Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, денеска оствари средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Северна Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата беше потврдено заемното задоволство од развојот на билатералните односи и беше истакната заедничката определба за нивно натамошно продлабочување, преку натамошно унапредување на соработката во областа на уставното судство.
Претседателот Костадиновски го информираше амбасадорот Миљаниќ за тековните активности и приоритети во работата на Судот, со посебен осврт на унапредувањето на уставно-судската практика, заштитата на уставноста и законитоста, и на човековите права и слободи, како и транспарентноста, како клучен фактор за подигнување на довербата на граѓаните во правната држава.
На средбата беше нагласено значењето на независноста и самостојноста на уставните судови како суштинска гаранција за владеење на правото и стабилноста на демократскиот капацитет.
