На одржаната 4. седница на 18. 02.2026 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 54 став 1 во делот „2024 година 10%“, став 2 во делот „2024 година 8%“ и член 59 став 1 од Законот за минимален глобален данок на добивка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/2025).
Уставниот суд оцени дека не може да стане збор за ретроактивност, како што се наведува во иницијативата, иако Законот е донесен на 27 декември 2024 година, објавен во „Службен весник“ на 3 јануари 2025 година и се применува за фискалната година започната на 1 јануари 2024 година, бидејќи даночната обврска настанува по завршувањето на фискалната година и по поднесувањето на годишната сметка, а Законот не интервенира во веќе конечни и завршени правни односи.
Законот опфаќа големи мултинационални компании и домашни групи, кои се подготвени и способни да ги прилагодат своите деловни и даночни политики, со цел: спречување на ерозија на даночната основа и агресивно даночно планирање,
обезбедување минимално ефективно оданочување од 15%, запирање на „трката кон дното“ (намалување на даночните стапки од страна на државите за привлекување инвестиции), фер распределба на даночниот товар и зголемување на јавните приходи.
Со донесувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, Република Северна Македонија се приклучи на глобалната даночна реформа како национална имплементација на Вториот столб (Pillar Two) од поширокото решение на ОЕЦД/Г20 (OECD/G20) насочено кон надминување на даночните предизвици што произлегуваат од глобализацијата и дигитализацијата на економијата. При градење на правното мислење, Судот го имаше предвид фактот дека оспорениот закон е дел од поширок меѓународен процес кој подолг период беше предмет на јавни расправи, меѓународни договори и подготовка. Субјектите на кои се однесува Законот, односно големите мултинационални и домашни групи, поради обемот и природата на своето работење, располагале со капацитет да ги следат овие процеси и да ги приспособат своите деловни и даночни политики.
Судот оцени дека во овој специфичен и тесно определен круг на даночни обврзници, примената на Законот не доведува до непредвидлива и произволна интервенција во нивните легитимни очекувања, ниту до повреда на суштината на правната сигурност.
Законот има за цел спречување на ерозија на даночната основа, обезбедување минимално ниво на оданочување и фер распределба на даночниот товар, што претставува легитимен јавен интерес од висок степен. Оттука, Судот оцени дека примената на законот од 1 јануари 2024 година е пропорционална мерка во однос на оваа цел, особено имајќи ги предвид предвидените преодни механизми и одложена примена на одредени правила.
Судот утврди дека одредбите на Законот не ја повредуваат правната сигурност и не се спротивни на принципот на забрана на повратно дејство на законите утрврден со член 52 став 4 од Уствот.