УЗ.бр.32/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.32/2025
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година („Службен гласник на Општина Карпош” бр. 21/2024 од 18.12.2024 година).

Образложение

I

Андоновска Викторија од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се цитираат одредби од Законот за буџетите, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за локалната самоуправа и се наведува дека истите се повредени со донесување на оспорениот акт од страна на општината.

Се наведува дека согласно со член 21-б ставови 1, 2 и 3 од Законот за буџетите, градоначалникот на општината подготвува предлог-план на програми за развој усогласен со насоките од Циркуларот и истиот го доставува на одобрување до советот на општината најдоцна до 20 октомври во тековната година. Советот на општината го одобрува предлогот на планот на програмите за развој најдоцна до 15 ноември во тековната година. Одобрениот план на програмите за развој е составен дел на предлогот на буџетот на општината.

Во иницијативата се цитира содржината на член 27 ставови 4 и 5 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа според кој роковите за планирање на општинскиот буџет се регулираат со буџетски календар донесен од советот на општината и со буџетскиот календар се утврдуваат роковите во кои градоначалникот до општинските буџетски корисници ги доставува главните насоки за изготвување на финансиските планови, општинските буџетски корисници ги доставуваат своите финансиски планови до градоначалникот и градоначалникот го доставува предлогот на буџетот до советот на општината.

Понатаму, се укажува дека согласно со член 23 став 1 од истиот закон буџетот на општината се состои од општ, од посебен дел и развоен дел. Додека според ставовите 5, 6 и 7 од истиот член, развојниот дел го содржи планот на програмите за развој на општините и истиот ги содржи среднорочните проекции на одобрени средства по одделни буџетски програми и потпрограми, годините во кои истите ќе се реализираат и изворите на финансирање, односно буџети и овој план на развој се ревидира секоја година.

Во иницијативата се укажува на начелата на кои се заснова донесувањето и извршувањето на буџетите предвидени во член 3 став 2 алинеи 3 и 7 од Законот за буџетите, односно начелата на специфичност и транспарентност.

Исто така, се посочува дека согласно со член 50 став 1 алинеи 2 и 7 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот и го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината.

Конкретно, во иницијативата се наведува дека Буџетот на Општина Карпош за 2025 година донесен на 17.12.2024 година и објавен во „Службен гласник на Општина Карпош“бр.21/2024 од 18.12.2024 година, е незаконски и неуставен од причини што не ја содржи Програмата за урбанистичко планирање за 2025 година, сторени се се процесни повреди на постапката за донесување на буџет, и буџетските начела, не се испочитувани законските должности на градоначалникот за контрола на прописи што ги донесува советот и на овој начин се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Републиката -владеењето на правото.

Во иницијативата се наведува дека Буџетот на Општина Карпош е предложен од страна на градоначалникот за донесување од страна на Советот на Општина Карпош, но иако бил донесен, претходно биле сторени серија повреди со кои се прекршени правилата за донесување на буџет од претходно цитираните закони.

Донесениот Буџет не содржел Програма за урбанистичко планирање за 2025 година којашто согласно со законските одредби е составен дел од планот на програмите за развој на општината – дел од развојниот план на општината којшто е еден од трите дела што треба да ги содржи општинскиот буџет.

Ова од причина што Програмата е донесена по донесувањето на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година, односно на 25.12.2024 година, со што општинските органи своеволно, без никаква законска основа ја модифицирале постапката за донесување на општински буџет онака како што ним им одговорало преку грубо прекршување на законските одредби.

Дополнително, во иницијативата се наведува дека Програмата за 2025 година е донесена, со направени повеќе повреди на законот со непочитување на утврдените рокови за доставување, разгледување и одобрување на предлог-планот на програмите за развој на општината. На овој начин прекршена е законската одредба со која се утврдени роковите за поднесување на предлог-план за програми за развој на општина уредени во Законот за буџетите и утврдени и со буџетскиот календар на Општината за 2025 година.

Последица од ваквото постапување на општинските органи е дека прикажаните податоци во делот урбанизам се паушални, бидејќи истите не се поткрепени од причина што Програмата е донесена дури откако е изгласан Буџетот на Општината. Оттука е нарушено буџетското начело на транспарентност бидејќи на јавноста не ѝ било овозможена достапност на податоците од Програмата којашто била донесена пред донесувањето на Буџетот и не била негов составен дел.

Поради ова се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година, да донесе решение за запирање на извршувањето на истиот и да го поништи.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) и член 28 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 96/2004, 67/2007, 156/2009, 47/2011, 192/2015 и 209/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 244/2019, 53/2021, 77/2021, 150/2021 и 173/2022), Советот на Општина Карпош на 58. седница, одржана на 17 декември 2024 година, го донел Буџетот на Општина Карпош за 2025 година.

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во член 2 точка 3 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 96/2004, 67/2007, 156/2009, 47/2011, 192/2015 и 209/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 244/2019, 53/2021, 77/2021, 150/2021, 173/2022, 170/2024 и 37/2025), е уредено дека Буџетот е годишен план за финансирање на надлежностите на општината, кој се состои од годишна процена на приходите по извори и на расходите по намени.

Според член 28 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната, советот на општината го донесува буџетот за наредната година најдоцна до 31 декември во тековната година, по сметки, по потпрограми и по ставки.

IV

Од направената уставно-судска анализа и прибавената документација во претходната постапка, Судот утврди дека Буџетот на Општина Карпош за 2025 година е акт чијашто важност е временски ограничена за годината за која е донесен, односно во конкретниот случај неговата важност престанала заклучно со 31.12.2025 година.

Имајќи предвид дека овој акт е исцрпен во својата примена, Судот оцени дека постои процесна пречка за одлучување по иницијативата што е причина за отфрлање на истата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски