
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.155/2023
Скопје, 26.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 171/2022).
Образложение
I
Зоран Димовски од Куманово, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивен на членовите 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во иницијативата, подносителот ги цитира член 31 став 1 и член 29 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Репуб-лика Северна Македонија“ бр. 171/2022), како и член 218-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020). Наведува дека оспорениот дел од член 31 став 1 е дискриминирачки бидејќи една група луѓе се во поповолна положба во однос на други, на начин што групата што била во понеповолна положба не можела да ги оствари правата пропишани во член 29 став 10 од Законот.
Подносителот смета дека една група луѓе биле дискриминирани, бидејќи биле пензионирани со единствен услов од 25 години вкупен пензиски стаж без услов од 15 или 25 години во служба во Армијата на Република Северна Македонија. Со оспорениот член 31 став 1 од Законот, е пропишан услов од минимум 25 години стаж во Министерството за одбрана, што значи непризнавање стаж стекнат од цивилство, што е пречка да ги остварат правата за нова пресметка на пензијата пропишана во член 218-а од истиот закон. Понатаму во иницијативата наведува дека е нејасно и неразбирливо која е целта на Законот, во однос на остварувањето на поповолни услови за пензија не е признаен и стажот стекнат во цивилство. Со ваквото законско решение воените лица кои имале стаж стекнат во други организации, но немале минимален стаж од 25 години во Армијата на Република Северна Македонија на денот на пензионирање, не можеле да го остварат правото на пензија со поповолни услови, со што биле доведени во понеповолна финансиска и економска положба.
Со иницијативата се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 171/2022) и истиот да го поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во член 31 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Репубика Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 171/2022) е утврдено дека на активниот воен и цивилен персонал кој не остварил право на пензија согласно со Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020), а кој правото на пензија го стекнал од денот на формирањето на Армијата до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе им се изврши нова пресметка на износот на пензија од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, согласно со членот 29 од овој закон со кој се менува членот 218-а став (10) во зависност од исполнетиот пензиски стаж во Министерството за одбрана, кој не може да биде пократок од 25 години, така што пензиската основица ќе се намали за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024), се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Според член 2 став 1 од истиот закон, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата. Во став 2 од истиот член е утврдено дека како служба во Армијата се смета и вршење должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, учество на вежби, обука, хуманитарни операции, меѓународни операции, во мисии и операции на Организацијата на Северноатлантскиот договор (во натамошниот текст: во НАТО мисии и операции) и операции во примената на правото на индивидуална или колективна самоодбрана, операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, како и вршење на должности во командните структури на НАТО, дипломатските претставништва на Републиката, команди, штабови и воени единици на меѓународни организации во странство и на територијата на Републиката.
Согласно со член 3 од истиот закон, Служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.
Според точка 1 на истиот член, воен персонал, во смисла на овој закон, е: активен воен персонал – воен старешина-офицер и подофицер и професионален војник (потточка а) алинеи 1 и 2); б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука – војник на доброволно служење на воениот рок, лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и питомец на Воената академија (потточка б) алинеи 1, 2 и 3); и припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата – припадници на активната резерва и припадници на општата резерва (потточка в) алинеи 1 и 2). Според точка 2 од истиот член, цивилен персонал, во смисла на овој закон, е цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.
Со член 29 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 171/2022), се менува членот 218-а и во ставот 6 е пропишано дека по исклучок од ставовите (1) и (2) на овој член, кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата, односно актот за систематизација на работните места на Министерството за одбрана кое предизвикува укинување на единица, команда, штаб или укинување на формациско место, односно работното место, при што во рок од 60 дена нема можност активниот воен и цивилен персонал да биде поставен на друго формациско, односно работно место, на истиот му престанува работниот однос со остварување на право на пензија со навршени најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години пензиски стаж остварен во служба во Армијата. Став 10 од истиот член пропишува дека пензијата согласно со ставовите (1), (2) и (6) на овој член, е во висина од 80% од просечната нето-плата што активниот воен и цивилен персонал ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Во член 31 став 2 од истиот закон, е пропишано дека правото на користење на ново пресметаниот износ на пензијата од ставот (1) на овој член, активниот воен и цивилен персонал, како и корисниците на семејна пензија, ќе го остваруваат од првиот ден на наредниот месец од денот на поднесување на барањето за остварување на правото на пензија. Според став 3 од истиот член, барањето од ставот (2) на овој член се поднесува до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
IV
Со иницијативата се оспорува член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, според кој пензионираните воени лица кои немале минимален стаж од 25 години во служба во Армијата не можеле да го остварат правото на поповолни услови за пресметка на пензија. Подносителот смета дека со оспорениот дел од одредбата се прави дискриминација на една група луѓе кои биле ставени во понеповолна положба во однос на други, односно на оваа група луѓе и било оневозможено да ги оствари правата коишто се дадени во член 29 став 10 од истиот закон, а кои се однесуваат на начинот на пресметување на пензијата во висината од 80% од просечната нето плата што активниот воен и цивилен персонал ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж во Министерството за одбрана, а како спорно за подносителот е непризнавањето на стажот остварен во цивилство.
Од анализата на оспорената одредба во корелација со член 29 став 10 од истиот закон, произлегува дека нема основ за дискриминација. Имено, одредена група лица – поранешни воен и цивилен персонал на служба во Армијата, кој веќе го остварил правото на пензија под услови дадени во Законот за служба во Армијата во времето на остварување на ова право, а од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Репубика Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 171/2022) и за сите овие поранешни припадници на Армијата важел истиот оспорен дел на одредбата за извршување на нова пресметка на пензијата до октомври 2022 година.
Оспорената одредба е со определен временски рок на важење и правото на користење на ново пресметаниот износ на пензијата, активниот воен и цивилен персонал и корисниците на семејна пензија го оствариле од првиот ден на наредниот месец од денот на поднесување на барањето за остварување на правото на пензија до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, а во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 171/2022).
Овој закон влегол во сила на 06.08.2022 година. Имајќи ја предвид и содржината на член 31 ставови 1 и 2 од истиот закон, произлегува дека рокот за доставување на барањето за остварување на правото на пензија за лицата кои оствариле право на пензија, од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон, е истечен во месец октомври 2022 година.
Во ниту еден случај не може да се прави споредба со условите за остварување на право на пензија со активниот воен и цивилен персонал, кој според член 29 став 6 од истиот закон кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата, односно актот за систематизација на работните места на Министерството за одбрана кое предизвикува укинување на единица, команда, штаб или укинување на формациско место, односно работното место, при што во рок од 60 дена нема можност активниот воен и цивилен персонал да биде поставен на друго формациско, односно работно место, на истиот му престанува работниот однос со остварување на право на пензија со навршени најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години пензиски стаж остварен во служба во Армијата.
Оваа одредба ги уредува статусот и правата коишто се однесуваат на активниот воен и цивилен персонал во служба на Армијата, на кој по исклучок кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата и актот на систематизација на работните места на Министерството за одбрана, се применува Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија како lex generalis.
По однос на прашањето за непризнавање на пензискиот стаж остварен во цивилна служба, односно стаж остварен надвор од службата на Армијата, во никој случај не може да се спореди со пензискиот стаж остварен во Армијата од причина што извршувањето на должности во Армијата има своја специфичност со висок степен на ризик, што значи изложување на висок ризик и опасност по животот и здравјето кои не може да се отстранат со спроведување на мерки за безбедност како и специфични посложени услови за работа, вонредни ситуации предизвикани од потребите на борбената готовност на Армијата, по кои специфики Армијата се издвојува од другите институции.
Со цел остварување на правото на пензија на оваа категорија на осигуреници, односно на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, постапува согласно со Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 171/2022) кој предвидува посебни услови за пензионирање.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот дел од член 31 став 1 од истиот закон, во корелација со претходно наведените членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и наводите во иницијативата, Судот оцени дека со оспорената одредба не се доведува во прашање начелото на еднаквост, односно не се врши дискриминација со пропишаниот услов од минимум 25 години стаж во Министерството за одбрана. Пензионираниот воен и цивилен персонал од Армијата, се стекнал со право на пензија според Законот кој важел во времето на исполнување на условите за пензија и сите во истите услови предвидени во Законот кој во моментот е во правна сила.
Судот оцени дека законодавецот може во рамки на своите уставни овластувања со закон да уреди одредени прашања за вработени во специфична дејност со висок степен на ризик, како што тоа го направил со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, каде пропишал услови и критериуми за стекнување на право на пензија, како и начинот и постапката за остварување на ова право. Ваквото законско решение само по себе не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост, бидејќи ваквото уредување на ова прашање се заснова на оправдани причини и е во прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на ваквата проблематика, не се доведува во прашање прокламираното начело дека Република Северна Македонија е демократска и социјална држава и не се рефлектира на принципите на еднаквост, владеење на правото и социјалната праведност.
Во таа смисла, право на законодавецот е со закон да ги утврди условите и критериумите за стекнување на право на пензија како и начинот и постапката за остварување на ова право имајќи ја предвид специфичноста на различни професии, а воедно ова право на законодавецот е во рамки на уставно определената надлежност на Собранието на Република Северна Македонија да донесува закони, како што е пропишано со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Оспорената одредба не може да се доведе под сомнение ни по однос на член 9 од Уставот. Имено, за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со конкретно оспорената одредба на член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Меѓу пензионираниот и активниот воен и цивилен персонал во службата на Армијата не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на правата за пензија и начинот на пресметка на истата. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија вработени утврдил различни услови за нивно остварување. Оттука, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 31 став 1 во оспорениот дел од одредбата од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 51 од Уставот.
Во однос наводите од иницијативата за несогласноста на оспорената одредба со членовите 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, истите не беа предмет на оцена, од причина што Судот согласно со Уставот на Република Северна Македонија, нема надлежност да оценува меѓусебна усогласеност на законите.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски