БЗСП.бр.13/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.13/2025
Скопје, 19.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Иванчо Тасески и ДОО ДОРИН од Охрид, поднесено преку адвокатoт Стојан Велјановски од Охрид, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забраната на дискриминација во остварување на правото на одбрана пред суд.

Образложение

I

Иванчо Тасески и ДОО ДОРИН од Охрид, застапувани од адвокатот Стојан Велјановски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на правото на забрана на дискриминација поради ускратување на правото на одбрана пред суд.

Во барањето подносителот Иванчо Тасески наведува дека во прекршочната постапка по предметот ПРК-С-1834/22 пред Основниот суд во Охрид му било ускратено правото на одбрана, односно правото да предлага докази и правото на еднаквост на оружјата со што била направена груба дискриминација спрема него. Имено, во постапката бил одбиен неговиот предлог за изведување на докази со образложение дека во барањето за поведување прекршочна постапка против него имало доволно докази. Поради направената дискриминација била донесена пресуда со која подносителот и правното лице ДОО ДОРИН од Охрид,  во кое тој бил одговорно лице, биле осудени за сторен прекршок од член 325 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и им биле изречени парични глоби. Подносителот смета дека со таа осуда тој трпи штетни последици и дека му се повредени уставно загарантираните права и слободи. Како докази за сторените повреди кон барањето ги приложува двете пресуди, записникот од 07.10.2024 година и жалбата против првостепената пресуда од 22.11.2024 година.

Со барањето се предлага Уставниот суд да ја поништи Пресудата ПРК-С-1834/22 на Основниот суд во Охрид поради направена дискриминација и ускратување на правото на одбрана, а поради можноста од настанување на тешко отстранливи последици од нејзиното извршување, бара Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на глобата изречена со наведената пресуда.

II

На седницата Судот ја утврди следната фактичка состојба, како што е наведеното подолу.

Подносителот на барањето, Иванчо Тасески од Охрид е управител на фирмата ДОО ДОРИН од Охрид која се занимава со јавен такси превоз.

Против него и против правното лице ДОО ДОРИН од Охрид, врз основа на барање за поведување прекршочна постапка на СВР Охрид, била водена прекршочна постапка пред Основниот суд во Охрид за прекршок од член 325 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој прекршок бил сторен така што лице вработено во ДОО ДОРИН од Охрид, вршело такси превоз во возило сопственост на наведеното правно лице, без да има направено задолжителен контролен здравствен преглед.

Основниот суд во Охрид со оспорената Пресуда ПРК-С-1834/22 од 7 октомври 2024 година го прогласил подносителот на барањето – Иванчо Тасески како и правното лице ДОО ДОРИН од Охрид за виновни затоа што на ден 22 декември 2021 година, во 17.10 часот на бул „Туристичка “ лицето Оливер Блажески, вработено во ДОО ДОРИН од Охрид, управувало со патничко моторно возило марка „Пежо“ со регистарски бр. ОХ-0290-АС сопственост на наведеното правно лице, при што било констатирано дека лицето вршело јавен превоз на такси патници, а не направил задолжителен контролен здравствен преглед, не подолг од три години, а Иванчо Тасевски како второобвинет и одговорно лице во правното лице, дозволил лицето Оливер Блажески како возач да учествува во патниот сообраќај без да има претходно направено задолжителен контролен здравствен преглед. Со опишаното дејствие обвинетите постапиле спротивно на одредбите од член 325 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, казнив по член 325 ставови 2 и 3 од истиот закон. Судот со Пресудата им изрекол глоба, и тоа на правното лице ДОО ДОРИН од Охрид износ од 1000 евра во денарска противредност, а на подносителот на барањето Иванчо Тасески му била изречена глоба во износ од 300 евра во денарска противредност, со обврска да ја платат во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата под закана за присилно извршување. Со Пресудата, исто така, биле задолжени да ги платат трошоците на прекршочната постапка, секој поединечно, во износ од 1000 денари.

Подносителот на барањето, незадоволен од Пресудата и изречената глоба, поднел жалба поради суштествени повреди на одредбите на прекршочната постапка и погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и предложил обжалената пресуда да се укине и предметот да се врати пред првостепениот суд на повторно судење.

Апелациониот суд во Битола, со Пресудата ПРКЖ-840/24 од 19 мај 2025 година жалбата ја одбил и ја потврдил првостепената пресуда и ги задолжил обвинетите да ги платат трошоците на постапка во износ од 1000 денари под закана на присилно извршување. Апелациониот суд не нашол повреди на постапката, ниту повреди на материјалниот закон и констатирал дека првостепениот суд правилно го ценел доказот и изјавата на второобвинетиот (односно подносителот на барањето Иванчо Тасески) дека лицето Оливер Блажески управувал со моторното возило без да има потврда за извршен здравствен преглед и дека оваа изјава упатува на целосно признание на прекршокот од страна на второобвинетиот (подносителот). Апелациониот суд исто така утврдил дека првостепениот суд ги ценел сите околности од важност при изрекувањето на видот и на висината на глобата за што дал доволно образложени причини.

Од примерокот на доставената пресуда се утврди дека истата станала правосилна на 19 мај 2025 година, а извршна на 3 јуни 2025 година. Подносителот на барањето Иванчо Тасески ја примил пресудата на 12.06.2025 година и на 16.07.2025 година го поднел барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 пред Уставниот суд.

III

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставниот суд на Република Северна Македонија согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115/2024), секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да подесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Во ставот 3 на истиот член е наведено дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.

Според член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по  иницијативата.

Со член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020) се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Поимот „дискриминација“ е дефиниран во член 6 од наведениот закон, според кој дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Надлежноста на редовните судови за заштита од дискриминација е утврдена во член 32 од Законот. Овој член во ставот 1 предвидува дека лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Согласно ставот 2 на овој член, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено. Ставот 3 на истиот член предвидува дека постапката е итна.

IV

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на еднаквост, односно забраната за дискриминација претставува едно од правата кое што Уставниот суд на Република Северна Македонија го штити во постапка по поднесено барање за заштита на слободите и правата.

Според одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминацијата претставува разликување, исклучување или ограничување на слободите и правата на одредено лице односно ставање  на тоа лице во понеповолна положба во споредба со друго лице, врз основа на определена лична карактеристика која законот ја означува како основ на дискриминација. Судската заштита од дискриминација првенствено се остварува во итна постапка пред редовните судови врз основа на поднесена тужба за заштита од дискриминација.

Согласно со наведените одредби од Актот на Уставниот суд, непосредната заштита на слободите и правата на граѓаните пред Уставниот суд има супсидијарен карактер, што значи дека граѓаните можат да побараат заштита пред Уставниот суд со поднесување на барање за заштита на слободите и правата, само откако ќе ги исцрпат сите редовни и вонредни правни средства за заштита.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по поднесеното барање на Иванчо Тасески од Охрид, поради следниве причини. Имено, во поднесеното барање подносителот наведува дека бил дискриминиран од страна на судечкиот судија кој постапувал во неговиот прекршочен предмет за сторен прекршок од член 325 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата поради тоа што не биле прифатени неговите предлози за изведување на докази и дека поради тоа му било повредено правото на одбрана и еднаквост на оружјата во постапката пред суд. Притоа, подносителот до Уставниот суд не достави информации, ниту пак каков и да било доказ од кој може да се заклучи дека тој ги исцрпел сите редовни и вонредни правни лекови согласно со барањето од член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, односно да се утврди дали наводите за дискриминација подносителот на барањето ги има претходно истакнато пред редовен суд во постапка врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Освен тоа, подносителот во барањето наведува дека поради одбивање на предложените докази му било ускратено правото на одбрана. Во врска со овие наводи, Уставниот суд потсетува дека правото на одбрана претставува составен дел и елемент на правото на фер судење што е гарантирано со член 6 „Право на правично судење“ од Европската конвенција за човекови права и со соодветните одредби од процесните закони во законодавството на Република Северна Македонија. Меѓутоа, правото на фер судење и правична судска постапка не спаѓа во корупусот на права што ги штити Уставниот суд во постапка по поднесено индивидуално барање за заштита на слободите и правата, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Врз основа на наведеното Уставниот суд утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски