БЗСП бр.19/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.19/2025
Скопје, 28.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на политичката партија „Левица“ за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

Образложение

I

Политичката партија „Левица“, застапувана од Димитар Апасиев – претседател на партијата, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

Во барањето се наведува дека основен предуслов за спроведување демократски избори и обезбедување на политички плурализам е достапноста на политичките партии до медиумите и избалансирано медиумско покривање на сите политички опции и програми. Поради тоа подносителот смета дека треба да имаат правичен и законски пристап до медиумите, како најлесен и честопати единствен пристап до избирачите. Со Упатството за радиофузерите за локалните избори 2025 година бр.01-4137/1 од 26.09.2025 година се повредува уставното и законското право на еднаков и фер третман и на соодветно, правично и пропорционално политичко рекламирање на сите пишани и електронски медиуми, интернет портали и билборди и истото не ја отсликува реалната состојба на политичката сцена, со вклученост на сите релевантни политички субјекти од позицијата и опозицијата, кои имаат потврдени листи и реално учествуваат во изборната кампања.

Во барањето се наведува дека Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги коишто се најодговорни за спроведување на фер и демократски избори со намерно пропуштање ги повредиле уставно загарантираните права на политичко дејствување и еднаквост пред законите и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.

Од политичката партија „Левица“ за ова противуставно дејствие дознале од медуимите и тоа веднаш по завршувањето на првиот круг од локалните избори 2025 година (19.10.2025), односно на 21.10.2025 година.

Имено, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги два дена пред официјалниот почеток на изборната кампања (26.09.2025 година) донел Упатство за радиофузерите за локалните избори 2025 година, бр.01-4137/1 според кое распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање била заснована на законската одредба од Изборниот законик од 2006 година, којашто законска норма е неприменлива за локалните избори 2025.

Во донесеното Упатство во точка 3 алинеја 2 е регулирано дека „Во максимум 4 минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платено политичко рекламирање на политичка партија СДСМ (коалиција за локални избори 2025) и на политичка партија ДУИ (национална алијанса за интеграција – НАИ).“, со што намерно испуштиле и го повредиле правото на фер третман во предизборната кампања, изразено преку правото на еднаков пристап до медиумскиот простор и уставното право на примање и пренесување информации.

Со вака дефинираната одредба во Упатството исклучиво само на политичката партија „Левица“ ѝ било повредено правото на фер и еднаков третман во предизборната кампања, изразено преку можноста за еднаков пристап до медиумскиот простор и уставното право на примање и пренесување информации со што се врши директна дискриминација и повреда на еднаквоста и рамноправноста и се нанесува материјална штета на партијата.

Материјалната штета нанесена на политичката партија, според наводите во барањето е од значителни размери што го поткопува кредибилитетот на целокупниот изборен процес и го прави противуставен. Имено, рекламирањето е клучен начин преку кој граѓаните добиваат информации за политичката понуда на секоја партија.

Подносителот понатаму во барањето дава опис и на дискриминаторските дејствија на Државната изборна комисија. Имено, Државната изборна комисија, меѓу другото, е надлежна за распределба и исплата на средствата за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес. Иако, оваа комисија е должна при своето работење да ги применува принципите на правичност и еднаква застапеност, не ги применила истите и на политичката партија „Левица“ не ѝ доделила медиумски простор на платено политичко рекламирање на Локалните избори 2025, а со тоа не ѝ доделила ниту парични средства за платено политичко рекламирање.

Државната изборна комисија не презела никакво позитивно дејствие утврдено со Изборниот законик за да ја уреди правната празнина (Упатство или Правилник). Со ваквото непреземање на дејствие за да се уреди оваа правна празнина на начин што правично и пропорционално би биле распределени државните средствата на сите политички учесници во изборниот процес, според наводите претставува дискриминација.

Имено, за оваа состојба алармирале и други надлежни институции и тоа Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Народниот правобранител.

Во прилог, подносителот на барањето ги доставува: Известувањето за примена на одредбите од Изборниот законик поврзани со платено политичко рекламирање за Локалните избори 2025 година од 16.09.2025 година доставено до Собранието на Република Северна Македонија од Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија, во кое наведуваат дека како законодавен дом во рамките на своите овластувања потребно е да преземат активности со цел соодветно регулирање на член 75-ѓ ставови 1 и 12 и член 76-д став 5 од Изборниот законик, Известување за покренување на постапка од 02.10.2025 година по основ на претставка од страна на Димитар Апасиев и Решението од 24.10.2025 година од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер по основ на жалба изјавена од Димитар Апасиев против Државната изборна комисија.

Друго дејствие на дискриминација дискриминација од страна на Државната изборна комисија, според наводите е сторен на 24.09.2025 година кога било извршено влечење на ждрепка за доделување на рекламни билборди и паноа на сите учесници на изборите и за тоа биле составени записници, а политичката партија „Левица“ не била повикана ниту била опфатена со ждрепката.

Дискриминацијата и штетата, исто така, била сторена кога кандидатот за градоначалник на политичката партија „Левица“ – Амар Мециновиќ влегол во вториот круг за избор на градоначалник на Град Скопје. Имено, кандидатот за градоначалник на политичката партија „Левица“ – Амар Мециновиќ бил ставен во понеповолна и нерамноправна положба од противкандидатот на владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ – Орце Ѓорѓиевски на начин што целосно му било оневозможено политичко рекламирање (иако влегол во вториот круг за избор на градоначалник на Град Скопје), а со тоа и државните средства од Буџетот наменети за платено политичко рекламирање на политичката партија „Левица“ не ѝ биле исплатени, со што не постоела можност кандидатот да биде застапен во медиумскиот рекламен простор што е од влијание за конечните резултати од изборите и истото претставува дејствие со кое е сторена повторена продолжена дискриминација.

Имајќи ги предвид изнесените факти и правни аргументи, со барањето се предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ѝ го повредиле правото на политичко дејствување на политичката партија „Левица“ со забрана за преземање на понатамошни дејствија во иднина спрема кандидатите на оваа политичка партија, без оглед на изборниот процес. На ваков начин е сторена директна и индиректна дискриминација по основ на политичка припадност и се предлага овие државни органи да се воздржат од преземање дејствија со кои би се сторила каква било дискриминација во однос на политичката партија и нејзините кандидати, како и да се задолжат во иднина оваа партија пропорционално да го остварува своето законско право на платено политичко рекламирање.

II

На седницата Судот ја утврди фактичката состојба како што следи подолу.

Подносител на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот е политичката партија „Левица“.

Согласно со член 53 став 5 од Актот на Судот, барањето за заштита на слободи и права се достави до Основниот граѓански суд Скопје со цел да се утврди дали се исцрпени правните средства бидејќи од страна на подносителот истите не беа доставени туку беше доставено само известување за покренување постапка од страна на Народниот правобранител од кој може да се види дека подносителот на претставката има поднесено тужба од јавен интерес.

Во Одговорот – Достава на податоци во врска со БЗСП бр. 19/2025 заведен под СУ-03-1504/25 од 29.12.2025 година се наведува дека пред Основниот граѓански суд Скопје на ден 29.09.2025 година од страна на подносителот на Барањето е поднесена тужба заведена под број 16 П4-786/25 за заштита од дискриминација од јавен интерес против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со предлог за издавање времена мерка за утврдување заштита од групна политичка дискриминација. По однос на предлогот за издавање времена мерка заради обезбедување парично побарување на начин што ќе се забрани на тужениот да го достави Упатството за радиодифузерите до приватните медиуми и потоа да достави извештај на Државната изборна комисија со кој се врши распределба на времето за платено политичко рекламирање врз основа на кој потоа се исплаќаат средствата, со Решението 16 П-4-785/25 од 03.10.2025 година, предлогот го одбил како неоснован. Ова решение е потврдено од страна на Апелациониот суд Скопје со Решението од 13.11.2025 година.

По однос на предметот бр.16 П4-786/25, Судот закажал подготвително рочиште на 12.02.2026 година.

Воедно, во Основниот граѓански суд Скопје заведен е и предмет под број XXIII П4-920/25 по тужба на подносителот на барањето против тужениот Државна изборна комисија, со однос на утврдување и заштита од групна политичка дискриминација. Постапката е во фаза на подготвително рочиште коешто е закажано за 27.02.2026 година.

III

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да подесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Во ставот 3 на истиот член е наведено дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно со член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020) се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Надлежноста на редовните судови за заштита од дискриминација е утврдена во член 32 од Законот. Овој член предвидува дека лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Согласно со ставот 2 на овој член, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено. Ставот 3 на истиот член предвидува дека постапката е итна.

IV

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на еднаквост односно забраната за дискриминација претставува едно од правата коишто Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити во постапка по поднесено барање за заштита на слободите и правата.

Согласно со наведените одредби од Актот на Уставниот суд, произлегува дека непосредната заштита на слободите и правата пред Уставниот суд има супсидијарен карактер, односно дека може со поднесување на барање за заштита на слободите и правата, да се побара заштита пред Уставниот суд само откако ќе се исцрпат сите редовни и вонредни правни средства за заштита на правата пред редовните судови.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по поднесеното барање на политичката партија „Левица“, поради следните причини. Имено, во поднесеното барање подносителот наведува дека бил дискриминиран од страна на Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги бидејќи му било повредено правото на фер третман во предизборната кампања, односно еднаков третман во предизборната кампања, изразено преку право на еднаков пристап до медиумскиот пристап и уставното „право на примање и пренесување информации“ со што се врши директна дискриминација и повреда на еднаквоста и рамноправноста и се нанесува материјална штета на партијата. Притоа подносителот не дава информации, ниту пак каков и да било доказ од кој може да се заклучи дека тој ги исцрпел сите редовни и вонредни правни лекови согласно со барањата од член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, односно да се утврди дали овие наводи за дискриминација на подносителот на барањето ги има истакнато пред редовен суд во постапка врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Но, и покрај тоа, Уставниот суд се обрати до Основниот граѓански суд Скопје со барање за достава на податоци дали политичката партија „Левица“ има поднесено тужба, кој е основот на тужбеното барање и до каде е постапката. Од доставените податоци, Уставниот суд утврди дека во тек се две постапки пред редовниот суд по основ утврдување и заштита од групна политичка дискриминација и заштита од дискриминација од јавен интерес.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски