Говор на претседателот д-р Костадиновски на 9 состанок на високо ниво во Египет

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски се обрати на 9. состанок на високо ниво на претседатели на уставни, врховни судови и уставни совети на Африка koj се одржува на 7 и 8 февруари во Арапската република Египет. Во фокус на настанот се современите предизвици на уставната правда.

Костадиновски се обрати на сесијата посветена на независноста на уставната правда, при што настапи и во својство на претставник и претседавач на Балканскиот форум на уставни судови(BCCF). Во своето излагање Kостадиновски говореше за „Уставното судство во Република Северна Македонија: патот од строг формализам до жив конституционализам”.  Во прилог целосниот говор на претседателот Дарко Костадиновски:

Наслов: Уставното судство во Република Северна Македонија: патот од строг формализам до жив конституционализам

Почитуван претседател на Врховниот уставен суд на Египет, Булос Фахми Искандар,

Почитувани колеги, 

Чест ми е да се обратам на овој исклучително значаен состанок на кој ќе се разменат мислења и искуства за сегашноста и иднината на уставната правда во Африка. Денес сум со вас, како претседател на Уставен суд од друг континент, и како претседавач на Форумот на уставни судови од Балканот, со цел да споделам со вас свои видувања за значајните промени во уставното судство и во Македонија, на Балканот, во Европа.

Драги гости,

Корените на уставната правда во нашиот регион се многу длабоки. Пред три години ние во Македонија одбележавме голем јубилеј, 60 години уставно судство. Како дел од федеративната држава Југославија, уставниот суд во Македонија беше основан уште во 1963 година. Во рамките на тогашниот југословенски уставен поредок, Уставниот суд беше дел од т.н единство на власта, со надлежности, значително помали, од уставното судство во независна Македонија кое започна во 1991та година. Со Уставот од 1991 година, Уставниот суд беше поставен како орган задолжен да го штити Уставот, да ја одржува состојбата на уставност и законитост, да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, и Судот како sui generis орган беше изземен од поделбата на власта, односно беше поставен над трите власти, законодавната, извршната и судската, како нивен контролор. Како што беа големи разликите во надлежностите, така беа големи и предизвиците за Судот во демократски поредок. Едно е јасно големи беа и очекувањата на граѓаните. Јас во моето општество сум препознатлив по суровиот реализам и големата доза на самокритичност. Ако ја гледам и анализирам денешната уставна реалност во Македонија, само еден можен заклучок е објективен. Тоа е дека Уставниот суд, од независноста на државата до пред две години, во голема мера ги изневери очекувањата на граѓаните. Едноставно, не успеа да си ја заземе улогата која уставотворците му ја доделија, не се избори за неговата целосна самостојност и независност, не успеа да излезе од “стегите на политиката”, во оделни периоди беше премногу компромисен со политиката, во одредени периоди беше дури и перципиран како “подрачна единица на Владата”! Состојбата со владеењето на правото во Македонија денес, недовербата на граѓаните во целокупниот систем на власта, го потврдуваат ова. Еве ви уште еден показател, изминативе седум години имам 57 издвоени мислења, што не говори добро за Судот!

Драги колеги,

Ваквата реалност во Македонија, започна во значителна мера да се менува, изминативе две години. Во мај 2024 година Уставниот суд донесе нов Акт на Судот. Како резултат на судски активизам, зголемена храброст и одлучност кај судискиот состав, користејќи ја уставната можност Судот да биде саморегулатор (ова бидејќи Македонија е уникатен пример во Европа каде нема закон за Уставен суд туку Судот е саморегулатор), Уставниот суд самиот воведе значајни новини во функција на поефикасно работење, во функција на статусна, административна и буџетска независност, новини значајни за заштитата на Уставот. Со тоа Уставниот суд на некој начин ја следеше практиката од Европските судови и полека излегуваше од строгиот формализам, и од тврдиот Келсенов концепт на “негативен законодавец”, и преминуваше во концептот на жив конституционализам во кој неминовно е да се преминува границата кон “позитивен законодавец”! Со Актот на Судот опсегот на нашата надлежност се прошири од формална контрола на уставноста кон одговорност за толкување на Уставот во насока што ќе одговори на потребите на општеството и ќе обезбеди ефективна заштита на основните права. Ваквиот судски активизам, зголемената храборст и одлучност на судискиот состав, мојот став како претседател дека нема компромиси со политиката, започна да дава значајни резултати. Изминатиов период од постапките и одлуките на Уставниот суд сведочевме на нервоза кај политичарите, нервоза кај државните органи, Собранието, Владата, што секако е значаен индикатор дека Уставниот суд е на правиот пат. Сметавме и сметаме дека ако Уставниот суд е на врвот на пирамидата на владеењето на правото, тој мора да ја преземе одговорноста, и дека само така ќе ја исполниме суштината на уставноста и законитоста и на владеењето на правото која значи: дека Уставот е lex imperium; дека никој нема повеќе власт од таа што му е дадена со Уставот и законите; дека никој не е над Уставот и дека секој е должен да го почитува Уставот.

Почитувани, 

Ова досега во кратки црти беше посветено на нашата уставна стварност. Сега дозволете ми да го задржам вашето внимание, на нешто кое е поврзано со претходното излагање за кое лично јас и како судија и претседател на Македонскиот уставен суд и во моите научни трудови сум се залагал низ текот на годините промовирајќи ја теоријата на т.н. „умерен жив конституционализам“.

Уставот е ’рбетот на правниот и политичкиот систем на една држава и основниот извор на правото. Општо е познато дека со Устав се поставуваат темелите врз кои се гради и функционира еден правен систем, во кој се содржани правилата за општественото уредување, правилата за управување, со основна цел заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Но, факт е дека Уставот е жив организам чија цел е да опстојува низ различни историски и општествени фази. Природно, уставното судство, исто така не може да ги игнорира промените.

“The world as we have created it is a process of our thinking. It canot be changed without changing our thinking”, се зборови на големиот Ајнштајн. Ако е тоа така, а така е, тогаш се разбира дека промените во глобалниот свет кои се резултат на промената во размислувањата, налагаат прифаќање и прилагодување кон промените. Во уставното судство тоа е можно преку теоријата на “жив или реален конституционализам”!

Претходно споменав дека како резултат на судски активизам кој е во суштината на овој концепт, Уставниот суд самиот воведе две значајни новини во уставното судство. Првата е воведувањето на она што во европското уставно судство се нарекува „интерпретативна одлука“. Суштината на овој тип одлуки е дека Судот направил првична оценка на уставноста, изразил сомнеж и повел постапка, а во Решението ги образложил своите правни стојалишта, но ја одложува конечната одлука и одредува временски рок на донесителот на прописот за усогласување, под репресивна „закана“ за укинувачка или поништувачка одлука. Смислата на оваа новина е Судот да го зачува интегритетот на правниот поредок и да му остави уште една (временски ограничена) можност на органот што го донел оспорениот пропис да се корегира и да се врати во сферата на уставноста за да не бидат создадени правни празнини кои би можеле да имаат сериозни импликации по поредокот.

Втората новина, претставува воведувањето на можноста, Судот да го следи остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и по свое наоѓање, да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита, кое ќе го достави до надлежниот орган.

Бенефитот од овој тип одлуки на Уставниот суд, веќе е потврден во два конкретни случаи, од кои едниот е успешно завршен, а другиот се уште е во тек. 

Воведувањето на интерпретативните одлуки и на посебните извештаи за уставноста како резултат на судски активизам, на креативно, иновативно, визионерско толкување на уставните вредности и норми согласно со духот на времето, со што се прошируваат на надлежностите на Уставниот суд, претставува еден вид “мека” ревизија на текстот на Уставот. На овој начин судскиот активизам, и промената на судската практика го детерминира реалниот изглед на Уставот, и на поредокот воспоставен со него, можеби и подобро отколку со експлицитните норми кои ги содржи.

Во реалноста и експлицитната и имплицитната надлежност на Уставниот суд водат кон постојан поголем или помал исчекор надвор од надлежноста на Уставниот суд како негативен и “упад” во областа на дејствување на позитивниот законодавец. Реакциите на ваквите “упади” од страна на позитивниот Законодавец се различни и зависат од случај до случај. Дискусијата за меѓусебниот однос помеѓу позитивните и негативните законодавци е многу интересна, но никако едноставна и лесна. Во тој комплексен однос реалноста се темели на фактот што одбранбената улога на Уставниот суд во заштитата на Уставот, повеќе не е негова единствена улога денес, а во многу земји со стабилни демократии таа повеќе не е ни негова најважна улога. Во многу случаи, уставните судови почнаа да ја утврдуваат уставната легитимност на законите што ги испитувале, а нивните одлуки во овие случаи имаа и значајни последици. Ова беше резултат на фактот што уставните судови во втората половина на 20 век не само што го бранеа, туку и почнаа да го толкуваат Уставот. „Толкувачката” улога на уставните судови, за разлика од нивната оригинална „одбранбена” функција, имаше позитивно влијание врз промовирањето на општите стандарди и насоки за дејствување на јавните власти. На овој начин, толкувајќи го Уставот, уставните судови почнаа да им обезбедуваат на државните органи концептуални алатки и стандарди за дејствување. Затоа, Уставните судови денес повеќе немаат само одбранбена задача да го штитат Уставот, туку и важна улога во создавањето на сеопфатен правен поредок.

Ваквата “нова улога“ на Уставниот суд претставува значително ограничување на моќта на законодавното тело. Самото постоење, покрај позитивниот и негативниот Законодавец, значи дека антагонизмот меѓу „двата законодавци”, е речиси неизбежен.

Но, овој антагонизам сепак може да се ублажи.

Како и другите уставни судови во Европа, така и македонскиот Уставен суд во услови на современ или т.н “нов конституционализам” напуштајќи го формализмот и приклонувајќи се кон судскиот активизам, усвои и усоврши механизми како што се интерпретативните одлуки и посебните извештаи за заштита на уставноста, кои со цел да се избегне и/или ублажи антагонизмот меѓу позитивниот и негативниот законодавец, иницираат уставна култура, дијалог, соработка, почит! 

Почитувани колеги,

И концептот на живиот конституционализам, и значајните новини кои ги воведовме, и променетите состојби во уставното судство во Македонија, изминативе две години, сакав да ги споделам со вас како инспирација за можни промени во некои од вашите уставни судови. Впрочем, визионерското толкување на уставните норми беше дел од Мадридското коминике на 6от Конгрес на Светската конференција на уставна правда на која многумина од Вас беа присутни во кое се наведува, цитирам, „уставните судови имаат задача, преку своите одлуки, да го толкуваат Уставот и да развиваат принципи, со што се поставуваат правни основи кои ги надминуваат изборните циклуси и политичките агенди. Учесниците потврдија дека заштитата на достоинството, правата и слободите на идните генерации се уставен императив. Судовите мора да обезбедат дека денешните судски одлуки нема да ги спречуваат слободите и благосостојбата на идните генерации“. Судовите не смеат да станат алатки на волјата на мнозинството, ниту да се изолираат од општествата на кои им служат. Нивната легитимност лежи во нивниот уставен мандат, правно основано расудување, процедурната транспарентност и храброста да донесуваат одлуки според уставите — дури и кога одлуките се политички непожелни”.

Да заклучам, многу одамна грчкиот филозоф Хераклит ќе констатира “The Only Constant in Life Is Change”. Ако е тоа така, а така е, природно се поставува прашањето како да се победи стравот од промените што исто така претставува единствена константа во животот? Одговорот не е едноставен, но прв чекор би бил да се свртиме кон самите себе и да се менуваме со почит, да ја менуваме политичката, правната, уставната култура. Да градиме општество во кое ќе владее правото, а не човекот. “Денес чин на врвен патриотизам претставува реалната посветеност кон владеењето на правото” – е мислата со која јас изминативе две гоини ги започнувам и завршувам сите мои јавни настапи!

Ви благодарам.