Во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема „Унапредување на функционирањето на Уставниот суд преку подобрена внатрешна организација, управување со Судот и водење на предмети, како и оценување и обука на персоналот“.
Во фокус на настанот беше презентацијата на Функционалната анализа и континуираната обука на службата како клучни инструменти за унапредување на ефикасноста, транспарентноста и квалитетот во работењето на Уставниот суд.
Ангажираните експерти ги презентираа главните наоди од Функционалната анализа, кои претставуваат основа за идентификување на приоритетни области за унапредување на внатрешната организација, управувањето со Судот и системот за водење на предмети, како и за планирање на идни активности за развој на човечките ресурси.
Преку стручна анализа на постојните организациски и управувачки процеси, беа согледани можностите за понатамошно јакнење на институционалните капацитети и подобрување на ефикасноста на Судот.
Тркалезната маса се реализираше во рамки на соработката на Уставниот суд со проектот финансиран од Европската Унија, ИПА, кој обезбедува стручна и техничка поддршка за зајакнување на капацитетите на правосудните институции и унапредување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.





