У.бр.169/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.169/2023
Скопје, 12.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 12 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспоренaтa одредбa не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Подносителот наведува дека од содржината на оспорената одредба, како и од целината на Законот може да се констатира дека во истиот закон нема критериуми за определување на висината на надоместокот за добивање на овластувањето за вршење на дејноста како и дека нема параметри со кои поблиску би се определила висината на трошоците во постапката.

Во иницијативата, подносителот се повикува на ставовите на Уставниот суд изразени во Одлуката У.бр.158/2005 од 18 мај 2006 година. Притоа, ја цитира оспорената одредба и релевантниот дел од образложението на судската одлука, аргументирајќи дека Законот за вештачење не воспоставува критериуми за определување на висината на надоместокот за добивање на овластување за вршење на дејноста, ниту параметри со кои поблиску би се определила висината на трошоците во постапката.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине како спротивна на Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 18 став 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) е пропишано „Висината на трошоците за полагање на испитот од ставот 1 на овој член ја определува министерот за правда врз основа на реално направените трошоци за полагање на испитот, кои се неопходни за спроведување на првиот и на вториот дел на испитот, спроведувањето на писмениот тест, изработувањето материјали и покани и изработка на уверенија“.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно со член 61 став 1 од Законот, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во член 1 од Законот за вештачење е уредено вршењето на вештачењето, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите што вршат вештачење, условите и постапката за полагање испит за вештак, услови за издавање, престанок или за одземање лиценца за вештачење, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци и другите органи на управување, посебна постапка за стекнување со лиценца за вештачење како и други прашања од значење за судските вештачења и супервештачења.

Во член 11 од Законот се пропишува дека испитот се состои од два дела и тоа: прв дел – (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и втор дел – (устен дел), со кој се проверува практичната способност на кандидатите. Првиот дел од испитот се полага писмено, со одговарање определен број прашања, додека вториот дел од испитот се состои од практичен пример (изработено вештачење) и негова усна одбрана.

Согласно со член 13 став 1 од Законот „теоретскиот дел од испитот се полага според програма во која се содржани материјалот, прописите и литературата“, додека со став 2 од истиот член е уредена Програмата за полагање на теоретскиот дел од испитот од став 1 на овој член, кој ја донесува министерот за правда.

Со член 16 став 3 од Законот, законодавецот предвидел право на надоместок на претседателот и на членовите на Комисијата за секоја одржана испитна сесија во износ од една половина од просечната месечна нето-плата во Републиката.

Врз основа на член 17 став 1 од Законот, на кандидатите кои го положиле испитот, Министерството за правда им издава уверение во рок од 15 дена од денот на завршување на испитот.

Согласно со член 18 став 2 од Законот, висината на трошоците за полагање на испитот од став 1 на овој член ја определува министерот за правда врз основа на реално направените трошоци за полагање на испитот, кои се неопходни за спроведување на првиот и на вториот дел на испитот, спроведувањето на писмениот тест, изработувањето материјали и покани и изработка на уверенија.

IV

Наводите во иницијативата дека во Законот за вештачење нема критериуми за определување висина на трошоците за полагање на испити, се неосновани. Ова од причина што од цитираните одредби од Законот произлегува дека критериумите врз основа на кои се утврдува висината на надоместокот, а кои министерот за правда ги зема предвид при неговото определување, се законски утврдени, односно не се определени од министерот, туку произлегуваат од законските прописи, при што актот на министерот служи исклучиво за нивна пресметка во рамките на законски утврдените параметри.

Во оспорената одредба е утвредено овластувањето на министерот за правда да ја утврди висината на трошоците за полагање на испитот. Тоа значи дека законодавецот го овластил министерот за правда да ги определи трошоците за полагање на испитот кои се неопходни за спроведување на првиот и вториот дел на испитот, спроведувањето на писмениот тест, изработувањето на материјали и покани, изработката на уверенија, како и надоместок за претседателот и членовите на Комисијата за секоја одржана испитна сесија, притоа обврзувајќи го да се раководи од висината на реално направените трошоци.

Реално направените трошоци претставуваат рамка според која министерот за правда е должен да се раководи при утврдување на висината на трошоците, што е во согласност со определбата од член 96 од Уставот на Република Северна Македонија, според која органите на државната управа, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Во оваа смисла, во иницијативата несоодветно се укажува на уставно-судската практика искажана во Одлуката У.бр.158/2005 од 18 јуни 2006 година, од Уставниот суд, од причина што наведената одлука се однесува на друга правна ситуација, различна од сега оспорената, во која Судот утврдил дека овластувањето на министерот да ја утврдува висината на трошоците и надоместоците со подзаконски акт нема уставна основа, затоа што ниту Законот за просторно и урбанистичко планирање ниту Законот за општата управна постапка не утврдуваат критериуми и мерила за нивното определување.

Во однос на наводите што се однесуваат на меѓусебната согласност на оспорената одредба со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државата управа, Судот, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на закон со закон, како прописи од ист ранг во хиерархијата на правните прописи.

Врз основа на наведеното, Судот утврди оспорената одредба од Законот за вештачење содржи критериуми за определување на висината на трошоците за полагање на испитот наспроти наводите во иницијативата, така што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски