У.бр.37/2021


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.37/2021
Скопје, 03.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, м-р Фатмир Скендер и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 5 и член 8 став 3 и став 8 алинеја 1 од Тарифата на премии за осигурување на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.191/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/2024).

О б р а з л о ж е н и е

I

Асоцијацијата на работодавачите на трговските друштва за превоз на патници на Република Македонија „Исток“ од Скопје застапувана од Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата, поддржана од 18 превозници, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Тарифата, означена во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Тарифата не се во согласност со член 8 став 1 алинеи  1, 3  и 11 и  член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член 7 став 5 од Тарифата на премии за осигурување на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица е во спротивност и со начелото на справедливост од членот 10-а од Законот за облигационите односи, односно дека оспорените одредби се спротивни на основите на одговорност на штета согласно со член 141 став 1, член 145 став 1 и член 195 од истиот закон.

Подносителот преку пример на примена на оспорените одредби ги аргументира наводите во иницијативата. Имено, доколку сопственикот кој има во сопственост 20 автобуси за кои склучил осигурување и со кои врши превоз на патници, а само четири од автобусите причинат штета во тековната година, според правилата на оспорената тарифа тие не одговараат како за четири возила туку за сите 20 автобуси или за сите од флотата што значи дека доплатената премија за малус нема да се зголеми наредната година само за нив, па така ќе се достигне и повеќе од 100% зголемување.

Оттука, според наводите во иницијативата, неприфатливо е да се пренесува бонусот или малусот сè до наредната година на осигурување, кога и на тие возила ќе започне да се пресметуваат бонусот и малусот како за останатите возила од флотата. Поаѓајќи од тие причини неприфатливо е преку ваквото решение да се врши кумулирање на одговорноста и пресметка на малус односно штета кон сите моторни возила. Имено, доколку договарачот на осигурувањето склучил осигурување за 20 возила, а во тековната година, штета причиниле 6 возила, разумно е да доплатат премија на име малус за наредната година и истата да се пресмета за само тие шест возила, а никако и спрема останатите 14 возила да биде зголемена поради тоа што тие не причиниле никаква штета. Односно, неосновано е солидарно да одговараат со оглед на тоа што согласно со член 195 став 3 од Законот за облигациони односи солидарно одговараат за причинета штета и лицата кои ја причиниле работејќи независно еден од друг иако не може да се утврдат нивните удели во причинетата штета.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека во ситуациите кога уделите во причинетата штета се утврдени и никогаш не можат да останат непознати се знае точно кои возила од флотата чинеле штета, а тоа значи дека ваква примена на пресметка на доплатна премија за малус и спрема сите останати од флотата е недозволива. Оттука, ваквиот начин на пресметување упатува дека одредбите од тарифата не се во согласност со Законот за облигациони односи како закон со кој се уредуваат осно­вите на облигационите односи, договорните и другите облигациони односи во прометот на стоки и услуги. Во овој закон се уредува вината и штетата и дадени се правилата коишто се однесуваат конкретно на одговорниот и возилото со кое е причинета штетата и не е пропишана солидарна одговорност или одговорност на едно возило, а штетата да ја понесат сите возила на начин што доплатената премија на име малус ќе биде зголемена за сите возила од флотата како што е уредено со оспорените одредби на Тарифата.

Поради наведеното подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Тарифата, а како посебно го истакнува барањето да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени или кои ќе бидат преземени од страна на друштвата за осигурување врз основа на оспорените одредби.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 45 став 1 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Тарифата  за премии за осигурување на сопстве­ниците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани од трети лица е донесена на 15 октомври 2018 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.191/2018. На 02.05.2024 година Тарифата е изменета и дополнета и е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/2024.

Тарифата содржи 21 член, поделена е во 9 глави и прилог табели на премија за осигурување од автомобилска одговорност по тарифни девет групи.

Оспорените одредби од член 7 став 5 и член 8 став 3 и став 8 алинеја 1 од Тарифата на премии за осигурување на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица  гласат:

„Член 7

(5) За секоја пријавена штета во последниот период на осигурување по договорот за осигурување, договорувачот на осигурувањето – осигуреникот преминува еден премиски степен повисоко во однос на премискиот степен во кој се наоѓал во претходниот период на осигурување. Во случај на повеќе пријавени штети во рамки на еден штетен настан (сообраќајна незгода), истите се сметаат како една пријавена штета. Најнеповолен премиски степен е 18.

Други одредби за бонус и малус

Член 8


(3) На договорувачот на осигурувањето – осигуреникот кој имал склучено осигурување за шест или повеќе моторни возила и кај кого меродавниот технички резултат во изминатата година на осигурување изнесува повеќе од 120%, за следниот период на осигурување му се пресметува доплаток (малус) на премијата во висина од една половина од разликата меѓу процентот на остварен меродавен технички резултат и 120%, при што доплатокот не може да изнесува повеќе од 100% од основната премија, согласно следната формула:

    

каде: П – Премија за следниот период на осигурување,
ОП – Основна премија, и
МТР – Меродавен технички резултат (во %).

Член 8


(8) При утврдувањето на меродавниот технички резултат се применуваат и следните одредби:
– На возилата што договорувачот на осигурување – осигуреникот, ги набавил во тековната година на осигурување не се пренесува бонусот или малусот, се до наредната година на осигурување кога и на тие возила ќе започне да се пресметува бонусот или малусот како за останатите возила од флотата;.
…“

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, и 11 од Уставот на Република Северна Маке­донија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2005, 70/2006, 81/2008, 47/2011, 135/2011, 112/2014 и 145/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 220/2019) во член 1 е предвидено  дека со истиот се уредува задолжителното осигурување на: патници во јавен превоз од последици на несреќен случај, незгода; сопственици, односно корисници на моторни и приклучни возила; сопственици, односно корисници на воздухоплови; и сопственици, односно корисници на бродови, односно чамци на моторен погон, од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот и други прашања од значење за задолжителното осигурување во сообраќајот.

Според член 3 став 1 од Законот, сопствениците на превозни средства се должни пред да го пуштат превозното средство во сообраќајот да склучат договор за задолжително осигурување со друштво за осигуру­вање кое има дозвола за вршење на работи на задолжително осигурување. Став 4 од истиот член, уредува дека друштвото за осигурување кое врши работи на задолжително осигурување, е должно да го склучи договорот за задолжително осигурување согласно со одредбите на овој закон, условите за осигурување и тарифите на премии.

Со членот 9 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот е пропишано дека за сè она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување.

Во членот 14 од Законот е уредено дека сопственикот, односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.

Според член 44 од истиот закон, Владата на Република Северна Македонија формира Комисија за осигурување од автомобилска одговорност, составена од членови именувани на предлог на Министерството за финансии, Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурување.

Согласно со член 45 став 1 од Законот за задолжи­телно осигурување во сообраќајот Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ја донесува Тарифата за премии за осигурување на сопстве­ниците на моторни возила од одговорност на штети предизви­кани од трети лица, а Националното биро за осигурување согласно со член 52 став 1 точка 4 воспоставува и одржува централен систем за евиденција на полиси и штети од употреба на моторни возила. При вршењето на законските обврски Националното биро за осигурување од денот на формирање на Централниот систем, ја применува Тарифата.

Член 45 од Законот уредува дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност изготвува Тарифа за осигуру­вање од автомобилска одговорност и ѝ предлага на Владата минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност. За целите на изготвување на Тарифата на премија од автомобилска одговорност, Комисијата може по потреба да ангажира актуари, правни и медицински експерти и други стручни лица. На барање на Комисијата, друштвата за осигурување и Националното биро за осигурување се должни да ѝ достават осигурителни статистички податоци и други информации потребни за вршење на нејзините надлежности.

Во член 46 од Законот е уредено дека Владата на Република Северна Македонија на предлог на Комисијата ја утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност. Комисијата за автомобилска одговорност при изготвување на Тарифата користи повеќегодишни анализи, актуарски пресметки и статистички податоци и користени се искуствата од земјите во регионот и од Европската Унија. Граѓаните како осигуреници и оштетени од сообраќајните незгоди добиваат надомест на штети врз основа на полисата од автомобилска одговорност, но и во случаи кога нема полиса од автомобилска одговорност. Согласно со Законот за задолжително осигурување во сообра­ќајот, Националното биро за осигурување формира Гарантен фонд на кој една од функциите му е обештетување на оштетените лица кога причинител на незгодата е неосигурено или непознато возило.

IV

Согласно со цитираните законски одредби произлегува дека осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжи­телно осигурување кое, заради спецификите во однос на доброволното осигурување на имоти и лица, е уредено со специјален закон (lex specialis), Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и дека сопствениците, односно корисниците на моторни и приклучни возила имаат законска обврска пред да го пуштат возилото во сообраќај да го осигураат во друштво за осигурување согласно со одредбите од специјалниот закон, Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и актите донесени согласно со тој закон.

Овој тип на осигурување ги покрива материјалните и нематеријални штети во случај на сообраќајна незгода, освен на возачот кој ја предизвикал. Осигурувањето на моторните возила, вклучително и на осигурувањето од одговорност за штети предизвикани на трети лица во Европската Унија е уредено со посебни директиви. Истото се нарекува осигурување на „трети лица“ бидејќи корисник на осигуру­ва­њето е лице кое е различно од двете страни кои се потписници на полисата за осигурување (сопственикот или возачот на моторното возило и осигури­телната компанија). На доброволна основа осигурителните компании нудат и целосно (каско) осигурување со кое од потенцијални штети е покриен и сопственикот или возачот на моторното возило.

Користењето на бонус-малус системи за пресметка на премии за осигурување на моторните возила има широка примена во осигурителната индустрија. Бонус-малус системот претставува начин на пресметка на зголемување или намалување на премијата за осигурување согласно со настанувањето на штети.

Притоа, и за бонусот и за малусот се поставени лимити односно е ставено ограничување колку може да изнесува најго­ле­мото зголемување или намалување на премијата којашто ја плаќа осигуреникот. За истото се определуваат соодветни критериуми, коишто се пропишани во Тарифата на премии за осигурување на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Бонус претставува намалување (попуст) на премијата за осигурување која на осигуреникот му следи доколку не предизвикал штета во претходната година. Од друга страна, пак, малусот претставува зголемување на премијата за осигурување во оние случаи кога осигуреникот предизвикал една или повеќе штети во претходната година.

Во одредени земји утврден е бонус-малус систем којшто го применуваат сите друштва за осигурување што обезбедува еднакви услови за сите осигуреници, додека во некои земји е оставено друштвата за осигурување сами да утврдат бонус – малус систем кој ќе го применуваат и во тој случај зависи од деловната политика на осигурителната компанија и капацитетот да биде конкурентна на пазарот.

Примената на бонус значи дека возачите кои безбедно управуваат со моторните возила во сообраќајот имаат право на намалена премија, заради тоа што во претходниот период не предизвикале штети.

Согласно со Тарифата, на осигурениците на индивидуални возила кои во претходната година не предизвикале штета, за следниот период на осигурување им се одобрува попуст на премијата, односно премин за еден премиски степен подолу во однос на премискиот степен во кој се наоѓал. На тој начин осигуреник кој започнал со основна премија за осигурување степен 10. на скалата на степени на бонус-малус од член 7 од оспорената Тарифа и не предизвикал штета во наредните десет години ќе има право на постепено намалување на премијата секоја година согласно со скалата утврдена во член 7 од Тарифата, при што од десеттата година ќе користи максимален попуст од 50% односно нама­лу­вање на основната премија за една половина. Кај сопствениците на флоти (правни/физички лица кои со една полиса осигуруваат шест или повеќе возила) максималниот бонус изнесува 40% од основната премија и истиот може да се достигне во многу пократок рок односно само една година по првото осигурување на флотата доколку осигуреникот не предизвикал штета, согласно  со член 8 став 1 од Тарифата.

Во однос на малус системот, примената на истиот значи дека сопствениците и возачите на возила кои предизвикале штети во сообраќајот во претходниот период ќе имаат зголемување на премијата на осигурување. Согласно со Тарифата на осигурениците на индивидуални возила кои во претходната година предизвикале штети, за следниот период на осигуру­вање им се пресметува зголемување на премијата, односно премин за еден премиски степен повисоко за секоја предизвикана штета во однос на премискиот степен во кој се наоѓал осигуреникот во претходниот период согласно со скалата на степени на бонус-малус од член 7 од Тарифата.

Кај сопствениците на флоти малусот зависи од висината на штетите предизвикани од возилата во флотата во претходната година согласно со член 8 став 3 од Тарифата. Доколку штетите се со помал износ осигуреникот може да остане и во бонус, но доколку се повисоки ќе му се пресмета малус, при што максималниот малус е ограничен на 100% од основната премија дури и во случај на многу високи штети. Доколку во тековната година осигуреникот на флота не предизвика нова штета, веќе од наредниот период од максимален малус може да се врати на одреден процент на бонус или на основно ниво на премија. Ова е поповолно споредено со осигуреник на индивидуално возило на кој доколку се наоѓа во максимален малус (степен 18. на скалата на степени на бонус-малус), му се потребни 8 години за да се врати на основното ниво на премија, доколку нема предизвикано штета во овој период.

Според Судот, наводот за оспорување преку дадениот пример во иницијативата, во врска со член 7 од оспорената тарифа, е несоодветен бидејќи упатува на осигурувањето на флоти (за сопственик/ци на шест и повеќе возила). Имено, осигурувањето и пресметката на бонус и малус за флоти е уредено со член 8 став 1 и став 3 од Тарифата.

Имено, начелото на справедливост од член 10-а од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009, 23/2013 и 123/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/2021, 154/2023, 220/2023, 149/2024 и 209/2024) се применува во случаи точно определени со закон, а дополнително дадено преку случаи на примена наведени во самата одредба на членот, како што се одговорност на штета, општите услови на договорот, раскинување на договорот поради променети околности и слично. Отука, Судот оцени дека овие наводи во иницијативата се неосновани.

Од анализата на содржината на одредбите на Тарифата, произлегува дека со неа, а врз основа на законските овластувања на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, се уредуваат прашања кои се однесуваат на: осигурување на моторните и приклучните возила распоредени во тарифни групи, утврдено е значењето на одделни изрази кои се употребуваат во тарифата, премијата на осигурување, критериумите за утврдувањето на висината на премијата, времето за кое се однесува траењето на договорот за осигурување кое опфаќа премија, доплати и попусти, утврдување на бонус-малус систем во зависност од тоа дали со возилото е предизвикана штета, степени на бонус-малус, возраста на договарачот, обемот на осигурителното покритие во земјата и во странство, висината на осигури­телното покритие, пресметувањето на доплати и попусти, посебни видови на осигурувања.

Во конкретниот случај, Тарифата претставува акт донесен врз основа на закон, при што со Тарифата се регулираат премиите за осигурување од автомобилска одговорност на целокупниот осигурителен пазар на територијата на државата. Ова во ниту еден случај не претставува облигационен однос во кој двете страни сами ги договараат правата и обврските како би можело да дојде до примена на членот 10-а од Законот за облигациони односи, ниту пак станува збор за одговорност од штета. Тарифата е донесена врз основа на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Задолжителноста на примена на Тарифа е повеќе од јасна и не е предмет на слободно договарање и располагање, па оттука друштвата за осигурување ниту можат ниту имаат право слободно да располагаат со Тарифата, ниту пак со условите под коишто се утврдуваат степените бонус-малус од член 7 од Тарифата.

По однос на наводите со кои се оспорува уставноста и законитоста на член 8 став 3 и став 8 алинеја 1 од Тарифата, Судот оцени дека во случаите кога договарачот на осигурувањето има склучено осигурување за шест или повеќе возила согласно со член 8 став 1 и 3 од Тарифата, системот бонус-малус се пресметува на ниво за сите осигурени возила. Во оние случаи кога меродавниот технички резултат достигнал ниво со кое се исполниле условите за пресметка на малуси, возилата кои немаат причинето штета подлежат на зголемување на премијата за осигурување. Истиот овој принцип се применува и во случаите кога меродавниот технички резултат достигнал ниво со кое се исполниле условите за пресметка на бонус и во тој случај бонус се пресметува и на возилата кои предизвикале одредена штета, односно се разгледуваат во групата на осигурени возила што го остваруваат правото на намалување на премијата на ниво на пресметка на целата група на возила.

Имајќи го предвид претходното, како што малусот претставува оптоварување на договарачот да плати зголемена премија на ниво на групно осигурени возила, согласно со член 8 став 3 од Тарифата, така договарачот на осигурување ги користи и поволностите за намалување на премијата на ниво на групно осигурените возила, согласно  со член 8 став 1 од Тарифата.

Имено, во однос на наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Тарифата не се во согласност со одредбите од член 141, член 145 и член 195 од Законот за облигационите односи Судот оцени за неопходно да укаже дека малусот на договарачот не претставува штета во смисла на одредбите од овој закон, па оттука и потребата да се појасни примената на овие одредби и дека истите не се применливи во случај кога има донесен акт, односно Тарифа којашто се однесува на задолжителното осигурување во сообраќајот.

Основите за одговорноста при причинување штета се предвидени во член 141 од Законот за облигационите односи. Основното правило за одговорност за причинетата штета гласи: „Тој што со вина ќе му причини штета на друг, должен е да ја надомести“. Самото причинување на штета претставува извор на облигационо-правен однос кога за него правниот поредок поврзува одговорност за надоместување на така причинетата штета. За да настане облигационо-правен однос од причинување на штета, потребно е да бидат исполнети две претпоставки – фактички да биде предизвикана штета како примарен елемент и да биде пропишана одговорност на сторителот за предизвиканата штета како секундарен елемент. Субјекти на облигационоправниот однос на причинета штета се оној кој ја предизвикал штетата и оштетениот.

Одредбите од член 195 од Законот за облигационите односи на кој се повикува подносителот ја регулира солидарната одговорност на штета односно одговорноста на повеќе лица кога тие учествуваат во причинување на штетата и има за цел да го обезбеди обесштетувањето на оштетениот во секој случај.

Правниот основ за надомест на штета е законски регулиран, а малусот не претставува штета на оштетен во одреден штетен настан,  па оттука повикувањето на наведените членови од Законот за облигационите односи е неосновано, а одредбите од овој закон се неприменливи бидејќи истите се однесуваат на правниот институт надомест на штета.

При постоење на ваква правна и фактичка состојба, Судот оцени, дека оспорените одредби од Тарифата на премии за осигуру­вање на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизви­кани на трети лица, не можат да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 51 од Уставот, како и со членот 10-а од Законот за облигационите односи.

Оттука, не се исполнети условите за донесување решение за запирање на извршувањето, согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски