Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, заедно со судии и советници на Уставниот суд на Република Северна Македонија одржаа консултации посветени на јавното говорење, институционалната комуникација и односите со јавноста, со цел унапредување на јавниот настап и зајакнување на довербата на граѓаните во Судот.
Во рамки на консултациите, преку тематски дијалози и интерактивни сесии, беа разгледани прашања поврзани со јавниот говор како алатка за институционално претставување, градење авторитет и кредибилитет, како и соодветно обраќање во чувствителни јавни и медиумски контексти.
Програмата вклучи практични вежби за развој на комуникациски вештини, со акцент на телесниот говор, гласот, ритамот и стилот на изразување, како и симулации на прес-конференции и јавни судски постапки. Посебен фокус беше ставен на настап пред камера и анализа на јавната комуникација во реални институционални сценарија.
Консултациите беа водени од Огнен Јанески, експерт-консултант за јавно говорење и институционална комуникација, ангажиран преку ИПА проектот на ЕУ, кој преку практичен и интерактивен пристап им овозможи на учесниците да добијат конкретни насоки за унапредување на индивидуалните и колективните комуникациски капацитети.
Во завршниот дел, преку анализа на снимените настапи и размена на мислења, учесниците ги сумираа стекнатите искуства и ги идентификуваа можностите за понатамошно унапредување на комуникациските практики на Судот.
Консултативната активност која беше реализирана во рамки на проект имплементиран од конзорциумот Expertise Advisors и ICE EEG / GOPA PACE, опфатен со ЕУ проектот и ИПА 3 програмата, се организираше во периодот од 12-14 декември 2025 година.
Во консултациите учествуваа судиите проф.д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, генералниот секретар м-р Виолета Ѓорѓиевска и советниците Александар Лазов, Енсар Јусуфи, Ненад Миноски и м-р Христина Беловска, м-р Лариса Милевска.



