиот правен резон, кои се аргументите и зошто е донесена одлуката. Ова е всушност тоа што во светот го нарекуваат open justice, или отворена правда. И можеби ќе ги убедиме оние кои мислат спротивно, дека не е извршен никаков притисок. Можеби ќе престанат да нѐ прозиваат политичарите дека работиме за едната или другата партија“, истакна Павловска Данева.

Таа додаде дека очекува преку јавните дискусии и аргументацијата која ќе биде достапна за граѓаните да се покаже дека одлуките се носат врз основа на правни аргументи.

„Се надевам дека ќе успееме да докажеме преку нашите дискусии кои ќе бидат јавно видливи и следени дека постои правна аргументација. Во правото точно е дека не е како во математиката два плус два да се четири. Често се случува низ таа правна аргументација да го амениме ставот врз основа на аргументите од колегите и тоа е здраво и за тоа служат тие дебати,“ изјави судијата Данева. 

Видео од интервјуто: Тема на денот со Ана Павловска Данева, Уставна судијка