Советниците на Уставниот суд учествуваа на обука за стандардизирање на обрасците и образложенијата на одлуките

Советниците во Уставниот суд кои работат на предмети учествуваа на четиридневна обука посветена на унапредување на Mетодологијата за изработка и образложување на одлуките на Уставниот суд. Посебен акцент беше ставен на  воедначување на практиката и подобрување на квалитетот на правната аргументација. 

Во рамки на обуката беа реализирани две тематски сесии. Првата сесија беше насочена кон презентација и разгледување на обрасци и насоки за образложување на одлуките на Уставниот суд и за изработка на правни резимеа, со фокус на предметите од уставност и законитост, како и на предметите што се однесуваат на заштита на човековите права.

Втората сесија беше посветена на пренесување на знаење и практична размена на искуства. Во оваа сесија се дискутираше за техники за сумирање на наводите на подносителите на иницијативи, како и за техники за изработка на образложенија на судските одлуки, преку анализа на конкретни случаи од праксата и размена на добри практики од други земји.

Како обучувачи oд страна на ЕУ Делегацијата во Скопје беа ангажирани Маргарита Цаца-Николовска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, Штефица Стажниќ, експерт за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права и Мартин Сопронов, сениор правен експерт.

Обуката беше реализирана во периодот од 15 до 18 декември, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, во рамки на ИПА 3 проектот наменет за зајакнување на институционалните капацитети.