По одржувањето на 5. Седница на Уставниот суд, претседателот д-р Дарко Костадиновски и судијата проф. д-р Осман Кадриу одржаа прес-конференција во врска со предмети од поголем јавен интерес.
За предметите У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, 95/2025, У.бр.111/2025, 151/2025
Судот не поведе постапка за оценување на членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнувањена Законот за пензиско и инвалидското осигурување во целина и посебно членот 1 во делот „во член 37 став (1) по зборот „врши” се додаваат зборовите :на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија, “ и членот 3 во делот „во член 18 во ставот 3 по зборовите „ 28 февруари 2025 година” се додаваат зборовите: „ и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.75/2025)
Подносители на иницијативите: Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески, Kире Батев
Од изјавата на претседателот Костадиновски:
Мнозинството судии утврди дека пензионерите кои ја примаат пензијата во Република Северна Македонија и оние кои ја примаат пензијата надвор, се во иста правна состојба и тоа е точно, но не се во иста фактичка состојба. Уставниот суд има изградено огромна судска пракса кога се повредува принципот на еднаквост, односно членот 9. За да се повреди тој член, неопходно е сите субјекти да се во иста правна и фактичка состојба и доколку со едните се постапува на поинаков начин тогаш е повреда. Но, во овој случај за тоа не може да стане збор. Правната состојба им е идентична, но фактичката не е. Вториот аргумент, е дека оваа мерка е апсолутно социјална мерка и има таква природа и цел. Се поставува прашањето која е легитимната цел на таа мерка? А, тоа е истата со која се направи линеарното зголемување на пензиите, односно ублажување на последиците од зголемување на трошоците и инфлацијата. Јас имам издвоено мислење за линеарното покачување, тоа е социјална мерка и надградба на оваа мерка. По истекот на условите утврдени со оваа мерка, кои Законодавецот ги одреди, се враќа во сила законското усогласување на пензиите и во тој поглед стекнатите права важат и за тие што не живеат на територијата на Република Северна Македонија. Значи ова е социјална мерка, надградба за справување со конкретна ситуација во определен временски период.
Судијата проф. д-р Осман Кадриу беше назначен како судија-известител во овој предмет и изјави дека предложил да се поведе постапка за оспорените одредби, но не го добил мнозинството на гласови од судиите:
„Како стручен тим и јас како судија известител застанавме на стојалиште дека ваква одлука е дискриминаторска и Законодавецот со овој закон врши дискриминација врз сопствените граѓани, независно дали пензионерите живеат во нашата држава или надвор од неа, тие требада го остварат правото на пензија, вклучувајќи ги и сите зголемувања. Тие одредби кои се проблематизираат, застанавме на стојалиштето е дека правно неисправно им се ускратува правото на зголемувањето на пензиите и на сите усогласувања кои се вршат од нашите органи. На тие пензионери надвор од нашата држава им се нанесува штета и од тие причини застанавме на став дека овде се печени условите да се поведе постапка, но не ја добивме поддршката од мнозинството, а знаете дека одлуката на Судот е само онаа која ја поддржува и гласа мнозинството”, изјави судијата Кадриу.
Во врска со предметите . У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023
Уставниот суд денеска ценеше дали Законодавецот се усогласил во целост со нашитe насоки и стојалишта во Решението со кое поведовме постапка. Констатација на мнозинството судии беше дека во поглед на формалната уставност, да, се усогласил, Законот сега е донесен на начин на којшто требало да се донесе, значи не по скратена постапка, не со лажно европско знаменце, донесен е како што очекувавме поради важноста на темата. Во поглед на материјалната уставност, го разгледувавме новото решение, дел од судиите сметаат дека е далеку од идеално, но дел сметаат дека е далеку подобро од претходното законско решение. Еден од моите клучни аргументи е следниот: До 2023 та година ние имавме член 353 став 5 каде што беа уредени овие злоупотреби на јавните средства при јавни набавки и оштетувања на Буџетот. Имавме едно правно правило и Уставниот суд не најде неуставност иако имавме дилеми. Со измените од 2023 година, на сцена стапи нов правен режим, кој јас и мнозинството ги карактеризиравме како најкатастрофално нешто што можело да се случи во нашиот правен поредок. Многу критики слушнавме дека Уставниот суд бил спор, дека му требало премногу време да го реши но кажавме дека дури и 1 час да бил во примена тој закон, ќе ги направел последиците. Ние донесовме одлука, не го укинавме за да не направиме правен вакуум, му дадовме рок на Собранието и тоа донесе ново решение. Денеска констатиравме дека не е идеално, дека може да му се најдат слабости, но зошто не поведовме постапка? Затоа што ако поведеме постапка, повторно не сакаме да креираме правен вакуум за да не остане правна празнина и да не може да се санкционираат дела од кои патиме како држава, како што е злоупотреба на јавни средства. Ние ќе требаше да најдеме некое креативно решение, дали рок повторно ќе оставиме, со укинувањето би значело правна празнина и да чекаме ново законско решение. Во најава е носење на нов Кривичен законик. Не го знам решението, но една суштина ставот кај мене и судиите од мнозинството беше, зарем е нормално во една држава да имаме 4 правни режими во 3 години за тема која е многу важна? Замислете какви последици се тие кои Законодавната власт ги прави кон судската власт и после таа го вперува прстот кон судската власт оти има ниска доверба. Од тие причини се одлучивме да ја запреме постапката, делумно задоволни од усогласувањето со нашата одлука, не целосно, но заради правна сигурност, заради правна предвидливост одлучивме да ја запреме постапката.
Судијата Осман Кадриу во врска со предметот за Кривичниот законик дополни:
Jaс го издвоив мислењето и гласав против. Во образложението беше добро нагласено дека во однос на нашата одлука со која поведовме постапка поради 2 повреди и формално-уставна и уставно-материјалната повреда. Законодавецот постапил по нашата формална страна и ги почитуваше сите фази при донесување на измените. Но, она што останува проблематично е материјалниот дел, Собранието не постапило во целост по определбите на одлуката на Уставниот суд. Во таков случај, кога тоа е должно да постапува по одлуката на Уставниот суд, тогаш не ни останува ништо друго освен да поведеме постапка и за тие решенија. Имав резерва и таа резерва ја имав и сега. Станува збор за „злогласен законик” за нашата држава. Со тој законик се изврши директен атак на правниот систем и правниот поредок на земјата. Штетите ги трпиме и сега и прашање е дали и во целост ќе можеме да ги отстраниме во иднина. Ако државата под наводници може да врши амнестија, за шттетите кои се причинети на граѓаните, државата не може да се амнестира! Законодавецот задоволи формалната страна, процедурата, но не постапи по определбите на нашата одлука и да изврши корекција на тие 4 одредби за кои се задржавме и тогаш поведовме постапка. Поради последиците кои ги има овој закон и бидејќи не дава соодветно отстранување на тие последици и имав резерва и не поддржав запирање на постапка.
