Издвоено мислење по предметот У.бр.13/2025

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.13/2025 од 19 ноември 2025 година со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2025), моето несогласување го образложувам со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На седницата одржана на 19 ноември 2025, расправајќи по иницијативата на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска, сите од Скопје, со која беа оспорени член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2024), Судот одлучи да ја отфрли иницијативата, но истовремено со мнозинство гласови одлучи по сопствена иницијатива да  поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2025).

Со почит кон различните ставови на мнозинството судии на Уставниот суд, а во врска со наведеното решение, со ова издвоено мислење го изразувам моето несогласување кое се темели на следните аргументи:

1. Мој став во однос на одредбата со која се зголемуваат пензиите (во јавноста позната како линеарно зголемување), за која мнозинството судии изрази сомнеж во нејзината уставност, беше дека истата не може да се анализира изолирано, туку комплексно, и низ призма на повеќе уставни вредности и норми. Комплексната анализа на таа одредба налага таков пристап од Судот во кој не само имплицитните вредности и норми на Уставот ќе бидат апликативни, туку истата неминовно мора да се анализира и низ призмата на мета правните стандарди, во смисла на тоа дали законското решение има легитимна цел, дали целта е општествено нужна и оправдана и дали истата е пропорционална во однос на целта што сака да се постигне.

2. Оттука мојата анализа одредбата на т.н. линеарно зголемување на пензиите упатува на фактот дека истата има уставна втемеленост и оправданост. Неспорно е дека станува збор за државна интервенција, односно државата преку истата како мерка од социјална природа интервенира за да создаде соодветна социјална средина во која пензионерите, особено онаа категорија со пониски пензии, како најзасегната  општествена категорија, ќе можат да се справат со актуелните економски и социјални предизвици, како што се инфлацијата, порастот на трошоците за живот, зголемената потрошувачка кошница, зголемените плати, ценовни шокови и другите економски фактори со негативен ефект. Станува збор за мерка којашто има за цел да ги ублажи последиците и да го амортизира негативниот економски притисок, на значаен број граѓани – пензионери со ниска пензија, што инаку не би можело да се постигне со редовното законско усогласување. Во таков случај мерката за која се одлучила државата – да се пристапи кон вонредно линеарно усогласување на пензионерите, има легитимна цел, и има легитимна уставна втемеленост. Уставната оправданост произлегува од член 1 од Уставот, според кој Република Северна Македонија е социјална држава, а согласно член 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на нашиот уставен поредок. Определбата на уставотворецот за вакви темелни вредности, подразбира нивна имплементација и нивна примена односно нивно толкување на начин на кој ќе им се даде конкретна примена и афирмација во нивната манифестација токму во одредени околности, како што впрочем се околностите поради кои се применува линеарното зголемување на пензиите. Легитимната цел на оваа конкретна мерка, не може да се анализира изолирано, односно само конкретниот член 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а да не се имаат предвид претходните државни интервенции по истиот линеарен пристап односно зголемувањето на пензиите на два пати по 2500 денари. Токму таквиот државен интервенционизам ја прави разликата, односно го ублажува негативниот ефект на економските параметри за значајна категорија пензионери, оние со најниски и ниски пензии. На тој начин се остварува легитимната цел на мерката, а тоа е заштитата на достоинството и соодветниот стандард на живеење на оваа категорија граѓани. Доколку Судот го потврди сомнежот и во следната фаза во постапката ја укине одредбата за линеарно зголемување на пензиите, тоа ќе значи дека државата, односно законодавецот во иднина нема да може да примени ваква мерка, во случаи кога околностите тоа го налагаат. Притоа законската формула за усогласување на пензиите со проста математичка пресметка во никој случај не може да го намали јазот помеѓу усогласувањето кое ќе го добијат пензионерите со најниски и ниски пензии споредено со усогласувањето кое ќе го добијат пензионерите со високи и највисоки пензии.

3. Во однос на вториот критериум, сметам дека оспорената одредба е и општествено нужна и оправдана. Во услови на негативни економски параметри како што се инфлацијата, растот на трошоците за живот и зголемувањето на потрошувачка кошница, чиј ефект е еднаков за сите, државата е должна да интервенира за да спречи продлабочување на сиромаштијата и социјалната ранливост кај пензионерите. Со оглед на тоа дека токму пензионерите се најдиректно погодени од негативните економски движења, мерката што ја применил законодавецот претставува минимално неопходна и социјално оправдана интервенција. Таа обезбедува соодветно соочување и справување со економските и социјалните состојби, со што се потврдува дека државата ја исполнува својата уставна обврска за социјална заштита и гарантирање на соодветен стандард на живеење.

4. Исто така, сметам дека е исполнет и третиот критериум пропорционалноста на мерката во однос на целта. Имено, законодавецот, преку оспорената формула за усогласување односно зголемување на пензиите, воспоставил пропорционален механизам којшто ја балансира целта на заштита на пензионерите во однос на реалните економски можности на државата. Предвиденото линеарно зголемување обезбедува реална заштита на стандардот на оние со најниски пензии, обезбедува намалување на социјалната и економската нееднаквост и создава фер распределба на товарот и бенефитите во општеството. Оттука за мене е неприфатлив аргументот на мнозинството судии, односно во конкретниот случај не може да се зборува за повреда на начелото на еднаквост меѓу пензионерите.

Оспорената одредба (односно ваквите мерки на државата, и повторно не мислам само на конкретната, туку и сите вакви мерки претходно) не регулира стекнување или губење на правото на пензија, ниту создава различен режим на остварување на правото. Разликите кај пензионерите во однос на висината на пензијата зависат од фактот кој колку уплаќал како придонес по основ на работен стаж. Тие што уплаќале повеќе ќе имаат високи или највисоки пензии, тие што уплаќале помалку од разни објективни или субјективни причини, ќе земаат пониски или најниски пензии. Но тој факт, тоа стекнато право, право на сопственост, се ефектуира со денот кога секој човек го стекува и остварува правото на пензија, со самото решение за пензија. И тие разлики се реални и оправдани и постојат со или без линеарното зголемување, или само со законски утврдената формула за усогласување. Оваа мерка на државата на никој начин не влијае на стекнатите права, туку претставува мерка која подобро го прави усогласувањето од законски предвидената, со цел да го заштити правото на соодветен животен стандард кај оние пензионери кои се најмногу засегнати од негативните економски влијанија. На тој начин се намалува економската и социјалната нееднаквост и се создава пофер и поисплатлива распределба на социјалната поддршка.

5. И конечно, во правната доктрина постојат одредени стандарди поврзани со правдата и правичноста, а еден таков стандард упатува на следниот факт: кога дистрибуцијата и редистрибуцијата на правда и правичност, се прави со одредена цел, да се помогне на значително поголем број граѓани, тоа не значи неправда, тоа не ги повредува уставните вредности како социјалната правда, солидарноста, ниту пак еднаквоста, напротив во доктрината се смета дека во такви околности, сите овие уставни вредности добиваат смисла и суштина во нивната манифестација во конкретни околности.

Поради сето наведено, сметам дека Уставниот суд не требаше да поведе постапка за т.н. линеарно зголемување на пензиите, туку требаше истото со комплексна анализа уставно да го оправда.

Претседател на Уставниот суд,
д-р Дарко Костадиновски

Конечно решение У.бр.13/2025