
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.73/2025
Скопје, 19.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 ставови 9 и 10 во деловите „годишниот извештај” и став 11 во делот „извештајот” од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 13/2023 и 59/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот на иницијативата ги оспорува член 33 став 9 во делот „годишниот извештај”, член 33 став 10 во делот „годишниот извештај” и член 33 став 11 во делот „извештајот” од Законот за технолошки индустриски развојни зони како спротивни на темелната вредност владеење на правото коешто подразбира дека во правниот поредок треба да постојат јасни и прецизни норми.
Во иницијативата се наведува член 33 став 6 од Законот за технолошки индустриски развојни зони, според кој „решенијата” од став 5 на овој член коишто се издаваат по претходно доставен бизнис – план кој се однесува на проширувањето на капацитетот на постојното претпријатие, диверзификацијата на производството на претпријатието со воспоставување на нови, дополнителни производи или суштинска промена во целокупниот процес на производство на постојното претпријатие и одобрение за евиденција од Царинската управа, согласно со член 41 од овој закон.
Оспорениот став 9 од истиот член од Законот регулира дека годишниот извештај од ставот 6 на овој член содржи податоци особено за обемот на производството, односно услугите остварени во зоната, квантитативно и вредносно; извршената надворешно-трговска размена, вредносна и количинска и тоа по: земји, производи, земја – производ и бројот на остварените вработувања во извештајниот период, по квалификациона структура.
Понатаму, во оспорениот став 10 е определено дека формата и содржината на годишниот извештај од ставот 6 на овој член, ги пропишува директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, а според оспорениот став 11, Дирекцијата е должна да достави опомена на корисникот на зоната најдоцна 15 дена пред истекот на рокот за извештајот од ставот 6 на овој член.
Имајќи предвид дека оспорените делови од одредбите упатуваат на примена на други норми односно во конкретната ситуација упатуваат на став 6 кој не е во согласност со одредбите во кои се содржани оспорените делови и истите не се надополнуваат една со друга и не формираат правно логична функционална целина на нормите коишто би се применувале во правниот промет.
Врз основа на наведеното, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите како спротивни на Уставот и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека член 33 став 9 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 13/2023 и 59/2025) определува дека годишниот извештај од ставот (6) на овој член содржи податоци особено за: 1) обемот на производството, односно услугите остварени во зоната, квантитативно и вредносно; 2) извршената надворешно-трговска размена, вредносна и количинска и тоа по: земји, производи, земја – производ и 3) бројот на остварените вработувања во извештајниот период, по квалификациона структура.
Според став 10 на овој член, формата и содржината на годишниот извештај од ставот (6) на овој член, ги пропишува директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Ставот 11 на истиот член регулира дека дирекцијата е должна да достави опомена на корисникот на зоната најдоцна 15 дена пред истекот на рокот за извештајот од ставот (6) на овој член.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Во иницијативата се оспорува уставноста на член 33 став 9 во делот „годишниот извештај”, член 33 став 10 во делот „годишниот извештај” и член 33 став 11 во делот „извештајот” од Законот за технолошки индустриски развојни зони како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
При утврдувањето на фактичката состојба Судот оцени дека настанат е технички пропуст и истиот е сторен во моментот кога со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр. 160/14), по ставот 4 во член 33 се додаваат два нови става 5 и 6, а ставовите 5, 6, 7, 8, 9 10, 11, 12, 13, 14 и 15 стануваат ставови 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17.
Во ваква настаната ситуација, а врз основа на уставно утврдените надлежности, законодавецот бил должен да интервенира и во содржината на ставовите 9, 10 и 11 од член 33 во делот „годишниот извештај од ставот 6“ и истиот да го замени со делот „годишниот извештај од ставот 8“, согласно со нумерацијата од Законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр. 160/2014), со цел на меѓусебно усогласување на одредбите од Законот.
Од увидот на содржината на членот во кој се содржани оспорените делови, јасно произлегува дека е сторен технички пропуст од номотехнички карактер, којшто со системско толкување на целината на законската одредба е лесно воочлив, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорените делови од одредбата на Законот со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност, со оглед на тоа дека наводите се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд за што е надлежен законодавецот, кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски