
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.1/2025
Скопје, 11.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2007).
Образложение
I
Зоран Салтамарски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот наведува дека во периодот додека важела Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, немала иста правна применливост кон сите вработени во Армијата на Република Македонија (erga omnes), како што е и случајот на подносителот и голем број вработени во Армијата на кои не им било решено станбеното прашање.
Но, со донесувањето на оспорената одлука престанала да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија бр. 23-241/1 од 25.01.1992 година.
Според подносителот, Судот треба да ја прифати иницијативата, согласно со член 110 од Уставот и член 71 од Деловникот на Уставниот суд, а особено со оглед на тоа дека оспорената одлука има повратно дејство што не е во согласност со член 54 од Уставот.
Врз основа на наведеното подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука по што, истата да ја укине како спротивна на Уставот и Законот.
II
На седницата Судот утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006 и 115/2007, на седница одржана на 26.12.2007 година, ја донелa Одлуката за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија
Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со истата престанува да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија бр.23-241/1 од 25.01.1992 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.3/1992.
Согласно член 2 од оваа одлука, истата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2007 од 28 декември 2007 година.
III
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 52 алинеја 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
IV
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека со влегување во сила на оспорената одлука на 29.12.2007 година, престанала да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 3/1992).
Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, Судот оцени дека нема основ за оценување на уставноста на оспорената одлука бидејќи во истата само се наведува член 52 од Уставот, за кој подносителот смета дека е повреден без да се дадат аргументирани причини за нејзината согласност.
Имено, Судот во Решението У.бр.252/2024 од 18.06.2025 година, во постапка во која беше оспорена истата одлука, исто така ја отфли иницијативата и утврди дека причините наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на оспорената одлука, а и од самата содржина на иницијативата, којашто дополнително беше прецизирана, не произлегуваат основи за оспорување, поради што Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да се впушти во мериторна оцена на оспорената одлука, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
Согласно со член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја цени примената на пропис, односно во конкретниот случај примена на Одлука којашто веќе не е во сила, не е во правниот поредок или пак ваква можна злоупотреба додека била на сила, па во отсуство на уставноправни аргументи за оспорување на уставноста на истата, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
Со оглед на тоа дека со оваа иницијатива се оспорува истата одлука којашто веќе била ценета од Судот и со наведеното Решение не била поведена постапка за оценување на уставноста, а нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во однос на оспорената одлука.
Оттука, станува збор за работа за која Судот веќе одлучувал, а нема аргументи за поинакво одлучување и согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот одлучи иницијативата да се отфрли.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски