
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.58/2025
Скопје, 19.11.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38 став 1 во деловите „парична казна“ и „стопански престап“ од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1995).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на деловите од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се цитираат член 38 ставови 1 и 2 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1995) и се наведува дека со член 34 од Законот за безбедност на козметичките производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007), со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да се применуваат одредбите од Законот за здравствената исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба коишто се однесуваат на средствата за одржување на личната хигиена, за нега и разубавување на лицето и телото и амбалажата за тие средства.
Понатаму, во иницијативата се цитираат член 3 став 13 и член 22 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) и се наведува дека од овие одредби од Законот произлегува дека за прекршоци на прекршочно одговорни сторители може да им се изрече, меѓу другото и глоба. Според подносителот, од целината на Законот за прекршоците не произлегува дека на прекршочно одговорни сторители ќе им се изрече парична казна туку глоба којашто е дефинирана во член 3 став 13 од овој закон, а воедно во Законот не е предвиден ниту институтот „стопански престап“. Со Законот за прекршоци, според подносителот, е напуштен концептот на парични казни.
Подносителот наведува дека во правниот промет треба да постојат одредби коишто се надополнуваат една со друга така што меѓу истите би постоела хармонија што е во согласност со владеење на правото како темелна вредност на Уставот.
Со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба и истите да ги укине како спротивни на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1995), со парична казна од 50 до 100 плати ќе се казни за стопански престап претпријатие или друго правно лице кое се занимава со производство, увоз или промет на намирници или предмети за општа употреба:
1) ако пушти во промет намирници или предмети за општа употреба кои се хигиенски неисправни или ако произведе намирници односно предмети за општа употреба од хигиенски неисправни суровини (член 5);
2) ако пушти во промет намирници или предмети за општа употреба на кои им истекол рокот за употреба означен во нивната декларација или кои немаат декларација, или ако од декларацијата не може да се утврди рокот за употреба, ако се пуштаат во промет во оригинално пакување (член 6 став 1);
3) ако увезува заради пуштање во промет на домашниот пазар намирници или предмети за општа употреба кои во поглед на здравствената исправност не им одговараат на условите што за таквите намирници односно предмети за општа употреба се пропишани во Социјалистичка Федеративна република Југославија (член 8);
4) ако во производството или прометот на намирници или предмети за општа употреба употреби адитиви и други состојки спротивно на пропишаните услови (член 11, член 13 став 1 и член 14 став 1);
5) ако за призводство на одделни видови предмети за општа употреба употреби супстанции чија употреба или количество не се дозволени (член 15).
III
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
Согласно со член 38 став 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 34 од Законот за безбедност на козметичките производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007), е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да се применуваат одредбите од Законот за здравствената исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1995) коишто се однесуваат на средствата за одржување на личната хигиена, за нега и разубавување на лицето и телото и амбалажата за тие средства.
Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002 и 84/2007), во член 62, меѓу другото, уредува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат одредбите од Законот за здравствена исправност на животните намирници и предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1995) што се однесуваат на животните намирници, садови, прибор, постројки и уреди за производството и промет на животните намирници и предмети кои доаѓаат во допир со животните намирници, како и амбалажата за животните намирници, тутунот, тутунските преработки и приборот за пушење.
Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997 од 11.04.1997 година), во член 103 уредува дека со денот на примената на овој закон, меѓу другото, престанува да важи и Законот за стопанските престапи („Службен лист на СФРЈ“ бр.4/1977, 10/1986, 74/1987, 57/1989 и 3/1990).
Паричната казна како прекршочна санкција е заменета со глоба, согласно со Законот за прекршоци објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 од 27.05.2006, каде во член 13 точка 1 е уредено дека како видови прекршочни санкции за полнолетни сторители на прекршоци, покрај другите санкции може да се изрече глоба.
Воедно, и во сега важечкиот Закон за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023), согласно со член 22 став 1 точка 3, како прекршок на прекршочно одговорни сторители, покрај другото, може да се изрече и глоба како прекршочна санкција.
Согласно со член 132 став 1 од овој закон, законите во кои се пропишани прекршочни санкции ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Според ставот 2 на овој член, законите во кои се пропишани прекршочни санкции ќе продолжат да се применуваат сè до нивното усогласување со одредбите на овој закон, но најдоцна шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
IV
Со иницијативата се оспорува уставноста на деловите „парична казна“ и „стопански престап“ од член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба, од причина што од целината на Законот за прекршоците не произлегува дека на прекршочно одговорни сторители ќе им се изрече парична казна туку глоба, како што е уредено во оспорената законска одредба и исто така, во Законот за прекршоците не е предвиден институтот „стопански престап“, предвиден во оспорената одредба.
Од анализата произлегува дека во сите горенаведени закони, како и во Законот за прекршоците, како општ закон, не е предвидено дека се укинуваат и престануваат да важат казнените одредби во однос на паричната казна и стопанските престапи, коишто се нормирани во оспорениот Закон за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба.
Во правниот систем на Република Северна Македонија, стопанскиот престап како вид на прекршок престанал да постои со донесувањето на Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) кога престанал да важи Законот за стопанските престапи, со што се напушта институтот „стопански престап“ како вид на прекршочна санкција, а „паричната казна“ како прекршочна санкција е заменета со „глоба“, согласно со Законот за прекршоци објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 од 27.05.2006 година.
Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба е делумно важечки, без објавен датум на престанок на важење, но во меѓувреме се донесени поврзани закони коишто покриваат области од неговата надлежност, како што се горенаведените: Закон за безбедност на козметичките производи, Закон за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната (којшто престанал да важи со донесувањето на Законот за безбедност на храната), а во однос на казнените одредби од оспорениот закон, не се извршени усогласувања со Законот за прекршоци.
Имајќи го предвид фактот дека во Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба, како последица на времето на неговото донесување, се утврдени одредени термини коишто егзистираа во поранешниот правен поредок, Судот оцени дека постои терминолошка неусогласеност на овој закон со Законот за прекршоци.
Имено, органите се должни да внимаваат на своите надлежности и овластувања и да постапуваат согласно со законите, вклучително и на нивните измени и дополнувања, како и на сите други прописи од нивната надлежност. Покрај ова, иако оспорениот член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба, упатува на институтите „стопански престап“ и „парична казна“, коишто формално-правно не се укинати, истите во практичната примена немаат правно дејство и не се во правниот поредок при што во конкретниот случај се применуваат одредбите од Законот за прекрошоци како lex generalis.
Тоа што подносителот на иницијативата укажува на можната неусогласеност на оспорениот дел од одредбата од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба со Законот за прекршоците, всушност води кон барање за оцена на меѓусебната усогласеност на одредби од два закони, меѓутоа согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на прописите од ист ранг во хиерархијата на правните прописи, туку истото е во надлежност на законодавецот.
Впрочем, при вршењето на нормативната дејност законодавецот е должен да води грижа за меѓусебната усогласеност на прописите со цел да обезбеди конзистентен правен систем во кој ќе постои хармонија и согласност на прописите меѓу себе и нивна согласност со Уставот како највисок правен акт, поради што, Судот смета дека е нужно законодавецот да ја отстрани оваа неусогласеност, така што ќе изврши меѓусебно усогласување на одредбите на оспорените одредби од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба со Законот за прекршоци.
Со оглед на тоа што суштински аспект на наводите е меѓусебната согласност на два закони како прописи од ист ранг, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски