На 18 февруари 2026 година, среда, со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 4. седница со Дневен ред за кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.
1. Реферат У.бр.25/2025
Оспорен акт: Член 57-г став 2 од Законот за девизно работењe(„Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001, 49/2001, 103/2001, 54/2002, 51/2003, 82/2008, 24/2011, 135/2011, 188/2013, 97/2015, 153/2015 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.110/2021 и 37/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека е беспредметно таква норма да постои, бидејќи според него, таа во примената упатува на самата себеси, а според содржината може да доведе до конфузија во примената.
2.Реферат У.бр.37/2025
Oспорен акт: Член 54 став 1 и 2 и член 59 став 1 од Законот за минимален глобален данок на добивка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/2025).
Подносител на иницијативата: Боби Спирковски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека Собранието на 27 декември 2024 година донело Закон за минимален глобален данок на добивка со кој според него, се прави ретроактивна примена, бидејќи тој смета дека Законот стапува во сила на 3 јануари 2025 година, а како појдовна основа за пресметување на дополнителниот данок се зема фискалната 2024 година, со најголем процент од 10% и 8% како даночна основица за пресметување на дополнителниот данок.
3. Реферат У.бр.146/2025
Оспорен: Член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.18/2020).
Подносител на иницијативата: Дарко Костовски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Законодавецот со оспорениот член 6 став 1 направил интервенција во членот 68 и го определил рокот во којшто инвеститорот е должен да ги изгради градбите од прва и втора категорија, не подолго од десет години од денот на правосилноста на одобрението за градење, додека со членот 62 став 1 предвидел одредбите од членот 6 со кој всушност се менува членот 68, да се применуваат и за одобренијата за градење издадени до денот на влегувањето во сила на овие законски измени (04.02.2020). Според подносителот, спорно е што таков рок за изградба на градбите не бил предвиден и практично не постоел во времето кога граѓаните поднесувале и добиле одобренија за градење, и се стекнале со дозволи за градење на градби од прва и втора категорија. На овој начин, се дозволува ретроактивна примена на Законот, се наведува во иницијативата.
4.Реферат УЗ.бр.12/2025
Оспорен акт: Член 97 и член 98 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи бр.01-4228/1 од 12.07.2023 година и бр.0102-4/1 од 21.07.2023 година
Подносител на иницијативата: Управа за јавни приходи, преку Елена Петрова, директор
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека членот 97 е во спротивност со членот 37 од Уставот со кој е загарантирано остварување на економски и социјални права на граѓаните преку основање на синдикати, но не и финансирање од страна на работодавачот кон синдикатот. Се наведува дека истата одредба е во спротивност и со Законот за УЈП според кој средствата од приходите се користат за осовременување и унапредување на опремата за работата на УЈП, како и за стимулирање на работата на вработените. Во иницијативата се наведува дека во неколку наврати синдикатот поднесувал барање за исплата на финансиска помош од сопствените приходи, со цел да бидат поддржани активностите на истата синдикална организација, и притоа тие средства биле одобрени и исплатени. Подносителот тврди дека оспорената одредба е во спротивност и со член 195 од Законот за работни односи, кој се однесува на дејствувањето на синдикатот, односно не се дозволува работодавачот да има надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите. Наведено е и дека оспорената одредба е во спротивност со членот 57 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, бидејќи според подносителот секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин, а се забранува средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење.
5.Реферат У.бр.116/2023
Оспорен акт: член 1, 2, 3, 4 и 8 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.147/2023)
Подносител: Славко Димитров
Од наводите во инцијативата:
Подносителот наведува дека содржината на оспорените членови 1,3 и 4 од Правилникот е во спротивност со членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследувањето и со негова примена се овозможува манипулирање со имотите на граѓаните и капиталот кој се прелева на располагање на поединци кои ги немаат тие права.
6. Реферат УЗ.бр.16/2025
Оспорен акт: член 9 став 2 и член 43 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.65/2019, 162/2019, 233/2020, 312/2020 и 38/2022).
Подносител на иницијативата: Вера Георгиева
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека според член 43 став 1 од Правилата, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1 степени во грејните простории во времето од 6-22 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Се тврди дека постои неусогласеност на Табеларниот норматив со правилата, во членовите 43, 1 и 5, како неусогласени со самата дејност на снабдувачот. Подносителката тврди дека температура од 15, 16, и 17 степени не е снабдување со топлина бидејќи, според неа во становите без никакво греење се постигнуваат тие температури. Дополнително се тврди дека во Договорот со ЕСМ, во член 15 Снабдувачот може да го раскине договорот без согласност на потрошувачот да пристапи кон исклучување на потрошувачот од системот на централно греење поради ненавремено плаќање на фактури за топлинска енергија. Се наведува дека оспорените делови се во спротивност со владеењето на правото.
7. Реферат УЗ.бр.23/2025
Oспорен акт: Член 9 ставови 3, 4, 5 и 6 од Правилникот за овластување за овластен геодет и за именик на овластени геодети („Службен весник на Република Македонија” бр.95/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.183/2019, 246/2024 и 70/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот Правилник не е усогласен со Законот за заштита на личните податоци, со што, според него е повредено владеењето на правото уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и членот 51 од Уставот.
