На 4. седница одржана денеска, Судот поведе постапка за оценување на законитоста на член 97, ставови 6, 7, 8, 9 и 10 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи бр.01-4228/1 од 12.07.2023 година и бр.0102-4/1 од 21.07.2023 година и не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи.
Во оваа фаза од постапката Судот се сомнева дека нема законска основа за да опстои членот 97(ставови 6, 7 ,8 , 9 и 10) од Колективниот договор на Управата за јавни приходи, со оглед на фактот дека предвидува финансиска поддршка за синдикалната организација „Солидарност“ од сопствените приходи на институцијата, односно УЈП.
Законот за работните односи утврдува дека работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за работа. Меѓутоа, не постои одредба со која се дозволува директно финансиско поддржување на синдикални активности од страна на работодавачот.
Дополнително, Законот за Управата за јавни приходи јасно пропишува дека сопствените приходи на Управата, остварени од наплатени даноци и други јавни давачки, можат да се користат исклучиво за модернизација на опремата и за стимулирање на вработените. Законот не предвидува тие средства да се користат за финансирање синдикални активности.
Според Судот, постои сомнеж дека оваа одредба е спротивна на член 195 од Законот за работни односи, кој јасно пропишува дека работодавачите не смеат да вршат надзор врз основањето и работењето на синдикатите.
Пред Уставниот суд основано се постави прашањето дека УЈП, нема право да ги финансира или на кој било друг начин да ги поддржува синдикатите, доколку со тоа се создава можност за влијание или контрола врз нивното дејствување.
Во однос на неповедувањето на постапка за член 98 од Колективниот договор, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани.
Според Уставниот суд, правото на ослободување од работа со оспорениот член 98 се однесува на права на членовите на Синдикалната организација „Солидарност”, кои произлегуваат од членството и се поврзани со синдикални активности кои не можат да им бидат ускратени ниту пак може да ги стави во понеповолна положба оние кои не се членови. Ова е законски основано, впрочем и член 198 од Законот за работните односи пропишува забрана за нееднакво постапување поради синдикалното членство или активности, особено не е допуштено работникот да биде ставен во понеповолна положба од другите работници токму поради негово членство во Синдикатот или учество во синдикални активности надвор од работното време, а со согласност на работодавачот и за време на работното време.