У.бр.154/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.154/2024
Скопје, 11.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04 блок 7 – Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија), Општина Гевгелија, бр.09-178/1 од 30.01.2023 година, донесена од Советот на Општина Гевгелија, објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија”, бр.1/2023.

Образложение

I

Јован Туртуров од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата и според дополнувањето на истата, оспорената одлука e спротивна на член 63 став 3 од Законот за урбанистичко планирање.

Подносителот наведува дека со отпочнување на градежните активности на КП 2886/2, инвеститорот со проект за парцелација ќе гради три споени куќи. Со Одлуката бр.09-1311/1 од 27.08.2020 година на Советот на Општина Гевгелија е изгласана измена на Деталниот урбанистички план за блок 7 (блок 7.5) кој предвидува изградба на објекти со намена А-1 домување во станбени куќи, со катност Пр+2+Пк. Со зголемување на градежните линии на маркиците за градба се отвара простор на местата предвидени за куќи да се изградат мини згради, а преку парцелација и спратно да се оттуѓат станбените единици. Со измената на Деталниот урбанистички план се повредува член 8 став 2 од тогаш важечкиот Правилник за стандарди и нормативи, бидејќи се намалува вредноста на околниот простор и условите за живот и работа на граѓаните, при што е создаден планерски дисконтинуитет. Коефициентот на изграденост е зголемен со цел да се градат згради на места предвидени за куќи, со двојно зголемување на сите површини за градење и на постоечките градби без да се води сметка за континуитетот на градбите, односно да нема засенчување на одредени објекти или приватноста на граѓаните.

Се наведува дека парцелацијата на градежна парцелa 7.5.2.04 е извршена на незаконски начин поради што е потребно да се изврши увид во постапката на поднесување, дополнување и одобрување на Урбанистичкиот проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04 блок 7.5 КО Гевгелија со технички број 051-10/2021 изработено од ДУГТ Матески архитекти ДООЕЛ Битола. Со Урбанистички проект со план за парцелација, градежната парцела број 7.5.2.04 се дели на пет градежни парцели, на две од новонастанатите градежни парцели (г.п.број 7.5.2.0.4-4 и г.п. број 7.5.2.0.4-5) кои се без површина за градење, им се воведува нова класа на намена Е1 која не е предвидена со важечкиот ДУП за блок 7.5, со што се менува намената на земјиштето коешто не е дозволено согласно Законот за урбанистичко планирање.

Исто така, со оспорената одлука од една градежна парцела се создаваат три помали станбени парцели со што бројот на станбени единици од четири се зголемува на единаесет и дополнително се создаваат три деловни простории што е спротивно на содржината на планските одредби од Деталниот уранистички план за Блок 7.5. Според истиот ДУП, на страница 273 со наслов „Планска документација”, потточка 3 „Демографска анализа за планскиот опфат, бруто и нето густина на домување”, предвидениот максимален број на жители изнесува 1118, распоредени во масимален број на 356 станбени единици. Тоа значи дека при идни парцелации, делење на поголеми градежни парцели во две или повеќе градежни парцели, вкупниот број на станбени единици на сите новонастанати помали парцели не смее да надминува четири станбени единици.

Поради наведените причини подносителот смета дека оспорената одлука е незаконита, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за утврдување на незаконитост на оспорениот акт, со предлог за времена суспензија на примената сè до конечно завршување на постапката пред Судот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Гевгелија, на седницата одржана на 30.01.2023 година, ја донел Одлуката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04 блок 7-Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија),  Општина Гевгелија, број 09-178/1, објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија”, број 1/2023.

Според член 1 од оваа одлука, со истата се донесува Урбанистички проект со план за парцелација на г.п. 7.5.2.04 блок 7 Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија), Општина Гевгелија со графички приказ на урбанистичкиот проект и текстуален дел на урбанистичкиот проект.

Во член 2 од Одлуката се наведува дека проектниот опфат на Урбанистички проект со план за парцелација на г.п. 7.5.2.04 блок 7- Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија), Општина Гевгелија од член 1 на оваа Одлука зафаќа површина од 889,59 м2. Во границите на пректниот опфат влегува градежната парцела бр.7.5.2.04 од блок 7 од Детален урбанистички план за блок 7.5 Гевгелија, т.е. КП бр.2886/2 КО Гевгелија. На парцелата нема изведено постојни објекти, односно таа претставува градежно неизградено земјиште.

Според член 3 од истата одлука, градежните парцели опфатени со Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04. блок 7- Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија) Општина Гевгелија се со следните намени: А 1.2- станбена куќа со споен ѕид на меѓа-двокуќа, со максимум 4 станбени единици, А 1.3-семејни куќи во низа, споени ѕидови на меѓа од двете страни и Е1-сообраќајни, линиски и други инфраструктури.

Во член 4 од Одлуката се наведува дека просторот опфатен со Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04. блок 7 Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија) Општина Гевгелија, се состои од текстуален и графички приказ кои се составен дел на оваа одлука.

Според член 5 од оваа одлука, Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04. блок 7 – Гевгелија (КП бр.2886/2 КО Гевгелија) општина Гевгелија, по усвојувањето се доставува на надлежните државни органи и институции утврдени со закон.

Член 6 од Одлуката, утврдува дека истата влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на Општина Гевгелија”.

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Член 63 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2020), по кој се водела постапката пред надлежните органи, се однесува на урбанистичкиот проект со план за парцелација, и истиот уредува: (1) Со урбанистички проект со план за парцелација се спроведуваат урбанистичките планови од членот 10 став (1) точки 2, 3 и 4 од овој закон, во чиишто плански опфати се појавува потреба од две или повеќе соседни градежни парцели од ист сопственик да се формира една градежна парцела или каде што од една поголема градежна или катастарска парцела во плански опфат каде што градежни парцели не се формирани, треба да се формираат две или повеќе градежни парцели, но само доколку новоформираните градежни парцели се формирани согласно прописот за урбанистичко планирање од членот 24 на овој закон. (2) Со урбанистички проект со план за парцелација може и да се поместуваат границите на соседните градежни парцели поради неусогласеност на градежните парцели со катастарските парцели, коишто не можат да се исправат и усогласат со постапката за техничка грешка, при што не се дозволени измени на останатите параметри утврдени со урбанистичкиот план. (3) Предмет на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член е разработка на урбанистичкиот план што се однесува само на диспозицијата на површините за градење и организацијата на внатрешниот сообраќај и инфраструктурите во проектниот опфат, без да се менуваат збирните параметри за површините за градење, намената на земјиштето и објектите, процентот на изграденост и коефициентот на искористеност, како и другите плански одредби уредени со урбанистичкиот план. (4) Просторната организација на површините за изградба и инфраструктурите во проектниот опфат на урбанистичкиот проект од ставот (1) од овој член, се вршат врз основа на планот за парцелација што синхронично се изработува како посебен прилог на урбанистичкиот проект. (5) Изработувањето на урбанистичкиот проект со план за парцелација од ставот (1) на овој член, отпочнува на барање на сопственикот на градежното земјиште до комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон, кој со барањето прилoжува и докази за сопственоста на градежното земјиште и проектна програма со скица на предлог планот за парцелација и новата диспозиција на површините за изградба во проектниот опфат, а во случајот од ставот (2) на овој член, се поднесува геодетски елаборат за нумерички податоци за парцелата како доказ за непланираната грешка во формирањето на градежната парцела. (6) Доколку комисијата за урбанизам од член 38 од овој закон утврди дека со барањето се поттикнува спроведувањето на планот на начин кој не влијае негативно на другите урбанистички параметри утврдени со планот, со позитивно мислење ја одобрува изработката на урбанистичкиот проект со план за парцелација. (7) Сопственикот од ставот (5) на овој член, ја финансира изработката на урбанистичкиот проект, а по неговата изработка ја финансира и изработката на стручната ревизија на проектот. Урбанистичкиот проект со план за парцелација и стручната ревизија ги изработуваат правни лица од членот 68 од овој закон, кои ги исполнуваат условите пропишани во овој закон. (8) Урбанистички проект со план за парцелација се изработува врз основа на прописот за урбанистичко планирање од членот 24 од овој закон. (9) Постапката за одобрување на урбанистичкиот проект се врши според членот 62 од овој закон, синхронично со постапката за донесување на планот за парцелација која се врши како скратена и редуцирана постапка за изменување и дополнување на урбанистичките планови, при што за донесувањето на предлог планот за парцелација не е потребна согласноста од членот 51 од овој закон. (10) Урбанистичкиот проект со план за парцелација се одобрува веднаш по донесувањето на планот за парцелација и може да се применува по извршувањето на дејствијата од членовите 52 и 53 од овој закон. (11) Начинот, наменските, диспозициските, морфолошките и димензионалните услови и правила за формирање на градежни парцели се пропишани во прописот од членот 24 од овој закон.

Член 62 став 7 од Законот уредува дека за одобрувањето на урбанистичките проекти што служат за спроведување на урбанистичките планови од членот 10 став 1 точки 2, 3 и 4 од овој закон, надлежен е градоначалникот на општината и општината во Градот Скопје.

IV

Со иницијативата се бара поведување постапка за оценка на законитоста на оспорената одлука од аспект на постапката за нејзино донесување.

На барањето на Судот, од страна на доносителот на актот беа доставени следните акти и документи во електронска форма:

– Извод од Детален урбанистички план бр.11-543/2 од 05.08.2021 година;
– Елаборат за нумерички податоци ажурирана геодетска подлога бр.08-09/185/3 од 24.09.2021 година, изработен од ДГРУ „Геоплан Компани“ ДОО Струмица;
– Проектна програма за урбанистички проект со план за парцелација бр. 051-10/2021 од 12/2021;
–  Проектна програма со план за парцелација во dwg формат;
– Имотен лист, бр. 1105-151-42/2021 од 20.12.21 издаден од АКН;
– Мислење од Комисија за урбанизам бр. 11-32/9 од 15.12. 2022 година;
– Записник од Комисија за урбанизам за увид во проектот, бр. 32/10 од 15.12.2022 година;
– Урбанистички проект со план за парцелација на ГП 7.5.2.04 блок 7 Општина Гевгелија, со тех. бр. 051-10/2021 од ноември 2022, изработен од ДООЕЛ Матески архитекти од Битола;
– Идеен проект за изградба на индивидуален станбен објект „Станбена куќа 1“ со тех. бр.01-003/22 од ноември 2022 година изработен од ДГТУ „Планиметрика” Струмица;
– Идеен проект за изградба на индивидуален станбен објект „Станбена кука 2“ со тех. бр.01-004/22 од ноември 2022 година изработен од ДГТУ „Планиметрика” Струмица;
– Идеен проект за изградба на индивидуален станбен објект „Станбена куќа 3″ со тех. бр.01-005/22 од ноември 2022 година изработен од ДГТУ „Планиметрика” Струмица;
– Стручна ревизија на Урбанистички проект со план за парцелација на ГП 7.5.2.04 блок 7 Општина Гевгелија, со тех. бр.03-101/2022 од ноември 2022 година, изработена од ДПТУИ „Идеа консалтинг“ ДООЕЛ Струмица;
– Одлука на Советот на Општина Гевгелија, бр.09-178/1 од 30.01.2023 година;
– Потврда за одобрување на Урбанистички проект со план за парцелација 7.5,2.04 блок 7 Општина Гевгелија, со тех. бр.051-10/2021 од ноември 2022, донесена од градоначалник на општина бр.11-88/1 од 08.02.2023 година;
– Известување за дигитално поклопување, бр.0939-6740/2 од 29.05.2023 година, издадена од АКН;
– Записник 08ип1-37 од 04.04.2024 година од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, составен по извршен вонреден инспекциски надзор и увид во постапката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација на ГП 7.5.2.04 блок 7, Општина Гевгелија;
– Решение бр.08ип1-37 од 08.04.2024 година на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со кое се задолжува градоначалникот на Општина Гевгелија да го поништи Урбанистичкиот проект со план за парцелација и актите кои произлегуваат од него.
– Решение број 11-277/2 од 22.04.2024 година, од градоначалникот на Општина Гевгелија.

Покрај приложената документација, дополнително беше доставено Решението Уп.1 број 11-138 од 22.04.2024 година од градоначалникот на Општина Гевгелија со кое се огласува за ништовно Одобрението за градење поднесено преку информацискиот систем е-одобрение за градење. Уп 1 бр.11-138 од 24.06.2023 год, издадено на Инвеститорот ДТУ МТ ПРОМЕТ-1, за изградба на индивидуален станбен објект (А1) на КП бр.2886/2 КО Гевгелија, ГП 7.5.2.04-1 во Гевгелија, согласно со одобрен основен проект со тех.бр.01-006/22 од ноември 2022 година изработен од ДГТУ Планиметрика, ДОО Струмица. Од образложението произлегува дека одобрението за градење се огласува за ништовно, бидејќи приложениот извод е од Урбанистичкиот проект со план за парцелација кој е поништен со решение од градоначалник на Општина Гевгелија и е еден од документите коишто се доставуваат за издавање на одобрение за градење и услов за изработка на основен проект по параметрите утврдени во истиот. Решението станало правосилно на 11.06.2024 година.

Од изнесените одредби од Законот за урбанистичко планирање произлегува дека урбанистичкиот проект со план за парцелација го изработуваат правни лица кои ги исполнуваат условите пропишани во Законот, врз основа на правилата за формирање на градежни парцели кои се пропишани во Правилникот за урбанистичко планирање. Според член 24 став 1 од Законот, со овој правилник се пропишуваат стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и се дефинираат принципите, начелата и методите за рационално планирање на одржливи населби и градби за уредување и користење на просторот, методите и техниките на урбанистичкото планирање, правното дејство на планските одредби, системот на класи на намени, како и сите заштитни или генеративни стандарди што го обезбедуваат исполнувањето на целите и начелата на урбанистичкото планирање уредени со овој закон. Изработувањето на урбанистичкиот проект со план за парцелација отпочнува со барање на сопственикот на градежно земјиште кој ја финансира изработката на урбанистичкиот проект и изработката на стручната ревизија на проектот. Пред да биде одобрен изготвениот урбанистички проект со план за парцелација, подлежи на стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на Законот за урбанистичко планирање и прописите донесени врз основа на овој закон.

Примена на правилата за формирање на градежни парцели и оценка на стручно-техничките прашања е во надлежност на стручни органи и не може да се разгледуваат од уставно-правен аспект. Исто така, стручно-техничките прашања во областа на урбанистичкото планирање поврзани со содржината на деталниот урбанистички план и неговата согласност со одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање се надвор од надлежностите на Уставниот суд.

Во однос на постапката во која е донесена оспорената одлука, oд фактичката состојба утврдена врз основа на документацијата којашто е доставена од Советот на Oпштина Гевгелија, произлегува дека согласно со член 63 од Законот за урбанистичко планирање Комисијата за урбанизам, по разгледување на барањето за одобрување на урбанистичкиот проект и доставениот корегиран урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04 и целокупната документација дала позитивно мислење со што постапката продолжила до Советот на Општина Гевгелија, којшто ја донел оспорената одлука на 30.01.2023 година. Со Потврда број 11-88/1 од 08.02.2023 година, донесена од градоначалникот на Општина Гевгелија се одобрува Урбанистички проект со план за парцелација за г.п.7.5.2.04.

Исто така, од доставената документација произлегува дека инспекциски надзор и увид во постапката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација на г.п.7.5.2.04 блок 7, Општина Гевгелија извршил Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, којшто утврдил неправилности во постапката за изработка на Урбанистички проект со план за парцелација и го задолжил градоначалникот на Општина Гевгелија да го поништи истиот и актите коишто произлегуваат од него.

Решавајки по Решението бр.08ип1-37 од 08.04.2024 година од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Градоначалникот на Општина Гевгелија донел Решение бр.11-277/2 од 22.04.2024 година, со кое ја огласува за ништовна Потврдата број 11-88/1 од 08.02.2023 година со која се одобрува Урбанистички проект со план за парцелација за г.п.7.5.2.04, блок 7-Гевгелија со тех. бр.051-10/2021 од ноември 2022 година, изработен од ДУГТ Матески архитекти ДООЕЛ Битола.

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука повеќе не произведува правно дејство така што постојат процесни пречки за постапување по иницијативата со што се исполнети условите за нејзино отфрлање, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

Врз основа на сето наведено, не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски