У.бр.42/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.42/2025
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр.14/2007, 103/2008, 139/2009, 156/2010, 172/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.13/2023 и 59/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на Игорчо Точев од Скопје, на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, го донесе Решението У.бр.42/2025 со кое поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр.14/2007, 103/2008, 139/2009, 156/2010, 172/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.13/2023 и 59/2025) е предвидено дека зголемувањето на основната плата и додатокот на плата за ниво од ставовите (1) и (2) на овој член, нивната висина и начинот на утврдување се уредуваат со колективен договор или подзаконски акт донесен од Управниот одбор на Дирекцијата, а средствата покрај тоа што се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија, а може да се обезбедат и од сметката за самофинансирачки активности на Дирекцијата.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 32 став 6 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Член 47 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024) предвидува дека со работата на самостојниот орган на државната управа, управната организација и органот во состав, раководи директор кој го именува и разрешува од должност Владата, доколку со закон поинаку не е определено.

IV

Законот за технолошки индустриски развојни зони којшто ја уредува организацијата на Дирекцијата, финансиското управување и правата на вработените во специфична институција со особен развоен и економски карактер за одредени прашања е lex specialis во однос на Законот за организација и работа на органите на државната управа како lex generalis.

Од анализата на член 20-а став 3 произлегува дека оваа одредба уредува прашања за плати и додатоци на плати на вработените во Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Законодавецот предвидел овие елементи да се регулираат со колективен договор, но и со подзаконски акт на Управниот одбор, а дополнително средствата за исплата може да се обезбедат не само од државниот буџет, туку и од сопствени приходи на Дирекцијата (самофинансирачки активности).

Судот оцени дека член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони е спротивен на член 32 став 5 од Уставот којшто предвидува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, но не и со подзаконски акти донесени од Управен одбор.

Оваа уставна норма претставува израз на принципот на социјален дијалог и автономија на социјалните партнери (работодавачот и синдикатот) при уредувањето на работните односи со колективен договор, во рамки на законски определените граници. Вклучувањето на подзаконски акт донесен од Управниот одбор како извор за утврдување на висината и начинот на зголемување на платата излегува надвор од уставните рамки, бидејќи дозволува управен орган да уредува прашања што според Уставот, се уредуваат со закон и колективен договор. Подзаконските акти имаат карактер на инструменти за спроведување закон, но тие не се основ за уредување права на вработените, вклучувајќи го и нивото за утврдување плата и додатоци на плата.

Оттука, Судот оцени дека член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони покрај тоа што не е во согласност со член 32 став 5 од Уставот, ниту пак е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот бидејќи дозволува уредување права од работен однос со акт којшто нема уставен основ за тоа. На тој начин се нарушува принципот на хиерархија на правните норми и се загрозува правната сигурност на вработените.

По однос на делот „може да се обезбедат и од сметката за самофинансирачки активности на Дирекцијата“ од член 20-а став 3 од Законот, Судот оцени дека истиот го повредува принципот на правна сигурност бидејќи не прецизира колкав дел од самофинансирачките активности ќе може да се користи за зголемување на платите, ниту кој орган ќе ја носи одлуката. Одредбата е недоволно јасна и прецизна и нема критериуми во Законот што би ја ограничиле или регулирале употребата на тие средства за плати и додатоци, така што правните субјекти нема да можат да ги предвидат последиците од примената на законската норма.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски