У.бр.68/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.68/2025
Скопје, 12.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 128 став 4 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 235/2022).

О б р а з л о ж е н и е

I

Горан Тасевски од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот не е во согласност со членовите 9, 32 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот смета дека целта на последните измени на Законот за судска служба со кои оспорената одредба ја добива постојната содржина, е усогласување на платите на вработените во судска служба во однос на минималната плата во Република Северна Македонија. Меѓутоа со овие измени на Законот, законодавецот ги оштетил припадниците на судската полиција во делот на платата за звања со тоа што биле зголемени платите на сите вработени во судската служба освен на припадниците на судската полиција.

Имено, подносителот наведува дека со донесувањето на Законот во 2014 година бодирањето на судската полиција во споредба со останатите судски службеници била сосема иста, додека со измената направена во 2022 година во споредба со останатите судски службеници разликата во бодирањето е голема. Како пример, наведува дека командир на судска полиција каде според категоризација и ниво на работно место е Б3 – раководно со споменатиот закон има добиено бодови за работно место исто како средно образование од ниво Г3.

Поради сето наведено, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да ја оцени уставноста на оспорениот член 2 став 4 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за изменување на Законот за судска служба.

II

На седницата Судот утврди дека член 128 став 4 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 235/2022) гласи:

„(4) Делот на плата за звање на кое е распореден припадникот на судската полиција се вреднува на следниов начин:
-Б1 – командант на судската полиција во Врховниот суд на Република Северна Mакедонија 101 бодови,
– Б2 – координатор на судската полиција 51 бодови,
– Б3 – командир на судската полиција 48 бодови,
– Б4 – заменик – командир на судската полиција 19 бодови и
– В1 – припадник на судската полиција 7 бодови.“

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, согласно со член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) е определено дека судската власт ја вршат судовите во Република Северна Македонија кои се самостојни и независни државни органи. Во судскиот систем согласно со член 22 од Законот судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Член 100 содржан во глава IX со наслов „Судска служба“ од Законот за судовите, уредува дека судската служба ја сочинуваат судските службеници, лица вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судска полиција.

Статусот, правата, должностите, одговорностите на судската служба, системот на плати и надоместоци на плати на судската служба, како и управувањето со судските предмети се уредуваат со закон согласно со член 101 од истиот закон.

Член 110 систематизиран во глава XI со наслов „Судска полиција“ уредува дека обезбедувањето на објектите, имотот, лицата и одржувањето на редот во судот го врши судската полиција. Согласно со член 112 од истиот закон, надлежностите на судската полиција, правата и обврските, вработувањето, дисциплинската одговорност на припадниците на судската полиција и други прашања од надлежност на судската полиција се уредуваат со закон.

Со Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 235/2022), се уредуваат статусот, правата, должностите, одговорностите на судската служба, системот на плати и надоместоците на плати на судската служба (член 1).

Согласно со член 2 од Законот, судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција.

Член 3 став 1 од Законот уредува дека судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори. Во став 2 од истиот член е уредено дека лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи немаат статус на судски службеници и за нив важат Законот за вработени во јавниот сектор и општите прописи за работните односи.

Согласно со став 3 од член 3 од Законот, судската полиција е служба која ги обезбедува објектите, имотот и лицата и го одржува редот во судскиот простор. Судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно овој закон, Законот за судови, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Глава XVII со наслов „Судска полиција“ од Законот за судска служба ги опфаќа членовите 118 до 140, во кои се уредува статусот, условите за вработувањето, правата, обврските, одговорностите, како и системот на плати и надоместоци на плати на судската полиција со што законодавецот, во рамки на неговото уставно овластување го уредил остварувањето на правата на вработените и нивната положба, со Законот за судска служба, го уредил статусот и правата од работен однос на припадниците на судската полиција, имајќи ја предвид спецификата и значењето на оваа функција.

Со Законот за изменување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 235/2022) со член 1 се врши измена на членот 67 кој гласи :

„(1) Основната компонента на плата на судските службеници ја сочинуваат:
– минимална плата,
– дел на плата за степен на образование, утврден со актот за систематизација на работните места, за работното место на кое е распореден,
– дел на плата за звање и
– дел на плата за стаж.

(2) Минималната плата е онаа која министерот за труд и социјална политика ја објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ согласно со закон.

(3) Делот на плата за степенот на образование кој е законски минимум за соодветното звање на работно место се вреднува на следниов начин:
– Ниво на квалификации VIII, 480 кредити според ЕКТС или завршен VII/3 степен 157 бодови,
– Ниво на квалификации VII, 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/2 степен 129 бодови,
– Ниво на квалификации VI A, 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен 100 бодови,
– Ниво на квалификации VI Б или 180 кредити според ЕКТС 71 бодови,
– Ниво на квалификации V Б, 60 до 120 кредити според ЕКТС или вишо образование 58 бодови и
– Ниво на квалификции IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКЦОО или четиригодишно средно образование 1 бод.

(4) Делот на плата за звање на кое е распореден судскиот службеник се вреднува на следниот начин:
– А1 – судски администратор на Врховниот суд на Република Северна Македонија 555 бодови,
– А2 – судски администратор на Управниот суд, на Вишиот управен суд, на апелационите судови, на основните судови со проширена надлежност 441 бодови,
– Б1 – самостоен судски советник 402 бодови,
– Б2 – раководител на служба 372 бодови,
– Б4 – раководител на судски оддел 308 бодови,
– Б4 – раководител на оддел 308 бодови,
– Б4 – раководител на судско одделение 236 бодови,
– Б4 – раководител на одделение 236 бодови,
– В1 – судски советник 182 бодови,
– В2 – виш судски соработник 139 бодови,
– В3 – судски соработник 119 бодови,
– В4 – помлад судски соработник 88 бодови,
– В1 – советник 182 бодови
– В3 – соработник 119 бодови,
– В4 – помлад соработник 88 бодови,
– Г1 – самостоен судски референт 76 бодови,
– Г2 – виш судски референт 55 бодови,
– Г3 – судски референт 35 бодови,
– Г4 – помлад судски референт 8 бодови,
– Г1 – самостоен референт 76 бодови,
– Г3 – референт 35 бодови и
– Г4 – помлад референт 8 бодови.

(5) Делот на плата за работниот стаж на судскиот службеник се вреднува во износ од 0,5% од збирот на минималната плата, делот на плата за степен на образование и делот на плата за звање, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.“

Со член 2 од Законот за измена на Законот за судска служба се врши измена на членот 128 во кој е предвидено дека:

„(1) Основната компонента на плата на припадниците на судската полиција ја сочинуваат:
– минимална плата,
– дел на плата за степен на образование, (утврден со актот за систематизација на работните места), за работното место на кое е распореден,
– дел на плата за звање и
– дел на плата за стаж.

(2) Минималната плата е онаа која министерот за труд и социјална политика ја објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ согласно со закон.

(3) Делот на плата за степенот на образование, кој е законски минимум за соодветното звање на работно место, се вреднува на следниов начин:
– Ниво на квалификации VIII, 480 кредити според ЕКТС или завршен VII/3 степен 157 бодови,
– Ниво на квалификации VII, 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/2 степен 129 бодови,
– Ниво на квалификации VI A, 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен 100 бодови,
– Ниво на квалификации VI Б или 180 кредити според ЕКТС 71 бодови,
– Ниво на квалификации V Б, 60 до 120 кредити според ЕКТС или вишо образование 58 бодови и
– Ниво на квалификции IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКЦОО или четиригодишно средно образование 1 бод.

(4) Делот на плата за звање на кое е распореден припадникот на судската полиција се вреднува на следниов начин:

-Б1 – командант на судската полиција во Врховниот суд на Република Северна Mакедонија 101 бодови,
– Б2 – координатор на судската полиција 51 бодови,
– Б3 – командир на судската полиција 48 бодови,
– Б4 – заменик – командир на судската полиција 19 бодови и
– В1 – припадник на судската полиција 7 бодови.

(5) Делот на плата за работниот стаж се вреднува во износ од 0,5% од збирот на минималната плата, делот на плата за степен на образование и делот на плата за звање, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.“

IV

Од страна на подносителот на иницијативата се оспорува член 2 став 4 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за изменување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 235/2022), меѓутоа од наводите недвосмислено произлегува дека всушност се оспорува содржината на член 128 став 4 изменета со членот означен со иницијативата. Од тие причини, предмет на уставно-судска анализа од страна на Судот е член 128 став 4 од Законот за судска служба.

Согласно со Законот за судска служба, судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција, но со различен статус. Имено, законодавецот на лицата судски службеници им дал статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко – аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон, а правата од работниот однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективни договори, а додека на лицата припадници на судската полиција и дал статус на служба која ги обезбедува објектите, имотот и лицата и го одржува редот во судскиот простор, а правата од работен однос ги остваруваат согласно овој закон, Законот за судовите и колективните договори.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата го оспорува законското решение на системот на плати регулиран од страна на законодавецот и всушност бара изедначување на правата од работниот однос помеѓу вработените со статус на судски службеници – лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко – аналитички и материјално-финансиски работи и вработените со статус на судска полиција, поради тоа што двете категории немаат ист третман што создава нееднаквост и не го обезбедува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Уставното начело за еднаквост на граѓаните го обврзува законодавецот при регулирањето на определени права и односи, истите да ги уреди под еднакви услови што ќе важат за сите граѓани што се наоѓаат во идентична положба. Во конкретниот случај, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за повреда на член 9 и член 32 од Уставот, од причина што не може да се поистоветува статусот на лицата кои се судски службеници – административен службеник и на лицата – припадници на судска полиција кои во судовите ги обезбедуваат објектите, имотот и лицата и го одржуваат редот во судскиот простор.

Според Судот, ваквите аргументи се неосновани, од причина што лицата кои во судовите ги обезбедуваат објектите, имотот и лицата и го одржуваат редот во судскиот простор не се наоѓаат во идентична, ниту пак во слична положба со вработените со статус на судски службеници – административни службеници.

Ова од причина што, иако со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници, како и на судската полиција, сепак овие категории имаат различен статус и се наоѓаат во различна правна ситуација.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на член 128 став 4 од Законот за судска служба со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски