По потпишување на Меморандум за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски денеска одржа прес-конференција на која одговори на сите прашања од новинарите. Во продолжение дел од одговорите:
За изборот на проф. д-р Гоце Наумовски за нов уставен судија:
Во уставното судство има неколку типа судии, кои имаат различен пристап во толкувањето на самиот Устав. Има такви кои ги викаме рестриктивисти кои директно се држат до словото на текстот на Уставот, текстуалисти – механички го толкуваат Уставот, но има и судии што го толкуваат во неговата најширока можна смисла и јас сум дел од тие судии. Кога доаѓаат луѓе од академијата како што е од факултетот, тоа за мене е добра вест за уставното судство. Во однос на тоа што бил советник на премиерот, јас бев советник на тројца македонски претседатели. Извршувањето на должноста е дел од карактерот и кредибилитетот на човекот. Дали бил советник на премиер или јас на тројца претседатели, нема никакво значење. Нашата работа се цени токму во оваа сала. Јас повеќе пати имам кажано и сите мои шест досегашни книги се посветени на лојалноста кон Уставот. Лојален сум на Уставот и никому друг. И тоа го очекувам и од новиот колега доколку биде избран, и од другиот што треба да биде, и од досегашните судии
За предлогот на ДУИ да има Бадентер и во Уставниот суд:
– Јас веќе го имам кажано мојот став околу оваа прашање. Бадентеровиот принцип е многу значаен принцип, но за политички органи какви што се Собранието каде се носат законите, каде се изменуваат и дополнуваат законит. Уставниот суд не е политички орган. Доколку се примени Бадентер во Уставниот суд, тоа ќе значи дека неправни туку друг тип расудувања ќе одлучуваат за уставноста и законитоста и за слободите и правата на човекот и граѓаните. Такво нешто нема никаде во светот. И затоа бев малку поостар во смисла дека ако такво нешто се случи, подобро е оваа институција да стави клуч и нема потреба од постоење на оваа институција, ако нешто такво се предвиди тука. Значи, законите и нивната примена значат гаранции за слободите и правата на секој еден граѓанин, и на немнозинските заедници. Тоа е смислата на Бадентеровиот принцип. Ако мене ме прашувате лично, јас сметам дека Бадентеровиот принцип нема место ниту во Судскиот совет, затоа што други критериуми се. Кога имате Бадентеров принцип, нема правни аргументи. Друг тип на аргументи ќе пресудуваат за одлуките
За предметот во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците:
Очекувам многу брзо да се комплетира Уставниот суд и веднаш на првиот работен состанок ќе се отвори прашањето, природно. Ние имаме заклучок дека подготвителна седница треба да се одржи. Тој не е сменет. И никој од судиите не побарал да се смени. Кај нас одлука носат пет гласа. Можеби некој судија ќе рече дека нема потреба за подготвителна седница, па тој предлог ќе оди на гласање. Сега во моментов, сѐ уште е во сила заклучокот дека треба да се одржи подготвителна седница и треба да се одржи, ако јас се прашувам, бидејќи беше мој предлог. Зашто е добро? За таа подготвителна веќе имаме донесено став, ќе се снима во живо, секој еден граѓанин ќе може на својот телефон да види за што ние расправаме во суштина
За барањето правосудниот испит да се полага на албански јазик, во контекст на уставност:
Не сакам да прејудицирам нешто и ќе се воздржам од коментар на оваа тема кога има предмет за Законот за употреба на јазиците
