УЗ.бр.6/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.6/2025
Скопје, 22.10.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Атанасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024) на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Предлог-деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ блок „Д5“ – дел, со плански период 2018 – 2023(1ха) – Општина Кичево бр. 08-1747/18 од 18.07.2023 година („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на Фадил Сулоски, преку полномошникот Елизабета Трпеска, адвокат од Кичево, на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе Решение УЗ.бр.6/2025 со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука, со член 8 став 1 алинеи 3, 9 10 и членoвите 24 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 став 2 и член 35 став 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 65 од Законот за животната средина.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Кичево на ден 18.07.2023 година ја донел оспорената одлука, врз основа на член 39 став 1 точка 1 и член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) согласно член 23 став 1 точка 7 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр. 9/2013), а во врска со член 39 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016).

Во член 1 од Одлуката се предвидува дека се донесува Предлог-деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, со Предлог-планот, изготвен од „Нимаер“ дооел Струга д.е. Скопје, со техн.бр. 03-36/18 од март 2023 година.

Согласно со член 2 од Одлуката, планот од член 1 на оваа одлука содржи: документациона основа, планска документација, текстуален дел, нумерички дел,графички дел, Одлука за отпочнување на Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“, дел, со бр. 07-3389/35 од 25.12.2015 година и дополна на Одлуката за отпочнување со бр. 08-2325/5 од 26.10.2020 година, извештај од извршена стручна ревизија на Конечен предлог-план изготвена од „Билд Урбан“ ДООЕЛ, Скопје, со техн.бр.0901/64/20 од јуни 2023 година, стручно мислење по Предлог планот од стручна комисија по урбанистички планови од Општина Кичево бр. 10-702/1 од 19.03.2019 година, Извештај по јавна анекта и јавна презентација по предлог планот со бр. 10-702/9 од 12.04.2019 година и согласност на Конечен предлог-план, издадена од Министерството за транспорт и врски- Сектор за уредување на просторот во Скопје, бр. 21-3149/2 од 10.07.2023 година.

Во член 3 е уредено дека согласно со член 42 ставови 3, 4, 5, 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), Одлуката за донесување на урбанистичкиот план задолжително се прикачува во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам од страна на донесувачот на урбанистичкиот план, донесениот урбанистички план станува составен дел на електронски регистар на донесени урбанистички планови во рамки на информацискиот систем е-урбанизам, кон кој пристап имаат донесувачот на урбанистичкиот план, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, Агенцијата за планирање на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, донесувачот на урбанистичкиот план е должен примерок од донесениот урбанистички план во електронска форма да го објави во својата веб страна, Агенцијата за катастар на недвижности е должна во рок од осум работни дена од прием на известувањето во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да изврши дигитално преклопување и донесниот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од ставот 3 и ставот 6 од член 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015,31/2016 и 163/2016).

Член 4 од Одлуката предвидува дека планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и сообраќај на Општина Кичево.

Според член 5 од оваа одлука, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во точка 1 на Амандманот XVII на Уставот е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање кој меѓу другите начела се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес. За овој принцип се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови, поради што и законодавецот предвидел изречна одредба според која со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон. Грижата за јавниот интерес се изразува и преку сложените постапки за донесување на урбанистичките планови, кои се изработуваат во различни фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија за да на крајот постапката заврши со давање согласност од надлежното министерство со што се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на Законот и прописите донесени врз основа на Законот. Вака операционализираната темелна вредност во практиката се гарантира и заштитува преку друга темелна вредност преку владеењето на правото.

Ваквиот уставен стандард произлегува од таму што постапката за донесување на плановите се состои од вкупност на дејствија кои се преземаат последователно, при што законитото преземање на претходното дејствие е предуслов за наредното дејствие во постапката и обратно, незаконитоста на дејствието преземено претходно ја доведува во прашање законитоста на сите други преземени дејствија.

Согласно со член 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.5/2020 и 202/2024), единици на локалната самоуправа се општините коишто се правни лица и своите надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.

Во глава III од Законот, со наслов „Надлежности на општините“, е содржан член 22 во кој е наведена листата на надлежностите на општините. Притоа, општините покрај другото, се надлежни за вршење на работите од областа на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Согласно со ставот 2 на овој член, надлежностите од ставот (1) на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон, а во ставот 3 е уредено дека со закон се утврдуваат работите од надлежност на општината кои таа задолжително ќе ги врши.

Според член 29 од Законот за локална самоуправа секој граѓанин поединечно или заедно со другите може да поднесува претставки и предлози за работата на органите на управата и општинската администрација. Согласно со член 30 од Законот при изготвување на прописите на општината, советот, градоначалникот, може претходно да организира јавни трибини, анкети и од граѓаните да побара мислење.

Според член 32 став 1 од Законот, Советот е претставнички орган на граѓаните којшто одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Од вака наведените уставни и законски одредби, произлегува дека согласно начелото на супсидијарност, општините се надлежни само за она што со Уставот и закон е предвидено како нивна надлежност (член 20 од Законот за локалната самоуправа). Во насока на ова, основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа е уредување и хуманизација на просторот, урбанистичко планирање на истиот и таа се остварува преку донесување на урбанистички планови и програми. Своите надлежности општините ги остваруваат преку органите на општината (совет и градоначалник), а советот е претставнички орган на граѓаните со точно пропишани законски надлежности.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Од горнаведените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување. Ваквата формулација значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработка, донесување и спроведување на плановите да обезбедат похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и просторен развој на населените места и градби, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природа, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирање и уредување на просторот што е и интенцијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Републиката, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко – планската документација и урбанистичко – проектната документација се работи од јавен интерес.

Со член 4 од Законот се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Ставот 2 ги дефинира начелата и тоа рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии и јавност во постапка за донесување и спроведување на планската документација. Во член 5 од Законот се содржани изразите употребени во Законот со нивното значење.

Согласно со член 7 став 1 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови: просторен план на Републиката и урбанистички планови во кои спаѓаат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план за вон населено место.

Член 9 став 1 од Законот го уредува значењето на просторниот план за регион и просторниот план за подрачје од јавен интерес за Републиката. Според став 2 од истиот член просторен план за регион се изработува за подрачје кое претставува географска, економска или функционална целина утврдена со просторниот план. Согласно со став 5 од истиот член планот, се изработува согласно со Просторниот план и содржи насоки за намена на земјиштето и користењето на просторот, просторна разместеност на населените места и зоните од стопанска и нестопанска дејност, сообраќајна и друга инфраструктура, стратегиска оцена на влијание врз животната средина, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, мерки за заштита на недвижното културно наследство, мерки за заштита од воени разурнувања, мерки за заштита од природни и технолошки катастрофи и хаварии, параметри за спроведување на планот и соодветни графички прикази.

Согласно со член 11 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Член 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање го уредува планирањето на урбанистички план за вон населено место кој се донесува за плански опфат кој не е опфатен со генерален урбанистички план и со урбанистички план за село.

Понатаму, согласно со член 16 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Член 18 од Законот го уредува начинот и постапката за одземање на лиценци и овластувања на правните лица изработувачи на урбанистички планови, урбанистичко-плански документации, урбани-стичко-проектни документации и регулациски план на генерален урбанистички план.

Според член 20 од Законот, за изработување на плановите од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Општините и Градот Скопје ја доставуваат програмата до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во службено гласило.

Согласно со член 24 став 1 од Законот, постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко – плански документации и урбанистичко – проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.

Според член 26 став 1 од Законот, урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, регулациските планови на генерален урбанистички план и урбанистичко – планските документации од член 7 став 2 на овој закон се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.

Согласно со ставот 2 на истиот член, планската програма се изработува од страна на комисијата за урбанизам на органот надлежен за донесување на урбанистичкиот план односно за одобрување на урбанистичко-планската документација или од страна на правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови, а истата ја одобрува градоначалникот на општината, градоначалникот на општината на Градот Скопје односно градоначалникот на Градот Скопје.

Со член 28 од Законот се уредува прашањето за стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.

Согласно со член 31 од Законот, нацртот на генералниот урбанистички план, предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистичкиот план за вон населено место го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од член 26 на овој закон.

Според член 32 став 1 од Законот, субјектите кои ги вршат работите од областа на заштита на животната средина, заштита на културното наследство, заштитата и спасувањето, здравствената заштита, социјалната заштита, образованието, земјоделието, водостопанството, транспортот и врските, воздухопловството, безбедноста, јавните патишта, како и субјектите надлежни за изградба и одржување на сообраќајна, водоводна, канализациона, електро-енергетска, телекомуникациска, топловодна и гасоводна инфраструк-тура, должни се да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на просторниот план, урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација.

Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите го врши општината. Согласно со член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање за одржување на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета, во кое задолжително се наведува називот на планот, времето и местото на одржување на јавната анкета, времето и местото на одржување на јавната презентација, местоположбата и површината на опфатот на планот како и имињата на улиците кои се во рамки на опфатот на планот, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета.

Јавната презентација и јавната анкета се спроведуваат со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината (член 35 став 6). Согласно со член 35 став 8 од Законот, јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (во електронска или писмена форма).

Според член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: претставник на изработувач на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 35 став 11 од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 12, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Согласно со член 37 став 1 од Законот, на нацртот на Просторен план, на конечниот предлог на урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, на урбанистичко-планската документација од член 7 став 2 на овој закон како и на проектот за инфраструктура, се врши стручна ревизија со која се утврдува дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 6 на истиот член, за извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и проектот за инфраструктура, во кој се констатира дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или имаат недостатоци кои треба да се отстранат.

Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 став 1 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог – план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно со член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според став 2 на истиот член, надлежниот орган од став 1 на овој член е должен во рок од 10 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, а во спротивно ќе се смета дека согласноста е издадена.

Со член 39 од Законот се пропишува постапката за донесување на урбанистичкиот план. Според ставот 1 на овој член, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Член 50 од Законот е укинат со Одлуката на Уставниот суд У.бр.136/2016 од 5 јули 2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.90/2017), а со него се уредува урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес.

Согласно со член 70 став 1 од Законот, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација, архитектонско-урбанистичкиот проект со кој се формираат градежни парцели, проектот за инфраструктура, се изработуваат на дигитализирани ажурирани геодетски подлоги кои се изработуваат од страна на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.

Во член 70 став 5 од Законот е предвидено дека, за урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација чија изработка е предвидена во годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација од член 22 став 2 на овој закон, Агенцијата за катастар на недвижности врши ажурирање на катастарските планови, издава заверени дигитализирани катастарски планови и врши дигитално преклопување, без надомест.

Од изнесената анализа како и од правната и фактичката состојба, според Судот, произлегува дека законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата согласно со одредбите од Законот за урбанистичко планирање од причини што во преодните и завршните одредби од истиот, во член 108 е уредено дека постапките за донесување на просторните планови започнати до денот на отпочнувањето со примената на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите на законот по кој се започнати, при што анализата од страна на Судот е направена согласно важечките законски прописи во времето на донесување на оспорената одлука.

По однос на водената постапка, а видно и од доставениот Извештај за прифатени и неприфатени забелешки за ДУП за измена и дополнување на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел, Општина Кичево, Судот утврди дека како забелешки по јавната анкета дадени се 3 анкетни листови. Анкетен лист од системот Е-урбанизам: Известување од страна на ДЗС-Кичево со бр. 09-90/2 од 25.03.2019 година, која забелешка се прифаќа и по истата ќе биде постапено. Анкетен лист 2 – Мислење од Управата за заштита на културното наследство со бр.17-1384/2 од 01.04.2019 година која забелешка се прифаќа и по истата ќе биде постапено и Анкетен лист 3 од Реџеп Салиу за која забелешка-барање исто така се прифаќа.

Согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено. Доносителот на оспорениот акт и покрај доставената ургенција на Судот не ги достави до Судот известувањата до подносителите на анкетните листови со образложение за прифаќање или неприфаќање на нивните забелешки или предлози. Со оглед на тоа што, пред Судот, не беше презентиран доказ за известување за прифатени или неприфатени забелешки, Судот оцени дека во целост не е запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на член 35 став 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а со тоа и на член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10, член 24 и член 51 од Уставот.

Воедно, според Судот изработката на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Имено, законодавецот во член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал дека при донесување на генерален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, локална и државна урбанистичко-планска документација, а при донесување на детален урбанистички план само доколку не е спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план, тогаш донесувачот на урбанистичкиот план е должен по донесување на годишната програма, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според член 65 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 99/2018), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина односно кој е должен да ги објави на својата веб-страница, заради запознавање на јавноста, како и да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот, а решението е должен да го објави на својата веб-страница. Против ваквото решение засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба.

Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Кичево, на 05.03.2020 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр. 12-654/1 во која во точката 1 утврдил дека за планскиот документ Детален урбанистички план УЕ „Д“ Блок „Д5“ КО Кичево, плански период 2018-2023 кој се носи согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, согласно со член 65 од Законот за животна средина.

Во точка 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страницата на Општина Кичево.

Според точка 3 од Одлуката, согласно со критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијане врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од прилог 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на Одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на наведениот плански документ нема да има влијание врз животната средина со причини наведени во Одлуката.

Според точката 4 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страницата.

На 17.03.2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање со известување ја прифаќа Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена со напомена дека истата заедно со формуларите треба задолжително да се објави на веб-страницата на органот кој го подготвува и носи планскиот документ.

И покрај ургенцијата на Уставниот суд за доставување доказ за објава на Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка на веб-страницата на Општина Кичево, истиот не беше доставен со што основано се постави прашањето дали Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр. 12-654/1 од 06.03.2020 година била истакната на веб-страницата на Општината од кога тече законскиот рок за запознавање на јавноста и рокот за поднесување жалба. Необјавувањето на Одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што претставува повреда на темелната вредност владеење на правото, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 65 од Законот за животната средина.

Судот го имаше предвид доставениот одговор од доносителот, по однос на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука, но истиот не е од влијание по однос на правното мислење во Решението.

Од наведеното произлегува дека во постапката за изработување на урбанистичките планови треба да се овозможи директно и ефикасно учество на граѓаните и јавноста во уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Тоа значи дека забелешките на граѓаните дадени во определена фаза од постапката треба да се ефектуираат во наредната фаза од постапката на изработување на урбанистичкиот план, така што ќе бидат вградени во планските решенија доколку бидат прифатени, со што ќе се потврди инклузивноста и транспарентноста на процесот на изработка и донесување на урбанистичките планови. Истото се однесува и на мислењата на органите кои учествуваат во процесот на изработување на урбанистичките планови, коишто, исто така, треба да бидат вградени во планските решенија, пред истите да преминат во наредната фаза од нивното изготвување и донесување.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај, во постапката пред Судот делумно беше презентиран доказ за известување со образложение за прифаќање или неприфаќање на забелешките или предлози на лицата кои поднеле анкетен лист чии забелешки биле прифатени или пак одбиени, а воедно поради фактот што до Судот не беше доставен доказ за објава на Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка за влијанието на животната средина на веб-страницата на Општина Кичево, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведените законски и уставни одредби.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски