Во текот на месец октомври 2025 година, во Уставниот суд се формирани 17 предмети од кои во десет иницијативи се оценува уставноста, во пет иницијативи се оценува уставност и законитост и два предмета се формирани по поднесени барања за заштита на слободите и правата на граѓани.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА
1. У.бр.144/2025
Оспорен акт: Член 75-ѓ став 1 и став 12 алинеја 1 и 2, член 76-д став 5 алинеја 1 и 2, член 78-а став 4 алинеја 1 и 2 од Изборниот законик
Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби од Изборниот законик промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање. Во иницијативата се тврди дека Изборниот законик треба да обезбеди уставна рамнотежа преку еднаков третман на сите политички субјекти, преку еднаков пристап, бидејќи медиумскиот простор директно влијае на видливоста на учесниците во изборната кампања. Подносителот смета дека толкувањето на Изборниот законик предвидува сите регистрирани партии кои се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните. Притоа, нагласува дека термините „може” и „најмногу” не смеат да се толкуваат буквално рестриктивно туку во согласност со целта на законот. Подносителот тврди дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии. На овој начин, четирите најголеми партии-по две од власта и две од опозицијата добиваат привилигиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата.
2. У.бр.145/2025
Оспорен акт: Член 75-ѓ, 76-д, 78 и 78-а од Изборниот законик
Подносител на иницијативата: Политичка партија „Демократи” преку овластено лице- претседател Јорго Огненовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените членови се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5, член 9, член 16 ставови 1-5 и член 51 од Уставот. Се наведува дека помалите политички партии се ставени во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, а на останатите само 20% од вкупниот број рекламни паноа и билборди. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби го нарушуваат политичкиот плурализам и слободните демократски изо=бори како темелни вредности на Уставот.
3. У.бр.146/2025
Оспорен акт: Член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење
Подносител на иницијативата: Дарко Костовски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Законодавецот со оспорениот член 6 став 1 направил интервенција во членот 68 и го определил рокот во којшто инвеститорот е должен да ги изгради градбите од прва и втора категорија, не подолго од десет години од денот на правосилноста на одобрението за градење, додека со членот 62 став 1 предвидел одредбите од членот 6 со кој всушност се менува членот 68, да се применуваат и за одобренијата за градење издадени до денот на влегувањето во сила на овие законски измени (04.02.2020). Според подносителот, спорно е што таков рок за изградба на градбите не бил предвиден и практично не постоел во времето кога граѓаните поднесувале и добиле одобренија за градење, и се стекнале со дозволи за градење на градби од прва и втора категорија. На овој начин, се дозволува ретроактивна примена на Законот, се наведува во иницијативата.
4. У.бр.147/2025
Оспорен акт: Член 71 став 1 од Законот за административни службеници
Подносител на иницијативата: Филип Силјановски, Билјана Треневска, Цветанка Соколова Младеновска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорената одредба е во спротивност со член 32 став 5, член 9 став 2, член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 8 став 1 алинеја 11 и член 118 од Уставот. Се наведува дека со оспорената одредба, Законодавецот прави дискриминација бидејќи не ги третира еднакво сите категории на вработени пред Уставот и законите, односно на вработените во МВР во целост им го овозможува уставното право на колективно договарање, додека на административните службеници во целост им го ограничува правото на остварување плата со колективно договарање и на тој начин ги става во неповолна положба. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба претставува јасна регресија на достигнатиот степен на заштита на работничките права и обврски од работен однос.
5. У.бр.148/2025
Оспорен акт: Делот „материјални и процедурални недостатоци” од член 128 став 3 алинеја 1 од Законот за катастар на недвижности
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека од содржината на оспорениот дел не произлегува попрецизна дефиниција за тоа што се материјални и процедурални недостатоци во работењето на Комората, или пак што се подразбира од истите. На тој начин, без прецизно дефинирање, се остава можност арбитрерно да се применува одредбата која има за последица ограничување или одземање на право, е наведено во иницијативата.
6. У.бр.149/2025
Оспорен акт: Член 112 став 1 алинеја 5 и делот „делумно” од член 112 став 1 алинеја 6 од Законот за катастар на недвижности
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорената алинеја 5 е недоволно прецизна и недоволно нормирана и со неа се предвидува правна последица, а тоа е одземање на овластување за овластен геодет. Според подносителот, не е доволно јасно дали станува збор за мерка забрана за вршење на професија, дејност или должност за дело сторено во врска со вршењето на овластувањето или може да стане збор за било кое друго дело за кое овластениот геодет е огласен за виновен, па според тоа да биде изречена меката забрана за вршење професија, дејност или должност.
7. У.бр.150/2025
Оспорен акт: Делот „со подзаконски акт на Академијата” од член 50 став 5, делот „го губи статусот кандидат” од член 60 став 3 и делот „утврдена пресметка” од член 60 став 4 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените делови се недоволно прецизни и јасни во примената и тоа може да доведе до арбитрерно постапување и создавање неизвесни состојби, што според него е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
8. У.бр.151/2025
Оспорен акт: Член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување
Подносител на иницијативата: Народен правобранител на Република Северна Македонија, по поднесени повеќе барања од граѓани
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека до него се обратиле повеќе граѓани кои се засегнати за нивните права од областа на пензиското и инвалидското осигурување, како корисници на правото на пензија од Република Северна Македонија, кои живеат надвор од земјата. Се тврди дека се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите, па поради тоа укажуваат на дискриминација и нееднаква положба со другите корисници кои живеат во државата. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба создава нееднаквост помеѓу пензионерите кои живеат во државата и оние кои се надвор, иако сите имаат исти пензиски права врз основа на уплатени придонеси.
9. У.бр.152/2025
Оспорен акт: Делот „за оттуѓување” од членот 33-д став 5 од Законот за технолошки индустриски развојни зони
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со Законот се дозволува можност на потенцијалниот инвеститор да стекне сопственост над земјиште кое е во приватна сопственост, врз основа на дозволено правно дело, но можност потенцијалниот инвеститор да стекне сопственост над државно земјиште не е дозволена. Сепак, подносителот тврди дека оспорениот дел е премногу општ и не се прави разлика меѓу земјиштето кое е во државна и она кое е во приватна сопственост, што може да доведе до нарушување на правната сигурност и повреда на владеењето на правото.
10. У.бр.153/2025
Оспорени акти:
Деловите: „се одзема” и „одземање” од член 99-а став 3, „одзема” и „одземање” од член 99-а став 4 и „одзема” и „одземање” од член 99-а став 5,делот „трошоците” од член 99-а став 10, делот 3-а од член 99-а став и деловите „одзема сообраќајната дозвола” и „забрана за движење” од член 99-а став 9 од Законот за превоз во патниот сообраќај;
-член 33 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патниот сообраќај.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот меѓу другото, наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, со членот 12 став 2 од Уставот кој уредува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и постапка утврдена со закон. Наведено е дека одредбата која предвидува „забрана за движење” излегува надвор од доменот на прекршочни мерки кои може да ги изрече инспекторот за патен сообраќај не само на странец туку и на било кој. Дополнително, подносителот тврди дека одредбите упатуваат на примена за нешто што повеќе не е дел од правниот поредок.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ Е ОСПОРЕНА И УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1.УЗ.бр.71/2025
Оспорен акт: Укажување за доследна примена на Законот за супервизија на осигурување во делот на вршење осигурително брокерски работи од страна на осигурителните брокерски друштва заведено под бр.08-8841/1.
Подносител на инцијативата: Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспореното Укажување е во спротивност со Законот за супервизија на осигурувањето и со Уставот. Имено, се наведува дека Агенцијата за супервизија на осигурување им наметнува обврски на сите осигурителни брокерски друштва, кои со Закон не се предвидени. Наведено е дека Укажувањето не постои како правен акт во правниот поредок, туку може да биде третирано како т.н. вонправна мерка со која се укажува на негативности при примена на закон. Според наводите, Укажувањето како правна мерка не може да има општ карактер бидејќи произлегува од извршен надзор на конкретен субјект, односно конкретно правно или физичко лице кое врши определена дејност.
2. УЗ.бр.72/2025
Оспорен акт: Член 7 став 2 точки 1 и 5 од Правилникот за контрола на работењето на субјектите на контрола на квалитет донесен од Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители од 10.10.2024 година
Подносител на иницијативата: Сашо Цветановски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорените одредби од Правилникот се врши надополнување на членот 46 став 1 од Законот за вршење на сметководствени работи, што според него е во спротивност со член 51 став 1 и 2 од Уставот. Се наведува дека со оспорениот член се пропишани овластувања на контролорите на квалитет вработени во Институт кои не произлегуваат од Законот за вршење на сметководствени работи. Истовремено, се тврди дека незаконски, Институтот им дава овластувања на своите контролори на квалитет да оценуваат постоење на минимално технички услови за обавување на сметководствена дејност, од аспект на канцелариска и техничка опрема која е неопходна за непрекинато одвивање на работата и обезбедување на доверливост и безбедност на документација на клиентите. Се тврди дека ИСОС своите контролори на квалитет на мала врата ги промовира како трудови инспектори, бидејќи според наводите, постоењето на минимално технички услови за обавување на дејност не е предмет на контролата на квалитет согласно Законот за вршење сметководствени работи.
3. УЗ.73/2025
Оспорен акт: Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, донесен од Републичкиот совет за безбедност на 30.01.2024 година
Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
На 21. седница одржана на 15 октомври 2025 година, расправајќи по предметот У.бр.241/2024 Судот одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет и да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 11,12 и 18 од Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради изразен сомнеж во нивната уставност и законитост. (https://ustavensud.mk/archives/36426 )
4.УЗ.бр.74/2025
Оспорен акт: Член 54-а став 9 и 11 од Правилата за снабдување со топлинска енергија
Подносител на иницијативата: Паско Цобовски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека доносителот на Правилата за снабдување со топлинска енергија, со пропишување на член 54-а став 9 и 11 незаконски, во исто време ги обврзува и ги прави меѓусебно зависни условите на испораката на месечната потрошувачка на електричната енергија со условите за испорака на топлинска енергија на исклучените корисници со максимално лимитирање на трошок за електрична енергија во посебниот дел од објектот од 50 kwh, односно 300kwh за целиот период на траење на грејната сезона со заканување на казнено плаќање, покрај фиксниот дел кој редовно се плаќа и со дополнително плаќање на варијабилниот дел од наводната месечна потрошувачка на топлинска енергија. Се наведува дека казненото барање на доставувачот на топлинска енергија се врши и покрај тоа што исклучениот потрошувач- сопственик на посебен дел од објектот, во текот на целата грејна сезона не вршел никаква испорака на топлинска енергија.
5. УЗ.75/2025
Оспорен акт: Oдлука на Уставниот суд У.бр.94/2019 од 12.05.2020 со која е укинат член 18 став 2 од Законот за извршување
Подносител на иницијативата:Славчо Десподов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека Уставниот суд со донесената одлука У.бр.94/2019 го повредил Уставот бидејќи дозволил извршителите да бидат и судии и да наплаќаат во корист на адвокатите како доверители огромни средства од должниците без судска одлука. Подносителот наведува дека наместо укинување, Уставниот суд требало да донесе одлука да го поништи членот 18 став 2, бидејќи со укинувањето, според подносителот на доверителите и извршителите им било овозможено не само да ги задржат наплатените средства, туку и ретроактивно да наплаќаат.
БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ
1.БЗСП.бр.16/2025
Предмет на барањето:
Барањето е поднесено согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот во врска со слободата на уверувањето
Оспорен акт:
– Одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Кацевски Абр. 03-672/1 од 07.10.2024 .година за вршење на надзор над работењето на: Вишотo јавно обвинителство Скопје со која се номинираат како членови на работната група ЈО Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, член 72 став 1 и став З од Законот за спречување на корупција и судир, на интереси и член 5, член 10 и член 11 од Правилникот за утврдување на начинот на вршење на надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства;
– Предлогот за поведување постапка поднесен од Јавниот обвинител Љупчо Коцевски до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител А бр. 03-834/1 од 03.12.2024 година
– Решение на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител А бр. 03-834/13 од 20.06.2025 година
-Извештај за извршен надзор во ВЈО Скопе А бр. 03-672/1 од 05.11.2024
Година
-Извештај за дополнување на извршен надзор во ВЈО Скопје А.бр. 03-672/1
од 20.11.2024 година
Подносител на барањето: Јован Цветановски
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува неговите права се прекршени со преземени дејствија и дека Одлуката за надзор и составот на членовите е спротивен бидејќи надзорот е извршен спротивно на член 5 од Правилникот за утврдување на начинот на вршење на надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства. Подносителот тврди дека во последните пет години нема извршено надзори иако праксата е да се врши два пати годишно. Се наведува дека составот на работниот тим е во судир на интереси бидејќи обвинителката Лиле Стефанова претходно учествувала како обработувач на предмет во прв степен и ги застапувала како обвинител на СЈО а потоа и во ОЈО за ГОКК.
2.БЗСП.бр17/2025
Предмет на барањето:
Барањето е поднесено согласно член 110 алинеја 3 од Уставот во врска со забрана од дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност
Оспорен акт: Пресуда РО-1067/22 донесена од Основниот граѓански суд Скопје на 21.03.2024 година и Пресуда РОЖ-1670/24 донесена од Апелациониот суд Скопје на 02.07.2025 година
Подносител на барањето: Југослав Миленковиќ преку полномошник Жаклина Караниколова Пинзовска
Од наводите во барањето:
Подносителот бара од Уставниот суд да утврди повреда на неговите слободи и права поради дискриминација по основ на социјална припадност бидејќи навдно е ставен во понеповолна положба во однос на група лица(компаратори). Имено, подносителот на барањето тврди дека четворица негови поранешни колеги во Уставниот суд, кои ги нарекува „компаратори” поради фактот дека и тие како и тој тужеле и барале да им се исплатат придонеси од 2015 до 2019 година по основ на стекнато право на додаток на платата за кариера “B” и зголемување на платата за 15% од додаток на звање како вработени во Уставниот суд. Тој наведува дека за разлика од него, на компараторите, со пресуди во основните и апелационите судови им било усвоено тужбеното барање да им се исплатат придонесите и зголемувањето од 15% на платата која ја земале во тој период. Подносителот тврди дека е дискриминиран и поради фактот што Државното правобранителство како законски застапник на Уставниот суд постапило понеповолно кон него и не дало ниту одговор ниту образложение по неговите наводи поврзани со начелото на еднаквост и забрана од дискриминација изнесени на две главни расправи. Според подносителот доказ дека е дискриминиран по основ на социјалната припадност е тоа што компараторите добиле трајно зголемена старосна пензија и поголеми придонеси, за разлика од него.