Судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во гостувањето во емисијата Директно на ТВ Телма на 09.12.2025, одговори на прашања поврзани со предметот за т.н. линеарно зголемување на пензиите и ја појасни процедурата за распределба и постапување со предметите во Судот.
„Предметите во Уставниот суд се делат на тој начин што по азбучен ред секретарот на Судот ги дели на судија-известител и на советник којшто работи со судијата. Значи, тоа е надлежност на секретарот на Судот. Кај мене беше паднат предметот за она линеарно покачување на пензиите од 2.500 денари два пати.“
Кацарска изјави дека во јавноста се пласираат неточни информации, особено во делот дека таа лично наводно потпишала конечна одлука или дека Уставниот суд веќе решил дека ќе има намалување на пензиите.
„Лажна информација е дека сум потпишала конечна одлука и ги демантирам информациите дека Судот ќе одлучи да им се намалат пензиите на пензионерите. Би сакала да нагласам дека некој му дава грешни информации на премиерот, намерно или ненамерно не знам, но тој излезе со став дека јас го имам потпишано конечното решение и дека пензионерите ќе ги враќаат тие 5.000 денари. Премиерот по вокација не е правник и нормално е да не ја знае постапката во судот. Но прашање е кој тоа го мести премиерот со давање на лажни информации. Дали е тоа некој од Уставен суд или некој советник не знам. Јас на тоа не можам да одговорам и самиот премиер треба да се запраша кој тоа му даде таква лажна информација дека конечната одлука е потпишана. Конечна одлука нема, туку само за поведување на постапка. Дури и тоа решение за поведување постапка сè уште не е конечно, затоа што не е потпишано од моја страна. Решението заглави во редакционата комисија на Уставниот суд, истакна Кацарска.
Таа ја објасни и разликата во третманот на иницијативите за линеарно зголемување од 5.000 денари и оние за зголемувањето од 2.000 денари, нагласувајќи дека временскиот момент е клучен:
„Со оглед на тоа што рефератот беше изготвен пред неколку месеци, а на Дневен ред беше ставен на крајот на месец октомври, предлогот во рефератот беше за поведување на постапка. Но, со оглед дека се работи за закон од темпорален карактер и повеќе не беше дел од правниот поредок, заради тоа на самата седница предложив да се отфрлат иницијативите за тоа линеарно зголемување. Точно е дека имаше предлози од некои судии ние да поведеме постапка и при тоа да се поништи тој закон. Но јас во никој случај нема да поддржам таков предлог. Дури и да бидам надгласана, нема шанса да гласам за поништување на тој закон. Тој е од темпорален карактер и повеќе не е во правниот поредок“, изјави судијата.
Кацарска објави дека во Уставниот суд пристигнале 17 иницијативи поврзани со новото линеарно покачување на пензиите, па поради тоа Судот одлучи да отвори постапка по сопствена иницијатива да постапува истовремено и за тие иницијативи.
„Со оглед на тоа што во судот се пристигнати 17 нови иницијативи кои што се однесуваат на ова ново линеарно покачување од двапати по 1.000 денари, предмет којшто се работи во судот и којшто би требало да биде на седница за месец или два, мојот предлог како судија известител беше да постапуваме истовремено и за тие 17 иницијативи. Тоа е нешто што нашиот акт го дозволува. Мислам дека одлуката беше донесена едногласно или можеби еден судија гласал против. Чинам дека седум гласаа ‘за’ тој предлог. Се работи за веќе доставени иницијативи во Судот. Во никој случај не станува збор, како што беше кажано на парламентарна говорница, дека јас имам моја приватна иницијатива. И ова не е прв пат Уставниот суд да постапува на ваков начин.
Таа повторно нагласи дека конечна одлука нема и дека процесот е во тек. Во однос на можниот исход од постапката, Кацарска посочи што би значело евентуално укинување на законот:
„Доколку донесеме одлука со којашто би го укинале тој закон, во тој случај пензионерите би добиле пропорционално зголемување на пензиите, а не линеарно зголемување од 1.000 денари, тоа е она мартовско зголемување на пензиите. Ние изразивме сомнеж дека се повредени повеќе уставни одредби со овој закон — член 8 став 1 алинеја 3 и 6, владеење на правото, сопственост, член 9 еднаквост, потоа членовите 30, 34, 52 од Уставот. Повредени се повеќе одредби и токму заради тоа изразивме сомнеж и поведовме постапка“, изјави судијата Добрила Кацарска во интервју за емисијата Директно.
