Поведена е постапка од Законот за плати и надоместоци на функционерите во делови кои се однесуваат на уставните судии

На 3. Седница на Уставниот суд која се одржа на 4 февруари 2026 година, Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија и“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Сoцијалистичка Република Македонија” бр.36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024) .

Судот му определи рок од 60 дена на Собранието на Република Северна Македонија да го измени или дополни Законот во согласност со стојалиштата на Уставниот суд, кои се опфатени во Решението за поведување.

Како појаснување, со член 14 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија се уредува коефициентот за утврдување на плата за претседателот на Уставниот суд на Република Македонија и потпретседателот на Собранието, кој изнесува 3,08, а дополнително со член 15 од Законот, коефициентот за утврдување на плата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, судија на Уставниот суд на Република Македонија, гувернер на Народната банка на Република Македонија, државен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, изнесува до 2,85.

За судот е неспорен факт дека уредувањето на платите на судиите е “materia legis”, односно треба да биде уредено со Закон, што е исклучиво во надлежност на Собранието, но тоа не значи дека тие треба да бидат уредени со ист нормативен режим и со иста законска логика и критериуми како платите на другите носители на јавни функции од законодавната, извршната, монетарната власт. Токму поради ова, пред Судот основано се постави прашањето дека со оспорената одредба се игнорира уставната поставеност на Уставниот суд и уставните судии кои имаат најсилни можни гаранции за нивната независност и самостојност. Судот оцени дека е уставно проблематично прашањето за нивните плати – како елемент нераскинливо поврзан со нивниот статус, да биде уредено со исти критериуми за определување на кофициентите за утврдување на платите како и платите на другите носители на јавни функции, бидејќи таквиот пристап ја неутрализира уставната специфика и заштитната функција на нивниот статус.

Независноста на Судот не е декларативна, туку подразбира реални институционални гаранции, меѓу кои значајно место зазема материјалниот статус на уставните судии. Платата и начинот на нејзиното утврдување се составен дел од тие гаранции и при нивното уредување Законодавецот е должен да ја има во предвид целовитоста на Уставот и начинот на кој уставотворецот го поставил Уставниот суд во уставно-правниот поредок.

Судот оцени дека уредувањето на платите на судиите на Уставниот суд во ист нормативен режим, кој подразбира идентични критериуми и поистоветување на природата на нивните уставно утврдени надлежности со надлежностите на другите носители на јавни функции, претставува суштествена повреда на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.