Дневен ред за 3. седница закажана за 4. февруари 2026 година во 9:30 часот

На 04 февруари 2026 година со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 3. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по 9 иницијативи за оценување на уставност и законитост.

1.Реферат У.бр.232/2024 

Оспорен акт: Член 13 став 1 и членовите 15 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 194/2024). 

Подносители на иницијативата: Даниела Бочварска, Кристијан Чушков, Весна Илиева Лубуриќ, Фидан Јусуфи, Јетмир Љика, Виктор Бубевски

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорениот закон се укинува постоењето на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и нејзините ингеренции се пренесуваат на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен заедно со сите вработени кои преминуваат во Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која има променет назив и гласи „Комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен”, наведуваат подносителите. Во иницијативата се тврди дека со оспорените законски измени се предвидува јавен оглас за именување на председател и членови Комисијата во рок од три дена по влегувањето во сила, со што се прави груба повреда на Уставот во делот на организација на државната власт, како и на утврдените надлежности. Подносителите наведуваат дека Собранието е единствено надлежно прво да донесе Одлука за утврдување на потребата за распишување на оглас за избор,а потоа и да ја донесе и објави Одлуката за оглас за именување  на претседател и членови на Државната комисија. 

2. Реферат У.бр.16/2025 

Оспорен акт: Закон за финансиските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр. 158/2010, 169/2010, 53/2011, 112/2023, 153/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 154/2023) и Правилник за начинот на вршењето на надзорот над работењето на финансиските друштва („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 107/2024).

Подносител на инцијативата: Подносител на иницијативата:Александра Илиева-Милчова, адвокатка

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека согласно Законот, НБРМ е единствено надлежна преку својата каматна политика да упатува монетарни сигнали до банките и да влијае врз висината на нивните активни и пасивни каматни стапки. Според подносителката тие сигнали не може да ги упатува до финансиските друштва ниту да врши надзор на истите, бидејќи според неа нивната поставеност е неуставна. Подносителката тврди дека со оспорнеите одредби се прави упад во уставниот поредок, надвор од НБРМ и спротивно на членот 60 став 2 од Уставот. 

3. Реферат У.бр.32/2025 

Делот „фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работна способност” од член 130 став 1 од Законот за пензинското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бp.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2024, 75/2025 и 154/2025); делот „гарантирана минимална помош“ од член 2 став 3, член 3 став 2, делот „договор на дело“ од член 5 став 1, член 12 став 4, член 20 став 1, делот „65 годиниод член 23 точка 20, член 28, член 28 став 1, член 34 став 3 и член 39 од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 142/2021 и 278/2023). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека за делот „фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност”, од членот 130 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување однапред се ограничува можноста, странката која бара остварување на некое од правата од пензиското и инвалидското, да достави докази во своја корист и со кои би можела да ја оспори оценката на Комисијата и тие докази однапред би биле отфрлени од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување при одлучувањето за некое од правата од членот 130 став 1 од Законот, бидејќи според него, Фондот одлучува исклучиво по оценката на Комисијата за утврдување на фактичката состојба. Според иницијативата, ова е во спротивност со членот 34 од Уставот кадешто е уредено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност, социјално осигурување, утврдени со закон и со колективен договор. 

4. Реферат У.бр.53/2025 

Oспорен акт: Член 12 алинеја 9 од Законот за адвокатурата (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.199/2023).

Содржина на оспорената одредба: 

Во именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнува општите услови за основање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење адвокатска дејност и ги исполнува следните услови:

  • да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката. 

Подносител на иницијативата: Атанасов Таско

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одредбата е спротивна на Уставот бидејќи престанокот на функцијата или работниот однос со судска, дисциплинска или друг вид на постапка не смее да претставува ограничувачки критериум или услов за пристап до работно место, односно до вршење на професија, дејност или должност и може да произлезе единствено врз основа на правосилна судска одлука и изречена кривична санкција. 

5. Реферат У.бр.56/2025  

Оспорен акт: член 71 став 1 точка б од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр. 72/2016, 142/2016, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/2020 и 154/2023).

Подносител на иницијативата: Славица Крстевска

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорената одредба има ограничувачка содржина која се однесува на навршени 64 години старост. Се наведува дека именуваните извршители со 64 години старост го исполнуваат условот за одење во пензија без можност да продолжат со работа до 67 годишна возраст. Според подносителот оваа норма е ограничувачка затоа што извршителите се ставени во дискриминирачка положба во однос на останатите носители на јавни овластувања.

6. Реферат У.бр.60/2025, У.бр.61/2025 и У.бр.62/2025

Оспорени одредби: член 2 став 2 во делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите”, член 50 став 1 во делот „до избор за судија или јавен обвинител”, став 3 во делот „правата и обврските” и став 4 во делот „се распоредуваат на работа” и член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонја” бр. 129/2023 и 53/2024).

Подносител на сите иницијативи: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативите: 

Подносителот наведува дека оспорените делови се нејасни и непрецизни, бидејќи не се надополнуваат и притоа упатуваат на арбитрерно толкување, со што се нарушува  начелото на владеењето на правото уредено со член 8 од Уставот. Имено, според него нејасно е какви работни задачи би извршувале кандидатите за судии и јавни обвинители во судовите или обвинителствата, се’ додека не бидат избрани за судија или јавен обвинител.

7.Реферат У.бр.22/2026  

Оспорен акт: член 14 во делот „претседател на уставниот суд на Република Македонија и” и член 15 во делот „судија на уставниот суд на Република Македонија,” од законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија)” бр.36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2013 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024″.

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

8. Реферат УЗ.бр.29/2025 

Оспорен акт: Одлука за усвојување на барање поднесено од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002″ донесена од Совет на Општина Старо Нагоричане бр.08-9/89 од 25.03.2025 година („Службен гласник на Општина Старо Нагоричане” бр.5/2025).

Подносител на иницијативата:Друштво за сообраќај, туризам и услуги ЈОЦО-ТУРС МС ДОО увоз-извоз Куманово, застапувано од управител Славица Јанчиќ

Од наводите на иницијативата:

Подносителот наведува дека Општината со донесување на одлука за избор на конкурентската компанија, го повредила Уставот и членот 55 кој гарантира еднаква правна положба на сите субјекти. Дополнително, се тврди дека општината ја избрала компанијата НИКО-ЕМ иако понудата не била најекономична. На овој начин, се тврди дека е повреден и членот 5 од Законот за јавните набавки. 

9.Реферат УЗ.бр.31/2025 

Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа, преку директорот Хаќим Рамадани

Од наводите на иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената програма е во спротивност со член 41 став 3 од Законот за локална самоуправа, бидејќи е изгласана без доволното мнозинство гласови од присутните членови на Советот, односно без предвиденото мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општината. Се тврди дека од вкупно 23 советници кои присуствувале, одлучиле само 12 советници, без гласовите на 11 советници кои гласале против одлуката. Од записниците кои потоа ги прибавил Државниот инспекторат за локална самоуправа, како надлежен орган за надзор било констатирано дека не се гласало со мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општина Кичево.