У.бр.33/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.33/2025
Скопје, 03.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 7 во делот „буџетскиот корисник од прва линија” и член 7 став 3 во деловите „втора линија буџетски корисници” и „буџетскиот корисник од прва линија” од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 44/2015 и 44/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените делови од одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос се спротивни на член 2 точка 26 од Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 203/2022, 59/2023, 39/2024, 76/2024 и 272/2024), според која  „буџетски корисници“ се сите правни лица кои се основани од државата или општините, социјалните фондови, општините, освен Народната банка на Република Северна Македонија, јавните претпријатија и трговските друштва, непрофитни институции, основани од државата или од општините. Така, од содржинатата на цитираната одредба, како и од целината на одредбите од Законот за буџетите, произлегува дека истиот не ги дефинира поимите „буџетски корисник од прва линија“ и „буџетски корисник од втора линија“, коишто се содржани во оспорените одредби од Законот за трансформација во редовен работен однос.

Врз основа на изнесеното, подносителот смета дека oспорените делови можат да доведат до правна несигурност при примената што не е во согласност со член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да ги укине оспорените делови од одредбите од Законот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 4 став 7 од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 44/2015 и 44/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), за институциите кои се втора линија буџетски корисници барањето за согласност се доставува преку надлежниот орган, односно буџетскиот корисник од прва линија. Во член 7 став 3 од истиот закон е уредено дека за институциите кои се втора линија буџетски корисници барањето за согласност се доставува преку надлежниот орган, односно буџетскиот корисник од прва линија.

III

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) во член 4 став 3 уредува дека за институциите кои се втора линија буџетски корисници барањето за согласност се доставува преку надлежниот орган, односно буџетскиот корисник од прва линија.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2015, согласно со член 3 од овој закон ставот 3 во член 4 од основниот текст на Законот, станува став 7.

Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.203/2022, 59/2023, 39/2024, 76/2024 и 272/2024), според член 122, ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година. Според член 119 од истиот закон, со денот на започнување на примена на овој закон престанува да важи Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2005, 4/2008, 103/2008, 156/2009, 95/2010, 180/2011, 171/2012, 192/2015 и 167/2016).

IV

Од анализата на наводите во иницијативата неспорно произлегува дека причините поради коишто се оспорува уставноста на оспорените делови од одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос е поради постоење наводна неусогласеност со друг закон, во случајов со Законот за буџети.

Ваквите причини за оспорување немаат квалитет на уставно-правни аргументи за проблематизирање на уставноста на предметот на оспорување, со оглед на тоа дека се однесуваат на наводна неусогласеност, односно колизија помеѓу одредби од два различни закони.

Според тоа, кога нема соодветни причини за оспорување на уставноста, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, што е основ за отфрлање на иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски