У.бр.275/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.275/2024
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонијa и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Александар Митовски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на повреда на слободата на јавно изразување на мислата.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Александар Митовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата.

Според наводите во барањето, на ден 24.09.2019 година од страна на Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје, е поднесен Обвинителен предлог XXIX KO-2959/2019 против подносителот Александар Митовски, затоа што на 23.08.2021 година, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, така што ја објавил првата страна на Записникот за примање кривична пријава од пријавителот Орце Камчев, заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција под РО број 130/19 од 02.05.2019 година, и објавил статија под наслов „АЈ ДА ВИДИМЕ ШТО ВИКА ФЕРМАНОТ: Исказот на Орце Камчев во обвинителството ја открива целата вистина за „Рекет“, иако знаел дека согласно со член 289 од Законот за кривичната постапка сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна, со што сторил кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик.

Во однос на спорните одлуки се наведува дека на ден 04.03.2020 година, Основниот кривичен суд Скопје ја донел Пресудата IV К-1618/19 со која обвинетиот Александар Митовски бил огласен за виновен за сторено кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик и му е изречена aлтернативна мерка условна осуда со која му се утврдува казна затвор во траење од шест месеци и истовремено се определува дека истата нема да се изврши доколку обвинетиот за време од две години по правосилноста не стори ново кривично дело.

Против оваа пресуда е изјавена жалба од страна на подносителот, по што на ден 09.07.2021 година, Апелациониот суд Скопје го донел Решението КЖ-290/21 со кое неговата жалба се уважува и Пресудата IV К-1618/19 од 04.03.2020 година на Основниот кривичен суд Скопје, се укинува и предметот се враќа на повторно судење пред првостепениот суд.

Потоа на ден 18.01.2022 година, од страна на Основниот кривичен суд Скопје е донесена Пресудата IV К-1894/21, со која подносителот Александар Митовски повторно е огласен за виновен за сторено кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик и му е изречена алтернативна мерка условна осуда со која, му се утврдува казна затвор во траење од шест месеци и истовремено се определува дека истата нема да се изврши доколку обвинетиот за време од две години по правосилноста не стори ново кривично дело.

По изјавената жалба од страна на подносителот и укинување на погоре наведената пресуда, а по одржана главна расправа пред Апелациониот суд Скопје, на ден 19.07.2023 година од страна на овој суд, е донесена Пресудата КЖ-580/22, со која е потврдена првостепената пресуда.

Врховниот суд на Република Северна Македонија, по изјавената жалба од страна на подносителот, на ден 24.09.2024 година, ја донел Пресудата ВКЖ2-38/24, со која жалбата на обвинетиот Александар Митовски, се одбива како неоснована и Пресудата КЖ-580/22 од 19.07.2023 година на Апелациониот суд Скопје, е потврдена.

Погоре наведените пресуди, според подносителот, се индикација дека е сторена повреда на уставно гарантираната слобода на изразување со оглед на тоа дека не може да стане збор за кривично дело бидејќи подносителот не е службено лице, кое има пристап до информацијата, а која наводно била службена тајна.

Понатаму, се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, во својата Пресуда се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права, односно Пресудата Бедат против Швајцарија, но според подносителот од споредбата на неговиот случај со цитираниот од страна на овој суд има суштински разлики.

Според подносителот, тој не е службено лице и информациите кои ги објавил не му биле доверени нему како службена тајна (Гирлеану против Романија, Пресуда на Европскиот суд за човекови права од 26.06.2018 година). Дополнително, подносителот не ги добил објавените информации со користење на измами, закани или други начини за притисок врз друго лице да ги открие информациите (Даман против Швајцарија, Пресуда на ЕКЧП од 25.04.2006 година). Добиениот записник од страна на подносителот бил објавен интегрално, на начин како што бил добиен, односно била објавена првата страна, а неговата веродостојност била потврдена од страна на обвинителството.

Во барањето се укажува дека видно од содржината на пресудите, судовите не даваат скоро никакви аргументи за тоа кој е интересот да објавениот Записник остане доверлив. Притоа, Апелациониот суд во својата пресуда воопшто не наведува кои се тие аргументи, додека Врховниот суд декларативно наведува дека осудата е потребна заради спречување на откривање информации примени во доверба, одржување на авторитетот и непристрасноста на судството и заштита на угледот и правата на другите, без да објасни што тоа би значело во конкретниот случај и на кој начин овие заштитени вредности се повредени со објавувањето на Записникот.

На крајот, подносителот наведува дека од изложената правна и фактичка состојба, Уставниот суд треба да ги има предвид и општите стандарди на Европскиот суд за човекови права во поглед на новинарите и медиумските работници, а согласно кои „новинарите имаат должности и обврски да дејствуваат во добра намера заради обезбедување на точни и веродостојни информации во согласност со новинарската етика“ (Бладет Тромсо и Стенсаас против Норвешка, Пресуда на ЕКЧП од 1999 година). Така, „улогата на медиумите како чувар во јавноста (public watchdog) е витална за Демократскиот политички процес“ (Сандеј Тајмс против Обединетото Кралство, Пресуда на ЕКЧП од 1979 година). Понатаму, „ваквата функција на заштитник на демократијата на медиумите има посебна важност кога ќе се земе во корелација со правото на јавноста да добива и информации и идеи од јавен интерес.“ (Лингенс против Австрија, Пресуда на ЕКЧП од 1986 година).

На крајот на барањето се укажува дека Пресудата ВКЖ2-38/24 на Врховниот суд на Република Северна Македонија од 24.09.2024 година, ја примил на ден 30.10.2024 година, преку полномошникот, адвокат Виктор Цветковски од Куманово.

Од изнесените причини, подносителот предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди повреда на слободата на јавното изразување на мислата гарантирана со член 16 од Уставот.

II

На седницата Судот, врз основа на приложените и прибавени докази утврди дека на ден 23.08.2019 година, подносителот на барањето како новинар преку интернет порталот www.infomax.mk, ја објавил првата страна на Записникот за примање на кривична пријава од пријавителот Орце Камчев, заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција под РО бр.130/19 од 02.05.2019 година, на начин што напишал статија под наслов „АЈ ДА ВИДИМЕ ШТО ВИКА ФЕРМАНОТ“: Исказот на Орце Камчев во Обвинителството ја открива целата вистина за „Рекет“, при што во текстот ја вметнал и првата страна од записникот.

Основното јавно обвинителство од Скопје до Основниот кривичен суд Скопје, поднело Обвинителен предлог КО бр.2959/2019 од 20.09.2019 година, против обвинетиот, сега подносител на барањето Александар Митовски од Скопје, за сторено кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик, со предлог обвинетиот да биде огласен за виновен и казнет според законот.

Постапувајќи по обвинителниот предлог, Основниот кривичен суд Скопје, со Пресудата IV К.бр.1618/19 од 04.03.2019 година, го огласил за виновен обвинетиот, за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик и му изрекол алтернативна мерка условна осуда при што му е утврдена казна затвор во траење од шест месеци којашто била условена со несторување кривично дело во рок од две години по правосилноста на пресудата.

Апелациониот суд Скопје постапувајќи по изјавената жалба на обвинетиот Александар Митовски од Скопје, преку неговиот бранител Виктор Цветковски, адвокат од Куманово, ја укинал првостепената пресуда и предметот го вратил на повторно судење.

Основниот кривичен суд Скопје, по повторно судење ја донел Пресудата К-1894/21 од 18.01.2022 година, со која обвинетиот Александар Митовски од Скопје, повторно бил огласен за виновен за истото кривично и му била изречена истата казна и истата условна мерка.

Апелациониот суд Скопје, повторно постапувајќи по жалбата на обвинетиот Александар Митовски од Скопје, изјавена преку бранителот Виктор Цветковски, адвокат од Куманово, против Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К-1894/21 од 18.01.2022 година, по одржана главна и јавна расправа, на ден 19.07.2023 година, ја донел Пресудата КЖ-580/22 со која обвинетиот Александар Митовски од Скопје, бил огласен за виновен за сторено кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик, па согласно со тој член и одредбите од членовите 3, 4,32, 33, 35, 39, 48, 48-а, 49 и 50 од Кривичниот законик и му била утврдена казна затвор во траење од шест месеци и истовремено било определено дека истата нема да се изврши доколку обвинетиот за време од две години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Незадоволен од донесената пресуда, подносителот на барањето, преку адвокат Виктор Цветковски од Куманово, изјавил жалба против истата до Врховниот суд на Република Северна Македонија. Врховниот суд одлучувајќи по жалбата на обвинетиот ја одбил и ја потврдил пресудата на Апелациониот суд Скопје.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 16 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Во член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Во член 2 став 1 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), се предвидува дека лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Според став 2 од истиот член државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото од ставот 1 на овој член, а со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.

Членот 289 од Законот за кривичната постапка предвидува дека сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

Според член 299 став 1 од истиот закон, доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од одавањето на тајната.

Членот 360 со наслов „Оддавање службена тајна“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 36/2023 и 188/2023), во ставот 1 уредува дека тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. Во став 4 од истиот член се предвидува дека како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени како службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата.

Според член 2 точка 1 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/2013 и 13/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/2024, 74/2024, 218/2024 и 87/2025), медиуми се средства за јавно информирање, односно каков било вид на комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, онлајн медиуми – интернет-портали, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност. Медиуми не се билтени, каталози и други форми на публикации, независно од средството за објавување, наменети исклучиво за огласување, образовниот систем или за деловна коресподенција, за работата на трговските друштва, установите, здруженијата, политичките партии, државните и судските органи, јавните претпријатија, правни лица со јавни овластувања и верските организации. За медиуми не се сметаат и весниците и билтените на образовните институции, „Службен весник на Република Северна Македонија“, публикациите на единиците на локалната самоуправа, плакатите, летоците, проспектите и транспарентите. Според точка 4 на овој член, новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и/или класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар).

Согласно со член 3 став 1 од истиот закон, се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите. Според ставот 2 на овој член, слободата на медиумите особено опфаќа: слобода на изразување на мислења, независност на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации и отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и за разновидни содржини, достапност до информациите од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатен медиум и другите медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио/аудиовизуелни програми, самостојност на уредникот, новинарот, авторите или креаторите на содржини или програмските соработници и другите лица, а во согласност со правилата на професијата. Ставот 3 од истиот член, пропишува дека слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за националната безбедност, територијалниот интегритет и јавната сигурност, заштитата од немири или кривично дело, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

IV

Подносителот смета дека повредата му е сторена во својство на новинар известувајќи за прашања од јавен интерес со наведените поединечни конечни акти.

Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето, што меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување информации, претставува основа на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста.

Во конкретниот случај, од суштинско значење е содржината на Записникот за примање на кривична пријава од пријавителот Ј.К. заведен во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција под бр.130/19 од 02.05.2019 година, поради фактот што неговата содржина е од таен карактер, односно станува збор за дејствие за иницирање постапка, преземено пред надлежен јавен обвинител во предистражна постапка.

Според Судот, дејствијата на јавниот обвинител во предистражната постапка се службени дејствија на овластено службено лице, коишто имаат строго доверлив карактер и се дел од тајна постапка со цел да се спречи злоупотребата на дејствијата и податоците на државните органи и службените лица кои постапуваат по нив и имаат должност податоците и информациите со кои располагаат да ги третираат како тајни и како такви мора да бидат заштитени, согласно со член 289 од Законот за кривичната постапка.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека иако подносителот се повикува на фактот дека бил во својство на новинар кој известувал за прашања од јавен интерес, тоа не го оправдува објавувањето на податоци коишто се дел од тајна постапка, од причина што остварувањето на оваа слобода може да биде ограничено со закон во демократско општество како мерка за спречување на ширење доверливи информации, како и за зачувување на авторитетот на судството. Оттука, Судот утврди дека својството на новинар на подносителот не може да биде исклучок од забраната на јавното изразување на мислата за заштита на јавниот интерес и се применува ограничувањето на слободата на јавното изразување на мислата.

Постапувајќи по барањето и оценувајќи ги наводите на подносителот на барањето Судот го примени и т.н. трипартитен тест којшто произлегува од ставот 2 на член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права и притоа утврди дека ограничувањето на слободата на изразување е пропишано во одредбите од Кривичниот законик, дека има вмешување во смисла на изречените пресуди со основ во закон при што е направен соодветен баланс меѓу заштитата на податоците коишто се дел од тајна постапка, а имаат за цел презумпција на невиност како правни принципи, коишто не само што имаат легитимна цел и се неопходни во едно демократско општество, туку имаат и уставна гаранција наспроти потребата од јавно информирање и повикување на јавен интерес.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека се исполнети условите од ставот 2 на член 10 од Европската конвенција за човекови права коишто се однесуваат на исклучокот кога слободата на изразување може да биде ограничена.

Исто така, неспорно се утврди дека е нарушена тајноста на предистражната постапка и презумција на невиност како правни принципи. Објавувањето записник од предистражна постапка претставува повреда на тајноста, бидејќи ваквиот документ не е достапен за јавноста и служи исклучиво само за обвинителството. Неоснованото објавување може да доведе до загрозување на истрагата, повреда на приватноста и правата на осомничениот.

Поради тоа, Судот ги оцени како неосновани наводите во барањето и утврди дека во конкретниот случај не е сторена повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски