Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ.
На средбата, претседателот Костадиновски изрази посебно задоволство од фактот што уставните судови на Република Северна Македонија и Република Хрватска остваруваат континуирана одлична соработка заснована на меѓусебна доверба и размена на искуства. Претседателот Костадиновски ја информираше амбасадорката за актуелните предизвици со кои што се соочува Уставниот суд и во тој контекст ја нагласи определбата на Судот доследно да ги остварува своите уставни надлежности, независно и непристрасно, со цел зајакнување на правната сигурност и враќање на довербата на граѓаните во институциите и во правната држава.
Соговорниците се согласија дека односите меѓу двете земји се исклучително пријателски, ја поздравија билатералната соработка и ја истакнаа важноста од понатамошна размена на искуства и добри практики меѓу уставните судови, како начин за унапредување на европските стандарди во областа на уставното судство и владеењето на правото.
Амбасадорката Тигањ ја поздрави активната и видлива улога на Уставниот суд во заштитата на фундаменталните демократски вредности, оценувајќи дека силен, независен и функционален уставен суд претставува суштински предуслов за стабилноста на секоја демократска држава, како и за интегративните процеси во рамките на Европската Унија.
Со средбата беше потврдена заедничката подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи и зајакнување на соработката во уставно-правната област, во духот на меѓусебно почитување и европските демократски вредности.
