Во текот на месец ноември 2025 година, Уставниот суд оформи 25 предмети од кои во 16 предмети е оспорена уставноста, во 6 предмети е оспорена и уставноста и законитоста, две барања се поднесени за заштита на слободите и правата и едно барање за утврдување на надлежност.
I- ПРЕДМЕТИ ВО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА
1. У.бр.154/2025
Оспорен акт: Член 154 од Законот за катастар на недвижности
Подносител на иницијативата: Горан Путиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со член 154 се гарантира правната заштита на службени лица за противправно постапување за сторени повреди при запишување на промени на правото на сопственост без полноважен правен основ.Се наведува дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна при примената и дека е во спротивност со владеењето на правото уредено со член 8 од Уставот како и со член 15 од Уставот со кој е гарантирано правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд.
2. У.бр.155/2025
Оспорен акт: Делот „на стариот корисник на дивечот во ловиштето или” и член 45 став 3, од Законот за дивечот и ловството
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорените одредби е предвидена можност да Министерството за земјоделство, го даде на користење ловиште, се додека не се избере на јавен повик некој правен субјект кој ќе го користи ловиштето за ловење дивеч. Според него нејасно е кои се условите кои треба да ги исполни пранвото лице кое треба да учествува во изборот на користење на дивечот, не се содржани одредби ниту за тоа колку е тоа “времено” користење, односно колкав е временскиот период кој министерот го определува. Во иницијативата се тврди дека со доделување на „стариот корисник” се заобиколуваат одредбите од законот и без спроведување на постапка се доделува времено на стариот корисник, без да се има предвид дали тој ги исполнува обврските од договорот.
3. У.бр.156/2025
Оспорен акт: Делот „во согласност со закон” од член 18 став 5 од Законот за вештачење
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорениот дел се овозможува враќање на уплатените средства согласно закон, доколку кандидатот за вештак во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот. Според иницијативата, нејасно е кој е тој посебен закон кој ќе регулира како и каде ќе се вратат средствата и не се содржани доволно причини зошто би се овозможило со посебен закон да се регулира враќањето на средствата, наместо тоа да се предвиди со Законот за вештачење.
4. У.бр.157/2025
Оспорен акт: Делот „посебен закон” од член 10 став 2 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел не е доволно јасен и прецизен и е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност уредена со член 8 од Уставот. Според наведеното, нејасно е како во еден случај преку член 40 од Зајибит за минерални суровини е утврдено да се додели концесија за експлоатација на минерални суровини врз основа на јавен повик, а во ситуација кога концесијата на добра од општ интерес се доделува на јавни препријатија, јавни установи, трговски друштва основани од државата, општината, Градот Скопје имаат директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив.
5. У.бр.158/2025
Оспорен акт: Делот „и во форма на управен одбор” од член 55 став 3 од Законот за општата управна постапка
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот, меѓу другото наведува дека е спорно тоа што отсуството на рокови кога органот може по „службена должност” да побара во управен спор поништување на управниот договор со што се воспоставува неизвесност во правните односи. Ова е спротивно на начелото на владеењето на правото уредени со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. У.бр.159/2025
Оспорен акт: Делот „може да воведува и други финансиски инструменти доколку кај истите со подзаконски акт” од член 28 став 2 од Законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел не е доволно јасен и прецизен, наспроти целината на одредбите од законот. Според неговото гледиште, од содржината на Законот за иновациска дејност не произлегува кој го „носи” подзаконскиот акт од одредбата од членот 28 став 2, а на агенцијата и се дава можност да воведе и други финансиски инструменти. Се тврди дека со оспорениот дел се воспоставува и можноста надвор од правилата пропишани со законот, да се пропишуваат критериуми при воведувањето на „другите финансиски инструменти”.
7. У.бр.160/2025
Оспорен акт: Делот „трошоците” од член 33 став 1 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека е нејасно кои се условите/критериумите врз основа на кои ќе се пресметуваат трошоците за привремено задржаната стока или одложувањето на пуштањето на стоките во слободен промет, како и трошоците за складирање на стоките и активностите поврзани со тоа.
8. У.бр.161/2025
Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување
Подносител на иницијативата: Петар Баршиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека Законодавецот предвидел дека оспорениот закон влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник и смета дека станува збор за исклучок без образложение на причината за извршеното објавување. Се споменува и колизија на оспорената одредба со член 52 од Уставот на Република Северна Македонија.
9. У.бр.162/2025
Оспорен акт: Делот „нема” од член 39 став 3 од Законот за дивечот и ловството
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба се воспоставува привилегија за концесионерот од претходниот период на стопанисување наспроти идните концесионери на дивеч. Смета дека со наведените околности се прави дискриминација на едни на сметка на други кои веќе стекнале некое право во минатото.
10. У.бр.163/2025
Оспорен акт: Делот „пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка” од членот 39 став 1 од Законот за хидрометеоролошки работи
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел е во спротивност со владеењето на правото. Според неговото толкување се прави вмешување на едни надлежности што ги има функционерот или друго лице кое раководи со органот со лицата вработени во органот а меѓу кои е и контролата за тоа да ли прописот се спроведува од контролираниот субјект. На тој начин, се воспоставува правна несигурност, се наведува во иницијативата.
11. У.бр.164/2025
Оспорен акт: Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование
Подносители на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права, Македонско здружение за млади правници- МЗМП, Здружение за поддршка на лицата што живеат со ХИВ-ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Коалиција за секусални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ, Здружение на граѓани Инстутут за човекови права, Европски центар за права на Ромите, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост кај жените, Здружение ХОПС- Опции за здрав живот-Скопје, Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, Насилна мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на инцицијативата сметаат дека оспорените измени се спротивни на Уставот, бидејќи според нив, го намалуваат достигнатиот стандард за заштита од дискриминација и ја нарушуваат правната сигурност. Се тврди дека оспорените одредби создаваат правна несигурност и со нив се намалува степенот на заштита од дискриминација. Наведено е дека со измените се отстранети „род, сексуална ориентација и родов идентитет” и со замена на јасни упатувања кон антидискриминаторски стандарди и општо повикување на Уставот се повредуваат членот 8,9, 25,39,44 и член 16 и со нив се создава правна празнина. Се тврди дека со измените се употребуваат термините „физичко одделување” наместо „сегрегација” и на тој начин се релативизира уставната забрана на дискриминација и се отежнува ефективното санкционирање на фактичка сегрегација во образованието, спротивно на меѓународните стандарди вклучувајќи ја и пресудата на Елмазова против Северна Македонија на ЕСЧП. Подносителите тврдат дека се избришани обврски за обезбедување на информации и едукација за сексуално и репродуктивното здравје и родова еднаквост во училиштата и на тој начин Законодавецот неоправдано интервенира во суштината на правото на здравје и образование на децата, ја ограничува информативната компонента заштитена со член 16.
12. У.бр.165/2025
Оспорен акт: Законот за изменување на Законот за учебници во основно и средно образование
Подносители на иницијативата: Подносители на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права, Македонско здружение за млади правници- МЗМП, Здружение за поддршка на лицата што живеат со ХИВ-ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Коалиција за секусални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ, Здружение на граѓани Инстутут за човекови права, Европски центар за права на Ромите, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост кај жените, Здружение ХОПС- Опции за здрав живот-Скопје, Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, Насилна мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека оспорената одредба е во противност со владеењето на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и е во колизија со член 48 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Имено, подносителите тврдат дека во оспорениот Закон не се препознаени основите и нема упатувачка норма кон Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се тврди дека образованието а со тоа и учебниците не смеат да прават градација за основите за дискриминација, а во исто време да се озаконува дискриминација на најранливите, како што се лицата со попреченост, ЛГБТ и жените.
13. У.бр.166/2025
Оспорен акт: Член 157 став 8 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија
Содржина на оспорената одредба „Гонењето за повреда на морално право се презема по предлог”
Подносител на иницијативата: Славко Димитров
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба се нарушува личниот карактер на моралните авторски права гарантирани со член 47 од Уставот и се ограничува правото на автономија и достоинство на авторот. Подносителот наведува дека со уредувањето дека гонењето е „по предлог”, а не по приватна тужба. Се тврди дека државата презема улога во постапка која е без јавен интерес, туку лична. Во иницијативата е наведено дека со одредбата е во спротивност со член 25 од Уставот кој гарантира неприкосновеност на достоинството и на личниот интегритет.
14. У.бр.167/2025
Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти
Подносител на иницијативата: Александар Михајлоски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба се овозможува легализација на бесправно изградени објекти и на земјиште кое е сопственост или сосопственост на други физички или правни лица, без да е потребна согласност од тие сопственици, под услов барателот на легализацијата да потврди дека објектот бил изграден во време кога земјиштето било во државна сопственост. Имено, се наведува дека доколку објектот бил изграден на приватно земјиште на друго лице , доволно е подносителот да приложи уверение за имотен лист и изјава заверена на нотар со која ја наведува годината на изградба на објектот- а тоа е дека бил изграден кога земјиштето било во сопственост на државата, за да се продолжи постапкат за утврдување на правен статус на објектот, без согласност на актуелниот сопственик. Се наведува дека оспорениот член е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 9 став 1 и 2, член 30 став 1, 2 и 3, член 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот.
15. У.бр.168/2025
Оспорен акт: Член 8 став 3 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба се овозможува со подзаконски акт да се уредат прашања или околности под кои се смета дека е нарушен мирот од став 1 на членот 8. Се тврди дека оспорената одредба е спротивна на членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.
16. У.бр.169/2025
Оспорен акт: Ставот 24 од член 21 од Законот за спортот
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорената одредба може да доведе до забуна при нејзината примена во правниот поредок бидејќи со неа се пропишува обврската за донесување на подзаконски акт и истиот да се објави на страницата на надлежниот орган за работите од областа на спортот од ставот 6. Дополнително се тврди дека ставот 6 уредува изјавување на правен лек, па според тоа при примената може да дојде до забуна.
II- ПРЕДМЕТИ ВО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА
1 УЗ.бр.76/2025
Оспорен акт: Одлука за висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување бр.02-3764/1 од 03.07.2014 година
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Управниот одбор на Фондот ги пречекорил своите овластувања бидејќи уредил материја која треба да биде уредена со закон. Се тврди дека одредбата е во спротивност со член 1 став 1 од Уставот во кој е уреден социјалниот карактер на Републиката.
2.УЗ.бр.77/2025
Оспорен акт: Одлука за усвојување на Конечен предлог за Измена и дополнување на дел од ДУП за УБ 74, КО Тетово 2, Општина Тетово од 22.10.2024 година
Подносител на иницијативата: Министерство за транспорт, преку министер Александар Николоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето од 16.10.2017 година е спротивна на член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи е донесена после годишната програма за изработување на урбанистичките планови од страна на Општина Гостивар и е спротивна и на член 65 став 10 од Законот за животната средина. Исто така, се тврди дека Одлуката не е објавена на веб страницата на општината во рок од 5 дена од донесувањето. Подносителот тврди дека постапката за донесување на оспорената Одлука е нетранспарентна и неинклузивна бидејќи јавноста не била вклучена во процесот на донесување на планот.
3.УЗ.бр.78/2025
Оспорен акт: Уредба за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина
Подносител на иницијативата: Ненад Гавриловиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Владата ги пречекорила своите овластувања и уредила прашање, кое не е во нејзина надлежност, односно регулирала материја со донесување на Уредба, а која требала да биде уредена со Законот за облигациони односи.
4.УЗ.бр.79/2025
Оспорен акт: Правилникот за времетраењето на прегледите во специјалистичко-консултативните услуги со користење на медицинска опрема во здравствените установи во мрежата на секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорениот Правилник е регулирано времетраењето на здравствениот преглед на ниво на секундарно и терцијарно здравство, нешто за што не се прави разлика во Законот за здравствено осигурување. Понатаму, се тврди дека оспорениот подзаконски акт регулира прашања кои не се предвидени да се доразработат во акт, во самиот закон, што според подносителот е спротивно на владеењето на правото, уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
5.УЗ.бр.80/2025
Оспорен акт: Член 6 став 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за овластувањата и начинот на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување;
-делот „упатствата” од член 13 став 9 од Правилникот за овластувањата и начинот на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување;
-Делот „еднострано раскинување” од член 17 став 6 од Правилникот за овластувањата и начинот на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување
Од наводите во иницијативата:
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Подносителот тврди дека со Правилникот не се заштитени осигурениците како крајни корисници на здравствените услуги, бидејќи со склучување на договор помеѓу Фондот за здравствено осигурување и здравствената установа, во тоа удел немаат осигурениците, но доколку дојде до раскинување на тој договор, штетни последици може да трпат неопределен број на осигуреници кои редовно уплаќале здравствени придонеси. Се тврди дека осигурениците остануваат незаштитени иако исполниле свои обврски кон Фондот, а сепак остануваат без определени здравствени услуги. Се тврди дека со оспорените одредби од Правилникот се повредува член 34 од Уставот.
6.УЗ.бр.81/2025
Оспорен акт: Член 74 од Правилник за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација
Подносител на иницијативата: Дарко Јаневски
Содржина на оспорената одредба:
По исклучок, при активно откривање на невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на „студен синџир” за транспорт и чување на вакцините за соодветна диспозиција на медицински отпад, како и обезбедена антишок терапија(ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат).
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбата е нејасна и непрецизна, создава права несигурност и е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, од Уставот, односно го поткопува владеењето на правото.
III- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ
1.БЗСП.бр.18/2025
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата на граѓаните согласно член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на правото на заштита од дискриминација.
Подносители на барањето: Ордан Крстевски и Светлана Барбина
Од наводите во барањето:
Подносителите тврдат дека во кривична постапка им е ускратено правото на јавно изјаснување, правото на целосен исказ во своја одбрана како и правото на правична постапка и изнесување на докази. Се тврди дека од страна на јавен обвинител е повредено начелото на еднаквост пред законот.
2.БЗСП бр.19/2025
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата на граѓаните согласно член 110 алинеја 3 од Уставот( дискриминација по основ на политичка припадност).
Подносител на барањето: Политичка партија „Левица” застапувана од проф.д-р Димитар Апасиев
Од наводите во барањето:
Подносителот тврди дека врз политичката партија Левица е извршена дискриминација од страна на два државни органа, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Државната изборна комисија (ДИК). Се тврди дека на Левица и е забрането рекламирање за време на локалните избори во 2025 година и дека е повредена еднаквоста и рамноправноста кои се уставно гарантирани категории. Подносителот наведува дека на партијата која оспорува, не и е доделено воопшто простор за платено политичко рекламирање на локалните избори,а со тоа ниту парични средства од државниот буџет, со што се спречени да се претстават пред граѓаните преку традиционалните медиуми. Подносителот тврди дека освен со дејствување и погрешно толкување на Правилникот, ДИК им ги прекршила правата и ги ограничила во јавното претставување и со непополнување на правната празнина која ја има во Изборниот законик по ова прашање.
ПРЕДМЕТИ ВО КОИ СЕ БАРА УТВРДУВАЊЕ НА НАДЛЕЖНОСТ
1.СН.1.бр.1/25
Предмет: Предлог за утврдување на надлежност во случај на судир на надлежност меѓу Министерството за економија и труд , Државен пазарен инспекторат и Основен суд Радовиш за враќање на привремено одземени предмети
Подносители на барањето: Одделение за инспекциски надзор Струмица, државни пазарни инспектори Лидија Ефтимова и Милка Јорданова, ДПИ при Министерство за економија и труд
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека на две лица им е издадена опомена и привремено одземање на предмети поради тоа што биле фатени за вршење на нерегистрирана дејност. Постапуваат во рокот определен со опомената и се регистрираат, а потоа бараат да им бидат вратени одземените предмети. Се бара од Уставниот суд да одлучи кој е надлежен да им ги врати предметите, бидејќи се тврди дека Основниот суд Радовиш се прогласил за стварно ненадлежен да донесе таква одлука, но исто така се тврди дека со законот за прекршоците не е предвидено дека Државниот пазарен инспекторат не може да го определи враќањето на предметите бидејќи нема поднесено барање за прекршочна постапка.