
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.15/2025
Скопје, 24.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 2, член 8 став 3 точка 1 алинеи 1 и 2 и точка 2 алинеи 1 и 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај од 17.11.2023 година и Прилогот 1 на тарифниот систем каде се определени коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/2023).
Образложение
I
Борче Ѓузелов од Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите оспорените одредби се спротивни на член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се цитира содржината на оспорените одредби и се наведува дека со истите Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, потрошувачите ги дели во 4 блока.
Со ваквата поделба на блокови и разлика во цената спрема потрошувачката се прави разлика од 400% во цената на киловат час електрична енергија меѓу првиот и четвртиот блок и со тоа Регулаторната комисија ги става потрошувачите во нерамноправна положба односно некои се повластени, а други дискриминирани, што е не е во согласност со член 9 став 2 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со донесувањето на оспорените одредби се прави разлика и дискриминација помеѓу граѓаните и истите се делат во 4 групи, при што за 1 киловат час потрошена електрична енергија граѓаните плаќаат различни цени поради што едните се повластени, а другите дискриминирани, и врз основа на наведеното предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на член 7 став 2, член 8 став 3 точка1 алинеи 1 и 2 и точка 2 алинеи 1 и 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај и Прилогот 1 на тарифниот систем каде се одределени коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи и истите да ги укине и да го запре применувањето на оспорените одредби до конечното завршување на постапката по оваа иницијатива.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 7 став 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај, за домаќинствата потрошената електрична енергија во ВТ се дели на два или повеќе блока со што се дефинираат два или повеќе пресметковни елементи за потрошената електрична енергија во ВТ.
Судот, исто така, утврди дека согласно со член 8 став 3 од Тарифниот систем, за домаќинствата надоместокот за потрошената електрична енергија во ВТ се пресметува на следниот начин:
1) за потрошената електрична енергија во ВТ во првиот блок надоместокот се пресметува како:
– производ од продажната цена и вкупната потрошувачка во ВТ ако потрошувачката во ВТ е помала или еднаква на горната граница за првиот блок или
– производ од продажната цена и горната граница за првиот блок, ако потрошувачката во ВТ е поголема од горната граница за првиот блок,
2) за потрошената енергија во секој следен блок надоместокот се пресметува како:
– производ од продажната цена на тој блок и разликата помеѓу вкупната потрошувачка во ВТ и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка е помала или еднаква на горната граница за тековниот блок или
– производ помеѓу продажната цена за тој блок и разликата помеѓу горната граница на тој блок и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка во ВТ е поголема од горната граница за тековниот блок.
На седницата Судот утврди дека во Прилог 1 од Тарифниот систем се уредуваат коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи и пресметка на цените за пресметковни елементи.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3, од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија граѓаните пред Уставот и Законите се еднакви.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Регулаторната комисија за енергетика врз основа на член 24 став 1 точка 1) алинеја 8, а во врска со член 29 став 3 од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 236/2022), на 17 ноември 2023 година има донесено Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/2023).
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 14 мај 2025 година го донесе новиот Законот за енергетика, а на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика.
Во преодните и завршните одредби на Законот за енергетика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2025 и 135/25), не е предвидена обврска за носење на нов Тарифен систем, а со оглед на фактот дека во меѓувреме Регулаторната комисија за енергетика нема донесено нов тарифен систем, истиот продолжува да важи.
Во конкретниот случај, уставно-судската анализа на оспорените одредби на тарифниот систем, беше направена врз основа и на неговата усогласеност со новиот Закон за енергетика.
Имено, исто како и во претходниот Закон за енергетика, така и во новиот е предвиден тарифниот систем при што во член 3 став 1 точка 212 се наведува дека Тарифниот систем е пропис со кој се определуваат елементите за формирање на тарифите за одделни регулирани енергетски услуги, како и за определување на елементите за пресметка на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај и за продажната цена за гас од страна на снабдувачот со гас со обврска за јавна услуга.
Со член 54 став 1 точка 1 потточка 13 од Законот за енергетика е пропишано дека заради остварување на својата надлежност, Регулаторната комисија за енергетика донесува тарифни системи за продажба на електрична енергија од универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај.
Во член 61 став 1 точка 4 од Законот се наведува дека Регулаторната комисија за енергетика донесува прописи и методологии за формирање на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај.
Согласно со став 2 од истиот член, прописите и методологиите за формирање на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач може да се одредат продажни цени за одредени категории потрошувачи, согласно со обемот и периодот на потрошувачка на електрична енергија.
Според став 6 од истиот член прописите од ставот 1 на овој член, се засновани на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со нив се обезбедува вршителите на регулираните енергетски дејности да ги надоместат оправданите трошоци и да стекнат соодветен поврат на вложениот капитал преку доверливо и ефикасно спроведување на регулираните активности, а особено урамнотежување на интересите на вршителите на регулираните енергетски дејности, корисниците на енергетските системи и потрошувачите, како и заштита на потрошувачите и корисниците на енергетските системи од каква било злоупотреба на доминантната позиција на пазарот; отстранување на вкрстените субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/или нерегулираните енергетски дејности; реализација на плановите за развој на соодветните системи преку обезбедување на финансиски средства за инвестициите со кои се обезбедува одржливо и сигурно функционирање на системите, сигурност во снабдувањето и безбедност на енергетските системи вклучително и сајбер безбедноста, интеграција на пазарите на електрична енергија и гас, како и ефикасно реализирање на инвестициите; поттикнување на вршителите на регулираните енергетски дејности и корисниците на соодветните системи да ја зголемат ефикасноста во своето работење, вклучително и енергетската ефикасност и поддршка на поврзани истражувачки активности и имплементација на иновациите во интерес на потрошувачите во области како што се дигитализацијата, услугите за флексибилност и интерконективност, како и развој на паметни мрежи и паметни системи за мерење.
Во член 1 од Тарифниот систем е уредено дека со истиот се уредуваат елементите за пресметка на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач, начинот на пресметка на продажната цена за електричната енергија на потрошувачите коишто ги снабдува снабдувачот во краен случај, како и начинот на фактурирање на надоместоците за користење на преносниот и дистрибутивниот систем за потрошувачите снабдувани од универзалниот снабдувач, утврдени во согласност со соодветниот Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија.
Согласно со член 2 од Тарифниот систем, тарифниот систем има за цел да поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија, да обезбеди покривање на трошоците за набавка на електрична енергија, пренесените трошоци и маржата за универзалниот снабдувач.
Во член 3 од Тарифниот систем се предвидува дека како потрошувачи се сметаат категориите мали потрошувачи и домаќинства дефинирани во Законот за енергетика коишто се снабдуваат од универзалниот снабдувач, а како големи потрошувачи се сметаат потрошувачите коишто не ги исполнуваат критериумите за мал потрошувач утврдени во Законот за енергетика и коишто се снабдуваат од снабдувачот во краен случај.
Член 7 став 1 од Тарифниот систем уредува дека пресметковни елементи за коишто се определуваат продажни цени за испорачаната електрична енергија на потрошувачите е потрошената електрична енергија во ВТ и НТ изразена во kWh. Во член 7 став 2 од Тарифниот систем за домаќинствата потрошената електрична енергија во ВТ се дели на два или повеќе блока со што се дефинираат два или повеќе пресметковни елементи за потрошената електрична енергија во ВТ.
Согласно со член 8 став 1 од Тарифниот систем, за пресметковните елементи од членот 7 на овој тарифен систем се определуваат цени врз основа на: просечната цена за електрична енергија на универзалниот снабдувач, пресметана согласно со методологијата утврдена во прилог 2 што е составен дел на овој тарифен систем, коефициентите од прилогот 1 што е составен дел на овој тарифен систем.
Според член 8 став 2 од Тарифниот систем, надоместокот што потрошувачите треба да го платат за потрошената електрична енергија се пресметува за месечниот пресметковен период како производ од испорачаната електрична енергија и продажната цена за електрична енергија, изразена во денари/kWh.
Согласно со став 3 од истиот член, за домаќинствата надоместокот за потрошената електрична енергија во ВТ се пресметува на следниот начин: за потрошената електрична енергија во ВТ во првиот блок надоместокот се пресметува како: производ од продажната цена и вкупната потрошувачка во ВТ ако потрошувачката во ВТ е помала или еднаква на горната граница за првиот блок или производ од продажната цена и горната граница за првиот блок, ако потрошувачката во ВТ е поголема од горната граница за првиот блок, за потрошената енергија во секој следен блок надоместокот се пресметува како: производ од продажната цена на тој блок и разликата помеѓу вкупната потрошувачка во ВТ и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка е помала или еднаква на горната граница за тековниот блок или производ помеѓу продажната цена за тој блок и разликата помеѓу горната граница на тој блок и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка во ВТ е поголема од горната граница за тековниот блок.
Во прилог 1 од Тарифниот систем се уредуваат коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи и пресметка на цените за пресметковни елементи.
IV
Имајќи ги предвид горенаведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани.
Имено, со донесувањето на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај не се воведува за прв пат пресметка на потрошена електрична енергија по блокови во периоди на високи дневни оптоварувања, туку ваквиот начин на пресметка за прв пат е воведен со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 146/2022, 211/2022 и 258/2022).
Пресметката за надоместок за електрична енергија за вкупната потрошувачка се пресметува врз основа на количините на електрична енергија, распределени по блокови, помножена со цената којашто важи во тој блок. Притоа во зависност од вкупната потрошувачка на електрична енергија на потрошувачот во периоди на високи дневни оптоварувања, а согласно прилог 1 од Тарифниот систем, секогаш му е загарантирано дека пресметката ќе почне да се врши од првиот блок, па потоа ќе продолжи во вториот, па потоа во третиот и на крај во четвртиот блок. За секој блок е определена соодветна цена на електричната енергија.
Судот оцени дека не станува збор за дискриминација на потрошувачите од категорија домаќинства ниту за поделба на потрошувачите во блокови, бидејќи за сите домаќинства кои се снабдуваат со електрична енергија од универзалниот снабдувач се применуваат исти цени за потрошена електрична енергија во висока тарифа по блокови. Дали за дел од потрошувачката на електрична енергија на едно домаќинство ќе се применат цените за трет или четврт блок, зависи од тоа колку електрична енергија (kWh) таквото домаќинство потрошило. Имено домаќинствата коишто трошат поголеми количини на електрична енергија и преминуваат во трет или четврт блок, плаќаат повеќе за потрошената електрична енергија во трет или четврт блок.
Доколку не би бил воведен ваков систем, потрошувачите коишто трошат помали количини на електрична енергија во еден пресметковен период би биле дискриминирани во однос на оние потрошувачи коишто трошат повеќе електрична енергија бидејќи би се применувала просечна цена на електрична енергија за сите потрошувачи од категоријата на домаќинства, без оглед на количината на електрична енергија која секое одделно домаќинство ја троши.
Ако се задржеше стариот начин на пресметка тогаш ќе се фаворизираа тие потрошувачи што многу трошат електрична енергија, затоа што секое зголемување на цените ќе резултираше со линеарно зголемување на цените за сите категории, а ќе беа дискриминирани потрошувачите кои штедат или пак вложуваат во енергетско ефикасни системи за греење или ладење на своите домови со цел да ја намалат својата потрошувачка на електрична енергија.
Блоковите на електрична енергија овозможуваат ограничените ресурси за домашно производство на електрична енергија да се искористат поефикасно и да се стимулира рационална потрошувачка на електрична енергија во нашата држава. Со воведувањето на блоковите се овозможува контрола на потрошувачката на електрична енергија од страна на потрошувачите преку мотивот нивната потрошувачка да не преминува во повисоките блокови. Ваквиот начин обезбедува транспарентност и предвидливост на трошоците за електрична енергија.
Тарифниот систем е донесен врз основа на Законот за енергетика и исклучиво врз основа на законски предвидените надлежности на Регулаторната комисија за енергетика.
Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорените одредби од Тарифниот систем се во согласност со член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски