Уставниот суд оформи 34 предмети во септември 2025 година

Во текот на месец септември 2025 година, по поднесени иницијативи во Уставниот суд се формирани 34 предмети од кои во 25 се бара оценување на уставност, во осум предмети е оспорена и уставност и законитост и со една иницијатива се бара Уставниот суд да преиспита сопствена одлука. 

ПРЕДМЕТИ ВО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА

1. У.бр.120/2025

Оспорен акт: Член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 18.03.2022 година

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Андов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорениот член се врши намалување на временскиот период на усогласувањето на пензиите од 12 месеци на 8 месеци во календарската година, односно временскиот период на усогласувањето на пензиите се намалува за 4 месеци во календарската година, а тоа е намалување за една третина на усогласувањето на сите пензии во земјата. Согласно наведеното, подносителот дополнува дека еден пензионер кој имал реално очекување да добие усогласување од 3000 денари месечно, според оспорениот член ќе добива износ од 2000 денари месечно. Се наведува дека со измената, за месеците јануари, февруари, јули и август во календарската година нема усогласување. 

2. У.бр.121/2025

Оспорен акт: Член 28 став 3 од Законот за заштита на животните

Подносител на иницијативата: Христаки Порчу

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека е ветеринар и дека согласно неговото толкување е спорна одредбата која уредува дека заловените кучиња на улица, по кастрирање, здравствено тестирање и тест за социјализација треба да се вратат назад на место каде што биле заловени. Ова, според него е спорно бидејќи, во исто време, истиот закон дефинира дека сопственик е секое правно или физичко лице одговорно за животното, дури и привремено. Следствено на овие дефиниции, тој тврди дека е погрешно заловените животни да се враќаат назад на местото каде што се уловени, бидејќи тоа практично ќе значи напуштање на миленик и оставање на улица, за што е предвидена и глоба во износ од 500 евра.

3. У.бр.122/2025

Оспорен акт: Член 41-а став 9 од Законот за средно образование

Содржина: „сместувањето и превозот на учениците од приватните средни училишта ги обезбедува основачот”. 

Подносител на иницијативата: Добре Наумовски и Ана Марија Јордановска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите се повикуваат на Oдлуката на Уставниот суд У.бр.81/2023 со која Судот ја оцени како дискриминирачка одредбата која се однесува на бесплатно користење на јавниот превоз само за учениците од државните, а не и од приватните средни училишта. Во таа насока, во иницијативата се наведува дека спорен е терминот „превозот” , констатирајќи дека превозот треба да биде достапен и бесплатен за сите ученици и од државните и од приватните училишта. 

4. У.бр.123/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 29.07.2025

Подносител на иницијативата: Славчо Илијоски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека линеарното усогласување на пензиите ги нарушува законските очекувања засновани на внесен придонес. Притоа, се напоменува дека правото на усогласување на пензијата е законско и трајно утврдено право, уредено и со меѓународни стандарди како што се Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Конвенции и препораки на Меѓународната организација на трудот. Се наведува дека усогласувањето треба да биде извршено како економска мерка, а не социјална мерка бидејќи поинаку се поткопува довербата во пензискиот систем.

6. У.бр.124/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Подносител на иницијативата: Злате Шулески

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со воведување на линеарното усогласување на пензиите се нарушува принципот на партиципативното усогласување, кој е основен за придонесниот пензиски систем. На тој начин, се тврди дека се губи довербата во пензискиот систем и се суспендираат очекувањата за реално усогласување на пензиите. Дополнително, се тврди дека пензионерите со полн работен стаж и повисоки придонеси добиваат процентуално помал пораст во споредба со оние со помал стаж и помали уплати на придонеси. Се наведува дека пензискиот систем се оддалечува од осигурителен модел и се приближува до социјални трансфери, што може да предизвика несогледливи последици по финансиската стабилност. 

7. У.бр.125/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Подносител на иницијативата: Јоцо Иванов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот меѓу другото наведува дека правото на пензија и правото на усогласување на пензијата со порастот на платите и трошоците на живот се комплементарни, дека усогласувањето е гаранција дека пензијата ќе го задржи нејзиното реално значење како замена за прекинатиот приход по основ на работен однос. Со оспорените одредби, подносителот тврди дека се суспендира редовната динамика на усогласување на пензиите во согласност со порастот на платите и трошоците на живот, што според него претставува ограничување на стекнато право на социјална сигурност. 

8. У.бр.126/2025

Оспорен акт: Член 21 од Законот за енергетска ефикасност

Подносител на иницијативата: Вера Георгиева

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорената одредба е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно од темелната вредност владеење на правото и на член 51 од Уставот според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. 

9. У.бр.127/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Владе Левковски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба се нарушува правото на сопственост на оние со повисоки пензии бидејќи на тој начин се деградира вредноста на стекнатото право, без законска основа која го наведува јавниот интерес и без надомест или соодветна компензација. Се тврди дека пензијата согласно Протоколот бр.1 од ЕКЧП стекната врз основа на придонеси се смета за имотно право, односно пензијата е дел од имотната правна позиција на граѓанинот. 

10. У.бр.128/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Подносител на иницијативата: Димитар Наунов

Од наводите во иницијативата: 

Се тврди дека со оспорената одредба се прави директна и потенцијално непоправлива повреда на уставните права на над 300 000 пензионери. Во иницијативата се наведува дека се деградира правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии, бидејќи се нарушува вредноста на стекнатото право, без законски основ кој би го навел јавниот интерес или без соодветна компензација. 

11. У.бр.129/2025

Оспорен акт: Член 136 од точка 3 од Законот за забавни игри и игри на среќа

Подносител на иницијативата: Дритан Фејзулаи

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба се предвидува плаќање на месечна такса во износ од 10 евра за секој компјутер во просториите за забавни игри, независно од бројот на клиенти или добивката на претпријатието. Сето наведено, тој смета дека е спротивно со владеењето на правото, упад во правото на сопственост и нарушување на слободата на пазарот и вршење на стопанска дејност.  Во иницијативата е наведено дека со наметната обврска преку членот 136 се ограничува уставно-загарантираната слобода на приватната стопанска иницијатива, особено за малите претпријатија, бидејќи фиксната такса според него е неоправдана и ја загрозува нивната економска одржливост. 

12. У.бр.130/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Подносител на иницијативата: Стојче Ташков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека Законот ќе предизвика неповратна штета врз правата на над 300 000 пензионери, што е над 92% од вкупниот број на пензионери, како и неуставна дискриминација и повреда на правото на сопственост. Според наводите во иницијативата, правото на пензија и усогласувањето на пензијата со порастот на платите и трошоците за живот се комплементарни, а усогласувањето на пензиите претставува гаранција дека пензијата ќе го задржи реалното значење како замена на прекинатиот приход од работен однос. 

13. У.бр.131/2025

Оспорен акт: Член 4 став 1 точка 27, член 27 став 7, член 38 став 7 и став 8, член 63 став 1, 4 и став 1 алинеја 13 и став 2  од член 85 од Законот за дивечот и ловството од 12.12.2023

Подносител на иницијативата: Друштво за лов и одгледување на дивеч ВОЛФ ДООЕЛ експорт-импорт Евла Ресен

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека граѓаните кои имаат положено ловечки испит и на кои им е дадено уверение за положен ловечки испит од страна на Министерството за земјоделство, им се наметнува дополнителна обврска за поседување на ловечка легитимација, а со тоа и задолжително членување на ловците во Ловечката Федерација на Македонија. Подносителот тврди дека со оспорените одредби се создава правна несигурност и се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. 

14. У.бр.132/2025

Оспорен акт: Член 104-а од Законот за работните односи

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека со примената на оспорената одредба е воспоставена привилегија на една категорија на граѓани како што се избраните функционери, наспроти правата на сите останати граѓани. Се наведува дека времетраењето на работниот однос на избраните функционери не е засновано на околности кои важат за останатите, туку тие може да го продолжат работниот однос и до 67 години, за разлика од обврската за пензионирање на 64 години и 15 години стаж на сите останати граѓани.  

15. У.бр.133/2025

Оспорен акт: Член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата

Подносител на иницијативата: Фарма трејд ДООЕЛ преку полномошник Тони Менкиноски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба е предвидено да се изрекува глоба во износ од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година. Се наведува дека оваа содржина е во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, како и со уставно-загарантираното право на сопственост. 

16. У.бр.134/2025

Оспорен акт: Делот „одговорното лице во правното лице кое управува со заштитеното подрачје” од член 14 став 1;

-Делот „правното лице кое управува со заштитеното подрачје” од член 15 став 1 и 

-Делот „управителот на правното лице кое управува со заштитеното подрачје” од членовите 26 став 3, 27 став 1 и 5, 28 став 1 и 29 став 1 од Законот за рибарство и аквакултура

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените делови не се доволно јасни и прецизни, а со тоа се во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Имено, тој тврди дека во целината на Законот не е пропишана дефиниција за термините „одговорното лице во правното лице кое управува со заштитеното подрачје” и “правното лице кое управува со заштитеното подрачје”, со што, според него може да дојде до арбитрерно определување на лицата за кое воопшто нема дефиниција.

17. У.бр.135/2025

Оспорен акт: Делот „поништување на постапката” од член 16 став 1 точка 8, член 16 став 2, член 26 став 3, член 29 с тав 1, 2 и 4 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Се тврди дека одредбите од Законот за општата управна постапка кога се применуваат паралелно со Законот за рибарство и аквакутура, не предвидуваат поништување на постапка, туку менување, поништување  и огласување на решение за ништовно кога за тоа постојат услови пропишани со тој закон. 

18. У.бр.136/2025

Оспорен акт: Член 110 од Законот за рибарство и аквакултура

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот ја толкува одредбата на начин што прво тврди дека Законот за рибарство и аквакултура обврзува документација и изјави за извор, преработки и реизвоз, меѓутоа со примена од 05.08.2030 година, а потоа тврди дека Република Северна Македонија како држава, се до наведениот термин нема да има увид што точно се  увезува на нашата територија. Тврди дека на тој начин се остава простор да се наштети и на животната средина и на здравјето на луѓето бидејќи не се ограничува претприемништвото и слободата на пазарот, туку се создава апсолутна слобода за увоз на нелегален, непријавен и нерегулиран риболов, а производите уловени во море, без спроведување контроли и царини и без каков било здравствен сертификат или изјава за преработка. 

19. У.бр.137/2025

Оспорен акт: Член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологија

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се воспоставува ретроактивна примена на Законот, неповолна за граѓаните. 

20. У.бр.138/2025

Оспорен акт: Делот „на судија” од член 17 став 1 и 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека одредувањето на платата на директорот и заменикот на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители избрани од Управниот одбор,  не треба да се пресметува во истиот закон, со останатите јавни функционери, бидејќи според неговото толкување Академијата  не е орган кој може да се споредува со Собранието или Владата кои ги избираат или именуваат членовите. Според наводите, спорно е платите на директорот на Академијата да се воспоставени на ниво на врховен судија или судија на апелационен суд.

21. У.бр.139/2025

Оспорен акт: Член 30 став 6,член  31 ставови 1, 3 и 4, член 32 ставови 2 и 5, член 37 став 3 и член 52 став 3 од Законот за заштита и благосостојба на животните 

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво „Менкиноски” преку Тони Менкиноски и Сања Трајановска Ташков 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека оспорени се деловите кои предвидуваат мерка трајно одземање и уништување(колење или еутаназија) на животни по одлука на управен орган, без претходна задолжителна судска одлука. Подносителите наведуваат дека во позитивното право кај нас животните имаат правен статус на ствари и се предмет на правото на сопственост. Па, по таа аналогија тврдат дека вршењето на еутаназија или колење претставува најдрастична форма на престанок на правото на сопственост, бидејќи согласно Законот за сопстеност, правото на сопстеност престанува со пропаѓањето на стварта. Имено, подносителите сметаат дека  незаконски и неуставно е тоа што АХВ  може да донесе одлука за еутаназија за опасно куче на пример, доколку кучето нападнало човек и не може да се ресоцијализира, заради контрола на болести. Со овозможување на сите услови за еутаназија на животното, без претходна судска одлука подносителите сметаат дека се елиминира судската контрола при настапување на ненадоместлива последица. Се тврди дека со оспорените одредби се повредени правото на сопственост и начелото на пропорционалност, како и правото на ефикасен правен лек и начелото на поделба на власта. 

22. У.бр.140/2025

Оспорен акт: 186 став 2 од Законот за парнична постапка 

Подносител на иницијативата: Драги Каранфиловски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека содржината на оспорената одредба овозможува до заклучување на главната расправа, покрај тужителот може да пристапи нов тужител или тужбата да биде проширена со нов тужен со негова согласност. Се наведува дека со оспорената одредба е повреден членот 11 од Уставот, односно повреда на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, а секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување е забрането. Подносителот тврди дека од 2019 година до денес нема одговор од Фондот на ПИОМ иако како тужител има поднесено жалба. 

23. У.бр.141/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување 

Подносител на иницијативата: Илија Бендевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека линеарното зголемување е популистичка мерка без економско и социјално оправдување во контекст на придонесен систем.

Оваа мерка, според наведеното, е ретроактивно уредување на права стекнати со закон, кое не е дозволено и спротивно на Уставот.

Исто така, се дополнува дека не е применет инклузивен пристап, односно одлуката е донесена без транспарентност и консултација со пензионерските здруженија.

24. У.бр.142/2025

Оспорен акт: Точка 5 од ставот 2 на член 27 од Законот за вршење на сметководствените работи

Подносител на иницијативата: Јовица Јовевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената законска одредба не прецизира кон која организација треба да биде платена членарината, ниту пак кој ја утврдува висината или правниот основ за обврска за членството. Дополнително, се тврди дека оспорената одреба предвидува и доказ за платена членарина без да се наведе кон кого и врз кој законски основ е наметнато. Меѓу другото, се потенцира дека одредбата е нејасна и непрецизна и ствара двосмислености при примената.  

25. У.бр.143/2025

Оспорен акт: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Ѓорги Ананиев

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата со оспорениот член се поткопува довербата во пензискиот систем, се создава префрлување на товарот врз повисоките пензии со што се нарушува правото на сопственост, а инфлацијата ја обезвреднува  дел од реалната вредност на повисоките пензии, што е практично намалување на пензијата, спротивно на законите и Уставот. 

ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ Е ОСПОРЕНА И УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. УЗ.бр.60/2025

Оспорен акт: Одлука за усвојување на Конечен предлог Детален урбанистички план за Блок 25, Урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1- Општина Гостивар

Подносител на иницијативата: Министерство за транспорт

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека при донесување на оспорената Одлука, Општина Гостивар за усвојување на конечен предлог-детален урбанистички план, доставила допис до Министерството за транспорт со кој побарала согласност на Конечен предлог за детален урбанистички план за Блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона КО Гостивар 1 – Општина Гостивар. Советот на Општина Гостивар, врз основа на Заклучокот на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар од 05.08.2025 година и Известување од градоначалникот на Општина Гостивар од 06.08.2025 година, без преходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт, констатирал дека постапката може да продолжи при што го усвоил урбанистичкиот план. Дополнително се наведува дека Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето е спротивна на член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи не била донесена после годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на Општина Гостивар како доносител на урбанистичкиот план и не била објавена на веб-страницата на Општина Гостивар во рок од 5 дена од донесувањето спротивно на член 65 став 10 од Законот за животната средина. 

2.УЗ.бр.61/2025

Oспорен акт: Одлука за усвојување на Детален урбанистички план за Блок 24, КО Гостивар 1- Општина Гостивар, донесена од Советот на Општина Гостивар бр.08-1976/1 од 22.08.2025 година, објавена во Службен гласник на Општина Гостивар, бр.9 од 22.08.2025 година. 

Подносител на иницијативата: Mинистерство за транспорт

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се тврди дека Советот на Општина Гостивар врз основа на Заклучок на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар од 05.08.2025 година и Известување  од градоначалникот на Општина Гостивар од 06.08.2025 година, констатирал дека постапката за усвојување на Детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со тех.бр.03-245/16 од февруари 2025 година, може да продолжи и го усвоила урбанистичкиот план без претходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт до кое било доставено барање за согласност од 26.05.2025 година. Дополнително се наведува дека нема доказ за објава на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влаијание на животната средина и врз здравјето на луѓето од 02.10.2023 година, како и тоа дека оспорената одлука не е донесена по донесувањето на Годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на донесувачот на урбанистичкиот план во случајов Општина Гостивар.

3. УЗ.62/2025

Оспорен акт: Член 7 од Статутот на Институтот на сметководители и овластени сметководители

Подносител на иницијативата: Јовица Јовевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба упатува на автоматско станување на член на Институтот за сметководители кога лицето ќе се стекне со уверение за сметководител или овластен сметководител. Ова, според подносителот е спорно и спротивно на повеќе одредби на Уставот, меѓу кои и член 20 став 2 со кој е уредено дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат и да истапуваат од нив, што според него упатува дека членувањето во Институтот треба да е доброволно и врз основа на претходно поднесна пристапница, што не е случај со оспорената одредба.

4. УЗ.63/2025

Оспорен акт: Одлука бр.08-833/3 од 06.04.2017 за измена на ДУП за населба Ложионица-Кичево

Подносител на иницијативата: Коле Крстески

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорената Одлука се прави измена на ДУП во кој е опфатена неговата парцела и со измената се формира нова градежна парцела, па на инвеститорот му се овозможува да гради непосредно до постоечкиот објект на подносителот. На овој начин, подносителот тврди дека му се оневозможува пристап до неговиот објект, но и се оневозможува пристап на дневна светлина дури на 6 прозорци од станбените простории. Се наведува дека со оспорената Одлука се повредени член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7, член 9 став 1 и 2 како и член 30 став 1 од Уставот.

5. УЗ.бр.64/2025

Оспорен акт: Заклучок за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025-2026 година, бр.09-1326/1 од 27.08.2025 година.

Подносител на иницијативата: в.д. градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека Заклучокот е во спротивност со член 53 став 6 од Законот за основно образование кој уредува дека може да се формираат паралелки и со помалку од 20 ученици, по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за образование. Подносителот наведува дека такво позитивно мислење од Министерството во овој случај не е добиено. 

6.УЗ.бр.65/2025

Оспорен акт: Oдлука за донесување на ДУП за урбана единица 1 дел од Блок 3( помеѓу улиците „Маршал Тито” и „Никола Петров”), Општина Неготино број 08-1551/5 од 06.08.2025 година

Подносител на иницијативата: Група граѓани преку полномошник Катерина Тољкова Трајкова

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата тврди дека со донесување на Одлуката, Општината направила повеќе пропусти, како што е ставањето на Одлуката на дневен ред директно на седница на Советот, наместо претходно да изгласа Предлог ДУП. Во постапката за донесување на ДУП, општината нема објавено, ниту еден состанок на  свикано партиципативно тело со што би се обезбедила партиципативност, инклузивност и јавност при неговото носење. Во иницијативата се наведува дека иако формално бил даден рок за јавна анкета во период од еден месец, рокот бил пречкртан со пенкало  и допишан рачно, што не го одразува реално датумот кога Извештајот е изработен од страна на стручната комисија. 

7.УЗ.66/2025

Оспорен акт: Заклучок на Владата донесе на 6. Седница одржана на 04.02.2020 година

Подносител на иницијативата: Славко Димитров

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека има непосреден правен интерес бидејќи како носител на сродни права е директно погоден од неможноста за остварување на материјален надоместок. Со иницијативата подносителот тврди дека претрпел материјална штета во висина од околу 300 илјади денари за периодот 2015-2025 година, за користење, а ненаплатување на неговите фонограми. 

8. УЗ.70/2025

Оспорен акт: Точки 3. и 10. од Упатството за радиодифузерите за локалните избори за 2025 бр.01-4137/1 од 26.09.2025 година, донесено од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги(АВМУ).

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”

Во иницијативата се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го издала упатството со цел да им го појасни начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање(ППР) за локалните избори 2025, меѓутоа според подносителот, го направила произволно и и не ги опфатила сите политички партии од позицијата туку само поименично наведените од оспорената точка 3 од Упатството. Се тврди дека на овој начин е оневозможено платеното политичко рекламирање на партијата „Левица” и на политичката партија ЗНАМ. Подносителот на иницијативата тврди дека АВМУ при уредување на спорните одредби свесно користи термини како „може” и „најмногу” кои не треба да се толкуваат рестриктивно и во буквална смисла , бидејќи на тој начин не треба да се обезбеди исклучиво право на некого или автоматска распределба на сите осум минути во медиумскиот простор на однапред утврдени две политички партии од позиција и опозиција. Подносителот се повикува, меѓу другото и на член 70 став 2 од Изборниот законик согласно кој учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на известување.

II.   БАРАЊЕ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ОДЛУКИ НА УСТАВНИОТ СУД 

1.   УЗ.бр.19/2025

Оспорен акт: Одлуки У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024

Подносител на иницијативата: Кузман Цилков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот ги оспорува одлуките на Судот од аспект на евентуална повреда на начелото за пресудена работа, за укинување на членовите 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи. Се наведува дека укинувањето на оспорените членови не се однесува на пресудите кои се правосилно завршени, во периодот кога Законот за облигациони односи бил во сила, односно на 20 јули 2023 година до 10 октомври 2024 година.