БЗСП.бр.11/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
БЗСП.бр.11/2025
Скопје, 12.11.2025

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 12 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Илиевски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесува на заштита на правото на жалба.

Образложение

I

Александар Илиевски од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата во кое наведува дека му е повредено правото на жалба, односно правна заштита против поединечни акти во прв степен.

Според наводите во барањето, подносителот поднел приговор против одлуката на орган на факултетoт, со која му е укинато звањето асистент, којашто не му била доставена, туку само бил известен отпосле. Подносителот наведува дека согласно Законот за високо образование и правилниците за избор во звања, има право на приговор, но тоа не му било овозможено.

Понатаму, во барањето се наведува дека согласно со член 177 став 3 од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 76/2020, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), лицето кое не e избрано во постојното звање му престанува работниот однос, има право на приговор до органот кој одлучувал за изборот, во конкретниот случај согласно со член 173 од Законот за високото образование, органот кој го врши изборот е наставно-научниот совет на факултетот. Звањето – асистент, односно лице кое учествува во наставата е звање согласно член 162 од Законот за високото образование. Со попречувањето да се разгледа Приговорот од 22.05.2025 година, покрај повредата на Амандманот XXI на Уставот се врши и кривично дело согласно со член 153 од Кривичниот законик – повреда на правото на поднесување правно средство, затоа што пред добивање на отказот на подносителот не му бил доставен никаков документ за текот на дејствата.

Врз основа на горенаведеното, се бара од Уставниот суд да ги укине актите на Медицинскиот факултет и да наложи остварување на правото на правна заштита, a со оглед на тоа што од извршувањето на оспорените поединечни акти или дејствија може да настанат неотстранливи или тешко отстранливи последици предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на Одлуката бр.02-2916/1 од 09.05.2025 за прекин на звањето асистент и отказното решение  бр.04-352/1 од 02.06.2025 до донесување на конечна одлука.

II

На седницата Судот утврди дека проф. д-р Светозар Антовиќ во својство на декан на Mедицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на 9 мај 2025 година ја донел Одлуката бр.02-2916/1 за престанок на статусот асистент и работниот однос на д-р Александар Илиевски на работното место асистент на катедрата за хирургија заклучно со 12 мај 2025 година, поради истекот на времето за кое е избран во звање асистент.

Подносителот на 22 мај 2025 година поднел приговор до Наставно-научниот совет при Медицинскиот факултет-Скопје за преиспитување на Одлуката по извештајот на Рецензентската комисија, во кој навел дека фактичката состојба за објавување на труд во стручно списание е погрешно утврдена.

По поднесениот приговор, деканот на Медицинскиот факултет на 4 јуни 2025 година до подносителот доставил Одговор на приговор бр.02-3171/2.

На 2 јуни 2025 година деканот на Медицинскиот факултет донел Решение бр.04-3452/1 со кое на асс. д-р Александар Илиевски со двоен работен однос на работното место асистент на Медицински факултет при УКИМ во Скопје, со скратено работно време во траење од 5 часа неделно му се откажува договорот за вработување бр.04-2501/6 од 31.05.2022 година, поради престанување на причините заради кои бил склучен, односно губење на звањето асистент и неисполнување на посебните услови определени во Законот за високото образование.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува  за барањето.

IV

Правото на жалба не спаѓа во корпусот на слободи и права кои што согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, се штитат пред Уставниот суд. Поради горенаведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот  за отфрлање на барањето.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски