Во организација на Уставниот суд на Република Косово, а со поддршка на Советот на Европа, се одржа тркалезна маса посветена на комуникациските предизвици и најдобрите практики при соопштување на високопрофилни одлуки на уставните судови.
Меѓу присутните учесници беше и делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија, составена од генералниот секретар м-р Виолета Ѓорѓиевска и советникот на Судот за односи со јавноста и портпарол, м-р Христина Беловска. Тие ја презентираа националната правна рамка за јавноста и слободата на информирање, нагласувајќи дека транспарентноста е стратешка определба на Уставниот суд. Беше презентиран преглед на активностите и статистика на комуникациите за 2024 и 2025 година, со акцент на проактивното и редовно информирање на јавноста.
Настанот беше отворен со обраќања на претседателот на Уставниот суд на Република Косово, Неџми Реџепи, генералниот секретар Ветон Дула и претставник на Советот на Европа. На дискусијата учествуваа претставници на уставните судови од Албанија, Бугарија, Косово, Турција и Чешка, кои ги презентираа своите национални практики и пристапи кон транспарентноста и комуникацијата со јавноста.
Учесниците разменија искуства и го потенцираа значењето на точноста, јасноста и навременоста при соопштувањето на уставно-судските одлуки, како и на потребата од засилена регионална соработка за унапредување на комуникациските капацитети на уставните судови.

