
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.76/2025
Скопје, 26.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 и член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 86 ставови 1, 2 и 4 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
О б р а з л о ж е н и е
I
Матеј Алексовски од Скопје, поднесе иницијатива до Уставниот суд, за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека постои колизија, односно неусогласеност помеѓу Законот за облигационите односи и Законот за нотаријатот во поглед на процесните дејствија коишто треба да бидат спроведени при заверката на правни дела за кои е пропишана „засилена“ писмена форма согласно со закон.
Конкретно, со член 1023 став 3 и член 1030 став 2 од Законот за облигационите односи, се уредени прашањата за тоа, кои дејствија треба да ги преземат судијата или нотарот при заверката на договорот за отстапување на имот за време на живот, односно договорот за доживотна издршка.
Од друга страна, Законот за нотаријатот, под заверка подразбира заверка на потпис, при што со оспорените одредби се предвидени процесните дејствија коишто нотарот треба да ги преземе при заверката – да го потврди идентитетот на страните и да потврди дека страните, во негово присуство ја потпишале исправата.
Но, од истите произлегува дека нотарот нема должност подетално да се запознае со содржината на правното дело, во смисла на тоа дали е во согласност со позитивното право, ниту пак е предвидена негова обврска да ги предупреди или запознае страните за последиците од склучувањето на правното дело.
Врз основа на ова, може да се заклучи дека двата закони се во колизија, бидејќи иако уредуваат иста постапка за заверка, предвидуваат различни процесни дејствија. Законот за облигационите односи предвидува обврска за нотарот да го прочита договорот и да ги предупреди договарачите на последиците од договорот, додека Законот за нотаријатот, не предвидува ваква обврска.
Ова доведува до колизија, правна несигурност и конфузија кај субјектите на правото за тоа, кои норми треба да се применат при заверка на правното дело.
Постоењето на ваква правна несигурност којашто произлегува од оспорените одредби е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно која, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.
II
На седницата Судот утврди дека член 86 став 1 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018), предвидува дека нотарот потврдува дека странката во негово присуство своерачно ја потпишала исправата, или ставила свој ракознак, или го признала потписот, односно ракознакот на писменото како свој.
Согласно со став 2 на овој член, идентитетот на странката се утврдува во согласност со одредбите од овој закон.
Според став 4 на истиот член, при заверката на потписот, односно ракознакот, нотарот се запознава со содржината на исправата, само толку за да може да ги пополни рубриките на Уписникот за заверки и потврди. Притоа нотарот не е одговорен за содржината на писменото, ниту е должен да испитува дали учесниците се овластени за преземање на таа правна работа.
III
Член 110 алинеја 1 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Член 1 од Законот за нотаријатот, определува дека со овој закон се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот.
Во член 3 став 2 од овој закон е предвидено дека нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавни исправи за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски платни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување на исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон.
Член 4 став 1 од Законот, уредува дека нотарски исправи се јавни исправи кои нотарот ги составил во рамки на делокругот на работата и службените дејствија утврдени со закон и тоа исправи за правни работи и изјави кои ги составил нотарот во форма на нотарски акт (нотарски акти), нотарски платен налог, записници за правни работи и други дејствија што ги презел нотарот или биле преземени во негово присуство (нотарски записници), потврди за факти кои нотарот ги утврдил со непосредно забележување или со помош на исправи (нотарски потврди) и потврдени (солемнизирани) приватни исправи.
Став 2 на овој член предвидува дека нотарски заверки се заверки на потпис и ракознак, заверки на идентичност на препис или извод (заверка на препис), заверки на превод и други заверки предвидени со закон.
Нотарските исправи имаат доказна сила на јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови предвидени со овој закон (став 4 на овој член), додека нотарските заверки имаат доказна сила на јавни исправи во делот на фактите кои нотарот ги потврдил (став 5 на истиот член).
Според член 55 став 1 од овој закон, ако не е во прашање правна работа за која според овој закон е задолжително постоење на нотарски акт, странките се должни приватната исправа за правната работа врз основа на која се стекнува, престанува, пренесува или ограничува право на сопственост или друго право на недвижност, или права за кои се водат јавни книги, да ја потврдат кај нотар.
Согласно со став 3 на истиот член, нотарот ќе испита дали приватната исправа е во согласност со член 3 став 3, членови 29, 30, 31, 32 и 54 од овој закон и ако за тоа не најде пречка, ќе ја потврди (солемнизира), додека според став 5 на овој член, приватната исправа, која е потврдена (солемнизирана) во согласност со овој закон, има својство на јавна исправа.
И на крајот, со член 86 став 5 од овој закон е нормирано дека при заверка на потписот или ракознакот, нотарот е должен да ја запознае странката дека се потврдува само потписот, но не и содржината на исправата.
Понатаму, член 1023 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013 – исправка и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/2021 и 154/2023) е систематизиран во главата XXXI („Договор за отстапување на имотот за време на живот“, членови 1022-1028) на овој закон и содржи пет става.
Согласно со став 2 на овој член, договорот за отстапување на имотот за време на живот мора да биде составен во писмена форма и заверен од надлежен суд или од нотар, додека според став 3 на истиот член, при заверката судијата односно нотарот ќе го прочита договорот и ќе ги предупреди договарачите на последиците од него.
Член 1030 од Законот за облигационите односи е систематизиран во главата XXXII („Договор за доживотна издршка“, членови 1029-1035) од овој закон и содржи четири става.
Според став 1 на овој член, договорот за доживотна издршка се составува во писмена форма и се заверува од надлежен суд или од нотар, додека став 2 на истиот член, предвидува дека при заверка судијата односно нотарот во присуство на договарачите и двајца сведоци кои ги познаваат гласно ќе го прочита договорот и ќе ги предупреди договарачите на последиците од договорот.
IV
Од анализата на цитираните одредби од Законот за облигационите односи и Законот за нотаријатот, неспорно произлегува дека во случајот не постои колизија на која се укажува со иницијативата.
Имено, член 1023 став 3 и член 1030 став 2 од Законот за облигационите односи, се однесуваат на дејствијата кои ги преземаат судијата или нотарот при заверката на договорот за отстапување на имот за време на живот, односно договорот за доживотна издршка.
Членот 86 од Законот за нотаријатот, во кој се содржани оспорените одредби, се однесува на сосема друго прашање и го уредува начинот на кој се спроведува едно од дејствијата кои нотарот е овластен да ги презема согласно закон – да го потврди фактот дека странката во негово присуство своерачно ја потпишала исправата или ставила свој ракознак или дека или го признала потписот, односно ракознакот на писменото како свој, што неспорно произлегува од оспорениот став 1 на овој член.
Оспорените ставови 2 и 4 од истиот член, се во насока на разработка на последното, каде со првата одредба се уредува начинот на кој се утврдува идентитетот на странката во таквите случаи, додека втората се однесува тоа дека нотарот не е одговорен за содржината на писменото и нема должност да испитува дали учесниците се овластени да ја преземаат правната работа, при што може да се запознае со содржината на исправата до степен за да може да го пополни Уписникот за заверки и потврди.
И на крајот, во овој дел, со став 5 на истиот член, за нотарот е утврдена должност при заверката на потпис од негова страна – да ја запознае странката дека се потврдува само потписот, но не и содржината на исправата.
Законот за нотаријатот, јасно ги утврдува потврдувањето приватни исправи и заверката на потпис и ракознак како два посебни (и различни) видови нотарска служба (член 3 став 2), при што во член 4 од истиот закон, има понатамошно допрецизирање преку дефинирање што претставува нотарска исправа, односно нотарска заверка и на тој начин се прави јасна дистинкција помеѓу нив.
Имено, според став 1 на член 4 од овој закон, нотарски исправи, меѓу другите, се и потврдените (солемнизирани) приватни исправи, додека според став 2 на истиот член, заверката на потпис и ракознак спаѓа во групата на нотарски заверки.
Во овој закон, посебно се утврдени случаите кога се потврдуваат (солемнизираат) приватните исправи – ако не е во прашање правна работа за која според овој закон е задолжително постоење нотарски акт, странките се должни приватната исправа за правната работа врз основа на кои се стекнува, престанува, пренесува или ограничува право на сопственост или друго право на недвижност, или права за кои се водат јавни книги, да ја потврдат кај нотар (член 55 став 1).
Конкретно пак, постапувањето на нотарот при потврдувањето на приватните исправи е определено со став 3 на истиот член, согласно кој нотарот ќе испита дали приватната исправа е во согласност со членот 3 став 3, членови 29, 30, 31, 32 и 54 од овој закон и ако за тоа не најде пречка, ќе ја потврди (солемнизира). И на крајот, приватната исправа, која е потврдена (солемнизирана) во согласност со овој закон, има својство на јавна исправа, според став 5 на истиот член.
Според тоа, во случајот со оспорените одредби, не станува збор за заверка на исправи, туку за заверка на потпис или ракознак на странката кој е ставен на исправа во писмена форма, при што со закон точно се определени дејствијата коишто ги презема нотарот.
Кај цитираните одредби во иницијативата од Законот за облигационите односи пак, се предвидуваат дејствија кои судијата или нотарот треба да ги преземат при заверка на правни дела определени со закон кои се во писмена форма, што е различно, односно произлегува дека не се уредува исто прашање како основен предуслов да се разгледува дали постои неусогласеност.
Од друга страна, не само што овде не станува збор за такво нешто, туку дури и да постои, тоа не е предмет на уставно-судската оцена којашто се однесува на тоа дали пониската норма (законската) е во согласност со повисоката (уставната) и за што треба да се дадат причини во иницијативата.
Во случајот, причините за оспорување немаат квалитет на уставно-правни аргументи за проблематизирање на уставноста на оспорените одредби, со оглед дека на тоа се однесуваат на наводна несогласност, односно колизија помеѓу одредби од два различни закони.
Според тоа, кога нема соодветни причини за оспорување на уставноста, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, што е основ за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски