
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.28/2025 и УЗ.бр.30/2025
Скопје, 24 декември 2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт Ј 02 – опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош-Скопје бр.09-2483/18 од 13.03.2025 година, донесена од Советот на Општина Карпош („Службен гласник на Општина Карпош” бр.3 од 14 март 2025 година).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
РБЦ МЕДИА ДООЕЛ Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение и врз основа на истата е оформен предметот УЗ.бр.28/2025.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не е во согласност со членовите 8, 30, 51 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 38 и 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 50 од Законот за локалната самоуправа.
Во иницијативата се наведува дека добиената согласност од Министерството за транспорт и врски бр.24-10277/2 од 12.10.2018 година не е применета согласно со член 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, на ден 20.04.2022 година, Советот на Општина Карпош донел одлука за корекција и повторна јавна анкета којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош” бр.8/22 при што оваа одлука не е спроведена од градоначалникот на Општина Карпош.
Според наводите, Предлог-деталниот урбанистички план за градска четврт Ј02 Жданец-Нерези локалитети А, Б и В за првпат е разгледувана на седница на Советот на Општина Карпош на 13.03.2025 година, односно седум години по добиената согласност, што е спротивно на законските рокови. Во меѓувреме, од датумот на издадената согласност, па сè до одржувањето на седницата на Советот на која е донесена оспорената одлука, не се спроведени нови јавна анкета и јавна презентација.
Советот на Општина Карпош, на 20 април 2022 година, донел одлука за констатирана потреба од корекции поради кои Предлог- деталниот урбанистички план Ј032 Градска четврт Ј02, опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитети А, Б и В, Општина Карпош (со плански период 2016-2021) не е усвоен од Советот на Општина Карпош. Според член 3 од оваа одлука, градоначалникот на Општина Карпош бил задолжен во рок од 3 работни дена да достави предлог-план и барање за поништување на дадената согласност. И покрај обврската на градоначалникот да ја спроведе Одлуката на Советот, оспорената одлука е донесена на 13.03.2025 година, спротивно на Одлуката на Советот од 20 април 2022 година.
Понатаму, се наведува дека со новиот Детален урбанистички план којшто е објавен во службеното гласило на Општина Карпош бр.3/2025 од 14.03.2025 година, не е предвиден веќе експроприран пат кој е евидентиран во катастарот на КП бр.761/3 и со тоа подносителот е лишен од правото да го користи својот сопствен имот. Со ова, повредени се и член 8 од Европската конвенција за човекови права, како и член 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права.
На крајот, се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на истата, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот поради тоа што со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
Маријана Марионцу Симовска од Скопје, до Уставниот суд, исто така, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение и врз основа на истата е оформен предметот УЗ.бр.30/2025.
Според наводите, оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8 и членовите 9, 30 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, член 3 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и член 14 од Законот за општата управна постапка.
Се наведува дека подносителот е сосопственик на објект легализиран со правосилно Решение УП1 бр.47-2747 од 22.03.2017 година, издадено од Општина Карпош согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Објектот се наоѓа на КП.бр.762/7 КО Карпош, на потег Жданец кон Нерези и е впишан во катастарот на недвижности. Со оспорената одлука, овој објект не е евидентиран целосно, односно дел од куќата и парцелата е намалена во однос на фактичката состојба. Со тоа што објектот не е целосно прикажан и евидентиран во планот, подносителот смета дека му е повредено правото на сопственост.
Понатаму се наведува дека иако Советот на Општина Карпош на 20 април 2022 година донел Одлука со која се бараат корекции и повторна јавна анкета, а сè со цел да се избегнат неправилности поради временскиот период од изработка на планот во 2015 година, спроведената јавна анкета во 2016 година и старата геодетска подлога, истата не е спроведена од градоначалникот на Општина Карпош.
Со иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на законитоста и уставноста на оспорената одлука и да ја поништи. Исто така, се предлага донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.
II
На седницата Судот утврди, дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт Ј 02 – опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош – Скопје, бр.09-2483/18 од 13.03.2025 година е донесена од страна на Советот на Општина Карпош на 62-та седница одржана на 13 март 2025 година.
Согласно воведот, истата е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), како и врз основа на одредбите од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/2024 и 40/2025), а објавена е во „Службен гласник на Општина Карпош” бр.3 од 14 март 2025 година.
Одлуката содржи седум члена. Во член 1 од истата е предвидено дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за градска четврт 102 опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В. Општина Карпош Скопје. Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.
Во член 2 од оваа одлука е дефиниран просторот за кој се однесува деталниот урбанистички план како и површината на урбаниот опфат.
Според член 3 од истата, деталниот урбанистички план ги содржи следните намени: домување во посебен режим, домување во станбени куќи, домување во станбени згради, времено сместување, здравство и социјална заштита, парковско зеленило, заштитно зеленило, комунална супраструктура. Во истиот член се предвидени класи и намени на земјиштето и се одредени: облик и големина на градежна парцела, регулациона линија, градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот, процент на изграденост, максимална развиена површина на објектот, коефициент на искористеност, намена на објектот, максимална висина на објектот/до завршниот венец/од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека, паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.
Согласно член 4 од Одлуката, составен дел на истата се текстуален дел и графички прилози, додека со член 5 се утврдени начинот на заверка и потпишување на одлуката.
Во член 6 од истата е утврдено дека Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанистичко планирање на Општина Карпош.
Со член 7 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош”.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 38 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) е уредено дека на плановите од членот 7 став 1 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според став 2 на истиот член, надлежниот орган од став 1 на овој член е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.
Во член 39 став 1 од истиот закон е утврдено дека градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.
Во став 3 од истиот член е пропишано доколку градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје не го достави предлогот на планот до Советот во рокот утврден во став 1 на овој член, најмалку 1/3 од членовите на Советот може да достават предлог за донесување на предлогот на планот до претседателот на Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, кој е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.
Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе односно да не го донесе предлог планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлог планот не е донесен, според став 5 од истиот член.
Во став 6 од овој член е утврдено дека во случаите од ставот 5 на овој член, кога е донесена одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлог планот не е донесен, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен во рок од три работни дена од одржувањето на седницата на Советот, да ги достави предлог планот и донесената одлука во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, а органот е должен во рок од 10 работни дена да ги провери наводите во образложението на одлуката за констатираната неправилност и доколку утврди дека истите се основани да ја поништи дадената согласност и да го извести изработувачот на планот, а доколку утврди дека истите се неосновани повторно да го достави предлогот на планот до општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.
IV
Врз основа на прибавената документација, Судот утврди дека Советот на Општина Kарпош во врска со предметниот Детален урбанистички план спровел постапка за урбанистичко планирање со прво преземено дејствие – донесување Програма за урбанистичко планирање за 2016 година бр.08-8826/11 од 03.12.2015 година.
По донесувањето на овој акт, од страна на Општината, се спроведени се сите фази предвидени со закон, заклучно со добивањето на Согласноста бр.24-10277/2 од 12.10.2018 година издадена од Министерството за транспорт и врски на Конечниот предлог-детален урбанистички план Ј 02-опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош, со плански период (2016-2021), со плански опфат (54.10ха), изработен од Билд дооел со технички број 0801-205/16 од септември 2018 година.
Сметано од датумот кога е издадена согласноста на Конечниот предлог-детален урбанистички план градска четврт Ј 02-опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош со плански период (2016-2021), со плански опфат (54.10ха), па сè до 20 април 2022 година кога е донесена Одлуката за констатирана потреба од корекции бр.09-3199/10 од страна на Советот на Општина Карпош, пред Уставниот суд не се презентирани докази за спроведување на каква било дополнителна фаза во планирањето.
Со Одлуката бр.09-3199/10 од 20 април 2022 година, Советот на Општина Карпош согласно со член 1 од истата, констатира потреба од корекции во Предлог – ДУП Ј 02, градска четврт Ј 02, опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош (со плански период 2016-2021), поради кои истиот не го усвојува.
Советот на Општина Карпош во членот 2 од истата одлука ги образложил насоките за корекција поради кои предметниот Предлог-ДУП не е донесен: да се дефинира нов плански период, повторно разгледување и ревидирање на планско решение во однос на урбанистичките параметри зададени за дел од градежните парцели како предлог-планско решение во предметниот ДУП, повторно разгледување и ревидирање на планското решение на дел од сообраќајната инфраструктура и спроведување на повторна јавна анкета и јавна презентација во која ќе бидат имплементирани ревидираните плански решенија. Со член 3 од оваа одлука се овластува градоначалникот на Општина Карпош во рок од 3 работни дена од денот на одржувањето на осмата седница на Советот на Општина Карпош да ги достави Предлог-планот и оваа одлука во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам до Министерството за транспорт и врски и да побара поништување на дадената Согласност бр.24-10277 од 12.10.2018 година.
По повод донесената одлука, Општина Карпош се обратила до Министерството за транспорт и врски со барање за враќање чекор во информацискиот систем во врска со постапката број 7568 за предметниот Предлог-ДУП.
Министерството за транспорт и врски, со дописот бр.21-3409/2 од 17 јуни 2022 година дава одговор на барањето на Општината, се повикува на член 39 ставови 1, 3, 5 и 6 од Законот на просторно и урбанистичко планирање и дава конкретни насоки што треба да преземе Општината во натамошниот тек на планирањето.
Имено, Министерството за транспорт и врски во овој допис, наведува дека ако се исполнат сите услови, потребно е барањата да бидат во соодветна форма и комплетирани со потребните акти – Барање и образложение за констатирана неправилност поради која предлог-планот не е донесен, поткрепено од стручни лица, комисии, учесници во постапката за донесување на урбанистичкиот план.
Сметано од датумот кога Министерството за транспорт и врски дало конкретни насоки до Општината, па сè до денот на донесување на оспорената одлука на 13 март 2025 година и нејзино објавување во „Службен гласник на Општина Карпош” бр.3 од 14 март 2025 година, односно за период од приближно две и пол години, во претходната постапка, до Судот не беше доставен доказ за преземање дејствија од страна на Општина Карпош за спроведување на предвидената законска регулатива.
Како што е утврдено во точка II од ова решение, како основ за донесување на оспорената одлука, меѓу другото, наведен е и член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имајќи ја предвид содржината на член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека градоначалникот бил должен во рок од 3 работни дена од денот на добиената согласност од 12.10.2018 година, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до Советот на Општината, а претседателот на Советот бил должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, додека Советот на Општината бил должен да одлучи по истиот на истата седница.
Во конкретниот случај, имајќи предвид дека е изминат подолг временски период од денот на издадената согласност 12.10.2018 година и денот на донесувањето на оспорената одлука 13.03.2025 година, произлегува дека не е испочитуван рокот од член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Исто така, согласно со член 39 став 5 од истиот закон, доколку Советот на Општината смета дека не треба да го донесе предлог-планот затоа што истиот не е изработен согласно со законските прописи, тој е должен да донесе одлука со образложение за констатирана неправилност поради која предлог-планот не е донесен, но ова во конкретниот случај е направено отпосле по период приближно од две и пол години од денот на издавањето на согласноста, што покренува сомнеж за повреда на принципот на правна сигурност како составен дел на темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како и на темелната вредност – уредување и хуманизацијата на просторот од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Ова од причина што во толку долг временски период надвор од законските рокови, заинтересираните субјекти и граѓани биле во исчекување да ги остварат своите легитимни очекувања преку донесувањето на оспорената одлука.
По истекот на подолг временски период од добивањето на согласноста, Советот на Општина Карпош донел Одлука за констатирана потреба од корекции бр.09-3199/10 од 20 април 2022 година, со која не е усвоен предлог-деталниот урбанистички план.
Со истата одлука, помеѓу другото, се задолжува градоначалникот да побара поништување на добиената согласност од 2018 година. Во претходната постапка, до Судот не е доставен доказ дека претходно издадената согласност е поништена. Напротив, Министерството за транспорт го извести Судот дека постои само согласност за предметниот Детален урбанистички план од 2018 година и истата е доставена до Судот. Оттаму, пред Судот основано се постави прашањето какви фази во планирањето се спровеле од страна на Општината од 12.10.2018 година, кога е издадена согласноста, па сè до 20.04.2022 година, кога е донесена Одлуката на Советот на општина Карпош со која не е усвоен предметниот Детален урбанистички план, како и од овој датум, па до донесувањето на оспорената одлука од 13 март 2025 година.
Пред Судот, со основ се постави прашањето и за законитоста на оспорената одлука, од причина што спроведената постапка не е предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање. При донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани законски предвидените рокови и фази, ниту се спроведени и покрај тоа што оспорената одлука е донесена во март 2025 година, поради тоа истата е незаконита и несогласна со Уставот.
Имено, Согласноста од 12.10.2018 година е издадена од Министерството за транспорт и врски за конкретен конечен предлог Детален урбанистички план којшто на седницата на Советот на Општина Карпош на 20 април 2022 година не бил усвоен. Советот на Општина Карпош донел формална одлука бр.09-3199/10 од 20.04.2022 година, со која не го донел односно не го усвоил предложениот Детален урбанистички план, а притоа ги образложил и фазите на планирање коишто треба повторно да се спроведат.
Фактот што Советот на Општина Карпош не го донел, односно не го усвоил предложениот Детален урбанистички план, значи дека постапката мора да се врати во фазата во која биле утврдени недостатоците. Со оглед на тоа дека од тој датум па сè до носењето на оспорената одлука не се спроведени фазите во планирањето коишто се наведени во Одлуката на Советот на Општина Карпош од 2022 година, пред Судот основано се постави прашањето за законитоста на постапката во која е донесена оспорената одлука.
Имајќи го предвид погоре наведеното, односно заради непочитувањето на предвидените законски рокови и соодветните надлежности на градоначалникот и Советот на Општината, основано се постави прашањето за можна повреда на член 39 ставови 1, 5 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски