
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.86/2025
Скопје, 21.01.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Николче Митевски, адвокат од Битола, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 218 став 1 од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека одредбата е спротивна на членовите 9, 11, 32 и 34 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот преку конкретен пример ја образложува повредата на цитираните членови од Уставот. Примерот се однесува на две лица со 15 години работен стаж, од кои едното е вработено во комунално претпријатие во една општина во која остварило право на пензија бидејќи му биле уплатувани придонесите за пензиско осигурување. Другото лице вработено во комунално претпријатие во друга општина не може да го оствари тоа право бидејќи придонесите за пензиско осигурување не биле уплатувани. Ова лице преку судски пат ги остварило своите права но и покрај правосилната и извршна пресуда, но, според оспорената одредба извршителот не може да преземе извршни дејствија.
Согласно со наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 став 1 од Законот за извршување и истиот да го укине како спротивен на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 218 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023) е определено дека врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Во став 2 од овој член е утврдено дека кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Во ставот 3 од овој член, е утврдено дека никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, според член 51 од Уставот.
Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
Со Законот за извршување во член 1 став 1 се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Со став 2 од истиот член е уредено дека одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Додека пак, со став 3 од истиот член е предвидено дека одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.
IV
Предмет на оспорување со иницијативата е само ставот 1 од член 218 од Законот за извршување, но Судот надвор од наводите во иницијативата согласно со член 26 од Актот на Судот, ја ценеше уставноста и на став 2 од истиот член. Од содржината на оваа законска одредба произлегува дека со неа се предвидува и одобрува извршувањето врз предмети и права на Република Северна Македонија и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, но се пропишува дека не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот определува претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.
Оспорената одредба од Законот за извршување е систематизирана во главата осумнаесет „Посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување“, во оддел 4 „Извршување врз подвижни предмети и права спрема Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“.
Со ова законско решение законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на судска пресуда врз предмети и права, заснована на неодреден правен стандард „неопходни за вршење на дејноста“, без да се утврдат јасни и прецизни критериуми, за начинот на кој ќе се определи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста на органите на Републиката, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Со ваквото уредување правосилната судска пресуда се сведува на декларативен акт, што е спротивно на начелото на правна сигурност.
Со нормирањето во член 218 став 2 од Законот, претседателот на Судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, добива дискреционо право да одлучи дали ќе дозволи извршување врз паричните побарувања на државата и јавните субјекти на правосилни и извршни судски пресуди со парично побарување, кое иако не застарува сепак нема предвидливост во остварувањето на правото на сопственост, што е спротивно на владеењето на правото.
Имено, побарувањето утврдено со правосилна и извршна пресуда претставува имот во смисла на член 30 од Уставот. Оттука со законското исклучување на можноста за извршување, државата де факто го оневозможува уживањето на тоа право, без обезбедување на алтернативен, ефективен механизам за наплата. Таквата состојба претставува непропорционално мешање во правото на сопственост.
Иако со оспорената одредба не се предвидува укинување, ниту отпишување на обврските на Републиката како и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, туку се уредува посебен режим на извршување со кој се овозможува привремено одлагање на присилната наплата врз паричните средства, сè до моментот на обезбедување на средства на сметката. Ова реално влијае на остварување на правото на сопственост на доверителите, како и неизвесноста од извршување на правосилната пресуда.
Имено, законодавецот може да има легитимна цел, како што е уредување на ефикасно спроведување на извршувањето и заштита на правната сигурност во правниот поредок, но самото постоење на таква цел не ја прави оспорената одредба уставно прифатлива, бидејќи начинот на нејзиното остварување не ги исполнува уставните барања за правна сигурност.
Државата има обврска да изнајде механизам со кој ќе воспостави баланс помеѓу јавниот интерес и остварувањето на правата на сопственост утврдени со правосилна и извршна судска пресуда.
При формирањето на правното мислење, Судот ги имаше предвид сите околности од значење за заштита на уставноста, односно дека правниот поредок треба да се остварува преку супремација на правната норма којашто треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, којашто создава простор за слободно толкување и неконзистентна примена што може да доведе до повреда на принципот на правна сигурност на граѓаните. Во тој контекст, правната сигурност и владеењето на правото се во функција да го обезбедат и принципот на еднаквост на граѓаните утврден во член 9 од Уставот.
Врз основа на анализата на уставните одредби, притоа имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Законот за извршување, Судот оцени дека истата е нејасна и непрецизна, поради што основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски