На лична покана на претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска имаше свој говор во кој се осврна на уставна традиција и трансформација, преку компаративен преглед на Уставот на Кнежеството Црна Гора од 1905 и Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година. Дел од македонската делегација е и советничката на Судот, Јасмина Симоновска.
Во прилог го споделуваме целосниот говор на судијката Кацарска:
Почитуван претседател на Парламентот на Црна Гора,
Почитувани дами и господа,
Денес, по повод одбележувањето 120 години од усвојувањето на Уставот за Кнежевството Црна Гора од 1905 година, ви се обраќам како претставник на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
На овој настан, не ја одбележуваме годишнина од донесувањето на еден документ, туку и раѓањето и материјализација на една уставна визија што ја постави Црна Гора меѓу современите држави на Европа, во време кога уставната идеја сè уште не беше вкоренета во многу делови од континентот.
Затоа, професорот д-р Шуковиќ, со право го именува овој устав како „еден од најзначајните правни споменици во историјата на црногорското законодавство, историја на културата и државноста на Црна Гора“.
Уставот од 1905 година е производ на политичка храброст и правна мудрост. Преку него се отелотвори идејата дека државната власт мора да биде правно ограничена и за да биде легитимна, мора да му служи на народот.
Со овој акт, се востанови Народна скупштина – првиот црногорски парламент со што започна една традиција која оваа година полни 120 години, што за нашиот регион е навистина реткост.

Почитувани,
За нас, уставните судии, сто и двасет годишнината од усвојувањето на еден ваков документ е можност да се осврниме на трајните принципи што ги поврзуваат нашето минато и сегашност: владеењето на правото, поделбата на властата и заштитата на човековите права, кои се камен-темелници на секој демократски поредок.
Кога Република Северна Македонија го донесе својот Устав во 1991 година, таа се наоѓаше на сличен историски пресвртен момент. И двата наши народи се обидоа да го дефинираат својот суверенитет преку устав, да ја ограничат власта со принципи и да го заштитат поединецот од арбитрерност и самоволие.
Во оваа смисла, уставните традиции на Црна Гора и Република Северна Македонија се временски одделени, но обединети во духот. Уставот на Кнежевството Црна Гора од 1905 година, беше меѓу првите во Југоисточна Европа што ги потврди основните права на граѓаните, а неговите вредности јасно одекнуваат и во македонскиот Устав од 1991 година.
Дозволете ми накратко да се осврнам на оваа паралела – низ призмата на правата и слободите. Црногорскиот Устав од 1905 година ја гарантираше неповредливоста на личната слобода, прогласувајќи дека никој не може да биде лишен од слобода или притворен освен во случаите предвидени со закон, како и тоа дека казната мора да биде утврдена исто така, со закон. Покрај ова, одредбите за неповредливоста на домот, слободата на вероисповед, слободата на говорот и печатот и правото на поднесување претставки за работата на државните органи се уставни норми од извонредно значење за своето време.
Овој Устав, уште пред 120 години, предвиде заштита на приватната сопственост како основа на личната независност, признавајќи ја како право што може да се ограничи само за јавен интерес и со праведна компензација, одредба која практично е пресликана и во нашиот денешен современ македонски устав.
Посебно морам да се осврнам, а со оглед на временската дистанца од моментот на донесувањето на овој устав, на тоа што истиот, предвидува востановување локална самоуправа, односно општини во кои од страна на непосредно избрани претставници се одлучува за прашања од локален крактер.
Во нашиот современ устав, ова е темелна вредност на уставниот поредок и содржи посебен оддел кој се однесува на ова прашање. Неговата важност е огромна за секое демократско општество бидејќи, меѓу другото демократијата подразбира и тоа локалните избрани претставници, а не централната власт, да одлучуваат за она што се однесува на граѓаните кои живеат на територијата на таа единица на локалната самоуправа.
Овие принципи, но и другите кои не ги наведов, беа револуционерни на Балканот на почетокот на 20 век, кога голем дел од граѓаните сè уште беа поданици, а не носители на права.
Речиси еден век подоцна, Уставот на Република Северна Македонија ги потврди и прошири овие слободи во демократски контекст. Тој го гарантира правото на живот, лична слобода и безбедност, слобода на верување и совест, слобода на мисла и јавно изразување, слобода на собирање и здружување. Ја признава еднаквоста пред законот, забраната за дискриминација и правото на приватност и достоинство – модерни артикулации на принципи што Црна Гора веќе ги имаше поставено во 1905 година.
Во двата устава, ја гледаме истата морална основа – државата постои за да му служи на граѓанинот, а не обратно. Уставот на Црна Гора, заштитувајќи ги правата на јазикот на своето време и Уставот на Република Северна Македонија, вградувајќи ги меѓународните стандарди за човекови права, потврдуваат дека слободата и законитоста се неразделни.
Како судии на уставните судови, нам ни е доверена мисијата да го зачуваме тоа наследство – да обезбедиме овие права да останат живи гаранции, а не далечни декларации. Секоја уставна одлука што ја донесуваме, го продолжува дијалогот што започна со црногорскиот Устав од 1905 година: дијалог помеѓу моќта и принципот, авторитетот и слободата, државата и граѓанинот.
Црногорскиот Устав од 1905 година и оној на Северна Македонија од 1991 година, се обидоа да го балансираат континуитетот и промената – да ја почитуваат традицијата, а воедно да ја прифатат иднината. И двата беа водени од верувањето дека националниот идентитет најдобро се зачувува кога е вкоренет во правдата, еднаквоста и почитувањето на човековото достоинство.
Уставот од 1905 година беше пред своето време и по својот дух. Тој го предвиде европскиот правен поредок што ќе се појави децении подоцна – оној заснован на владеењето на правото и човековите права. Затоа, не е претерување да се каже дека црногорското уставно искуство е дел од заедничкото уставно наследство на Европа.
Денес, додека Црна Гора ја слави оваа годишнина, ние во Република Северна Македонија ви се придружуваме со восхит и почит и учествуваме во ова одбележување како партнери во истото уставно патување – кое води кон посилна демократија, подлабоко почитување на човековите права и поблиска интеграција во европското семејство на нации.
Нека оваа годишнина нè потсети дека уставите не се споменици на минатото, туку живи договори на сегашноста – обновени секој ден преку работата на нашите судови, институции и граѓани.
Во име на Уставниот суд на Република Северна Македонија, дозволете ми да им упатам најтопли честитки на народот на Црна Гора и на оваа институција – Собранието на Црна Гора, во која членуваат неговите претставници.
Искрено се надевам и посакувам, вашиот Устав од 1905 година да продолжи да ги инспирира идните генерации и вредностите што ги прогласи, и тие да останат трајна врска меѓу нашите нации.
Честитки, Црна Гора, на 120-те години уставна визија и храброст.
Ви благодарам.

(Проф.д-р Будимир Алексиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора и Милорад Гогиќ, поранешен претседател на Уставниот суд на Црна Гора)

(Иван Петровиќ-Његош- потомок на Династијата Његош)

