
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.176/2024
Скопје, 22.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 20 октомври 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 141-a од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 42/2020, 90/2020, 140/2020, 2/2021, 48/2021, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 55/2024).
Образложение
I
Љупчо Докузов, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од законите означени во диспозитивот на ова Решение.
Според наводите, оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 и членовите 9, 16, 51, 54, 55 и 58 од Уставот на Република Северна Македонија, член 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и член 1 од Протокол бр. 12 на ЕКЧП.
Во иницијативата, се наведува дека оспорените одредби не се во согласност со препораките на Венецијанската комисија, Европскиот акт за слобода на медиумите од 2024 година со кој се воспоставува заедничка рамка за медиумските услуги на ниво на ЕУ, како и со точката 8 од Директивата 2010/13/ЕУ, според која, од особена важност е земјите-членки да спречат активности кои би можеле да имаат штетни последици врз слободното движење на телевизиските програми и трговија со нив, или активности кои би можело да промовираат создавањето на доминантни позиции што би довеле до ограничување на плурализмот и слободата на телевизиското информирање, како и информативниот сектор во целина.
Исто така, се наведува дека со последните измени на Законот неосновано се навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, во правата и обврските на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси и во правата и обврските на граѓаните, бидејќи со истите се предвидуваат задолжителни облигациони односи преку склучување договори помеѓу трговските друштва основани со приватен капитал, кои поседуваат и плаќаат соодветни долгогодишни дозволи за работа, и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи.
На ваков начин државата се меша и уредува приватно правни односи меѓу две трговски друштва, со што се воспоставува монопол на националните телевизии коишто емитуваат програма преку мултиплекс, спротивно на Уставот и одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) засновани на член 10 од ЕКЧП.
Според наводите во иницијатива, со оспорените одредби, државата директно наредува што треба кабелските оператори да реемитуваат и што треба да сторат телевизиите коишто емитуваат програма преку мултиплекс. Покрај ова, државата го ограничува пазарот на медиуми не издавајќи дозвола за емитување на нова телевизија на државно ниво преку мултиплекс со што се забранува пристапот на нови телевизии кои сакаат и бараат да емитуваат програма преку преносен капацитет односно дигитален терестријален мултиплекс, спротивно на член 10 од ЕКЧП и член 1 од Протоколот број 12 на ЕКЧП, со кои на експлицитен начин се забранува дискриминација по кој било основ. Имено, со оспорените одредби се врши дискриминација на националните телевизии бидејќи истите се третираат на различен начин според тоа како ја емитуваат програмата, овозможувајќи им на оние телевизии кои емитуваат програма преку мултиплекс привилегирана положба, а на другите национални телевизии кои емитуваат програма преку сателит или јавна електронска комуникациска мрежа потчинета состојба односно вторите да добијат третман на телевизии на државно ниво од пониско ниво, иако се еднакви на пазарот и имаат иста дозвола за емитување на државно ниво, што е спротивно на темелните вредности на уставниот поредок, владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и еднаква положба на сите субјекти.
Подносителот на иницијативата ја наведува Одлуката У.бр.13/2020 од 03.10.2020 година, со која Уставниот суд на Република Северна Македонија, укина одредби од член 143 на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во образложението на оваа одлука, меѓу другото, се наведува дека новопропишаната обврска за одговорното лице на операторот и одговорното лице на радиодифузерот да достават изјави под целосна морална, материјална и кривична одговорност со која потврдуваат дека за реемитување на програмските сервиси ги имаат уредено ТВ правата за странскиот радиодифузер кој планира да го реемитува на целиот свој програмски сервис за територијата на Република Македонија (член 143 став 3), излегува надвор од режимот на заштита на авторските права пропишан со Законот за авторските и сродни права.
Во иницијативата се наведува дека обврската предвидена со оспорените одредби за склучување договор помеѓу националните телевизии коишто емитуваат програма преку мултиплекс и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи претставува мешање на државата во сферата на медиумските услуги, што е спротивно на уставните одредби за забрана на дискриминацијата.
Исто така, според наводите, со оспорените одредби се повредува правото на слободата на изразување, во рамки на кое се гарантира и слободата на прием и пренос на информации и идеи, без мешање од јавната власт и без ограничување. Имено, со овие одредби се ограничува правото на човекот да прима информации и идеи, бидејќи државата фаворизира пренос на информации и идеи преку преносен капацитет- дигитален мултиплекс. Притоа, информациите и идеите што граѓаните можат да ги примаат преку телевизии кои емитуваат програмски сервис преку други видови на преносен капацитет, како што се сателит, кабелски оператори, регионални и локални телевизии, како и сите видови радија, се изземени од законската одредба и со тоа државата постапува спротивно на член 10 од ЕКЧП, со кој се гарантира правото на човекот на слободен прием на информации и идеи.
Покрај наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.
II
На седницата Судот утврди дека во 141-a став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 42/2020, 90/2020, 140/2020, 2/2021, 48/2021, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024), е предвидено дека радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс се должни да понудат склучување договор за реемитување на нивните програмски сервиси на сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи. Во став 2 од истиот член е предвидено дека радиодифузерите од ставот (1) на овој член се должни да објават јавен повик до сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи за склучување договор за реемитување на програмските сервиси. Според став 3 од истиот член радиодифузерите од ставот (1) на овој член имаат право на надоместок за реемитување на нивните програмски сервиси од операторите на јавни електронски комуникациски мрежи. Согласно со став 4 од истиот член радиодифузерите од ставот (1) на овој член и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ќе се спогодат за реемитување на програмските сервиси, своите односи ги уредуваат со договор склучен согласно со прописите за авторското право и сродните права и со другите прописи кои ги уредуваат договорните и облигационите односи.
Судот, исто така, утврди дека во член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 55/2024), е предвидено дека радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавниот повик од членот 141-а став (2) од овој закон ќе го објават во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу другите, се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Во член 9 став 1 од Уставот е предвидено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Додека во став 2 од истиот член е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Согласно со став 2 од овој член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Став 3 од истиот член го гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со став 4 од овој член се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Согласно со член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Во член 55 став 1 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 од истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Став 3 од овој член предвидува дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Согласно со член 58 став 1 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е предвидено дека со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, вклучувајќи ги радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, давателите на услуги платформи за споделување видеа и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.
Согласно со член 2 став 1 алинеја 11 од овој закон, целта на истиот е да се обезбеди поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи.
Во член 3 од Законот се дефинирани одделни изрази употребени во Законот. Според точка 8 од истиот член „емитување“ е изворно предавање на програми во аналоген или дигитален вид, наменети за прием од страна на јавноста што се распространуваат преку терестријален предавател, јавна електронска комуникациска мрежа или сателит. Во точка 12 од истиот член се предвидува дека „програмски сервис или програмски канал“ е целина од програми и други елементи на една единствена аудио или аудиовизуелна медиумска услуга што ја обезбедува конкретен радиодифузер и што е наменета за прием од страна на јавноста. Според точка 18 од истиот член „реемитување на програмски сервиси“ е јавна електронска комуникациска услуга која ја обезбедува оператор на јавна електронска комуникациска мрежа и претставува примање и истовремено пренесување на радио или телевизиски програмски сервиси во целост и без каква било модификација во нивната програмска содржина, што радиодифузерите ги емитуваат за прием од страна на јавноста.
Согласно со член 63 став 1 од истиот закон, емитување на телевизиски програмски сервис може да се врши преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит. Според став 2 од овој член, емитување на радиопрограмски сервис може да се врши преку радиофреквенции, преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит.
Во член 69 став 1 од истиот закон се регулирани начините на доделување на дозвола. Според став 2 од истиот член, за програмскиот сервис на терестријална телевизија доколку се емитува преку ограничен ресурс може да се емитува само преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс за кој дозволата за телевизиско емитување ја доделува Агенцијата по пат на јавен конкурс. Додека во член 70 е регулиран начинот на доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување по пат на јавен конкурс.
Според член 10 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа. Во став 2 од истиот член е предвидено дека остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Во член 1 од Протоколот бр.12 на Конвенцијата е предвидено дека уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. Според став 2 од истиот член, никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1.
IV
Судот оцени дека се неосновани наводите дека со оспорените одредби државата, спротивно на Уставот, навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, како и во правата и обврските на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси и во правата и обврските на граѓаните бидејќи со истите се предвидуваат задолжителни облигациони односи, односно склучување на договори меѓу трговски друштва основани со приватен капитал, кои поседуваат и плаќаат соодветни долгогодишни дозволи за работа, и оператори на јавни електронски комуникациски мрежи, при што државата се меша и уредува приватно правни односи меѓу две трговски друштва, и како резултат на тоа се создава монопол на националните телевизии кои емитуваат програма преку мултиплекс.
Ова од причина што, во член 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги е утврдено дека предмет на регулирање на овој закон е уредувањето на правата, обврските и одговорностите во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Понатаму, во член 76 став 4 е предвидено дека со поднесување на барање за доделување на дозвола за телевизиско или радио емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит доставува и преддоговор за емитување на програмскиот сервис, заверен на нотар, склучен со операторот на јавната електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс или со операторот на сателит, како и документацијата определена во член 73 став 3 од овој закон. Додека во член 77 став 6 е предвидено дека операторот на јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс ќе склучи договор со радиодифузерот кој од Агенцијата има добиено дозвола за телевизиско или радио емитување, за емитување на неговиот програмски сервис во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (4) на овој член почитувајќи ги принципите на објективност, транспарентност и недискриминација. Радиодифузерите се должни склучените договори да ги достават до Агенцијата во рок од 15 дена од денот на нивното склучување.
Имено, од анализата на наведените законски одредби, во корелација со наводите од иницијативата, произлегува дека определбата на законодавецот за регулирање на односите помеѓу радиодифузерите и операторите на јавната електронска комуникациска мрежа врз основа на склучен договор не е новина во Законот, туку постои од донесувањето на истиот. На овој начин, фактот дека односите помеѓу наведените страни треба да се регулираат врз основа на договор не значи дека државата се меша вo нивниот приватно правен однос, односно државата не ја определува содржината на самиот договор туку насочува кон тоа дека, ако наведените субјекти се спогодат, потребно е да склучува договор врз основа на кој ќе ги регулираат нивните облигациони односи. Следствено на наведеното, условот за склучување на договор помеѓу сите радиодифузери и операторите на јавната електронска комуникациска мрежа, со цел регулирање на нивните правни односи, без притоа да се направи некоја поделба односно различен третман помеѓу засегнатите страни, покажува дека во конкретниот случај не станува збор за дискриминаторски одредби.
Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите дека со оспорените одредби државата директно наредува што мора да гледаат граѓаните, што мора да реемитуваат кабелските оператори и што треба да сторат телевизиите кои емитуваат програма преку мултиплекс. Оспорените одредби не се однесуваат на содржината на програмите кои се емитуваат односно се реемитуваат преку дигитален терестријален мултиплекс односно операторите на јавната електронска комуникациска мрежа туку предмет на регулирање на истите е обврската за објавување на јавен повик за склучување договор за реемитување на програмските сервиси и можноста за склучување договор за реемитување помеѓу засегнатите страни.
Во однос на наводите дека со оспорените одредби државата го ограничува медиумскиот пазар, не издавајќи дозвола за емитување на нова телевизија на државно ниво преку мултиплекс, со што се оневозможува пристап на нови телевизии кои сакаат и бараат да емитуваат програма преку преносен капацитет, односно дигитален терестријален мултиплекс, спротивно на член 10 од ЕКЧП и член 1 од Протоколот бр.12 на ЕКЧП, со кои експлицитно се гарантира слободата на изразување и се забранува дискриминација по кој било основ, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што, предмет на регулирање на оспорените одредби не е постапката за издавање дозвола за емитување односно реемитување преку дигитален терестријален мултиплекс односно јавната електронска комуникациска мрежа или сателит, туку со истите се уредува правното прашање, склучување договор, доколку радиодифузерите и оператори на јавни електронски комуникациски мрежи се спогодат во врска со реемитувањето на програмски сервиси што се емитуваат преку дигитален терестријален мултиплекс. Имено, начинот и постапката за издавање на дозвола за телевизиско или радио емитување преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс се детално регулирани во членовите од 68 до 86 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Судот оцени дека се неосновани наводите дека со оспорените одредби се врши дискриминација на националните телевизии, на начин што тие различно се третираат според начинот на емитување на програмата, овозможувајќи им привилегирана положба на телевизиите кои емитуваат програма преку мултиплекс, а потчинета состојба на оние телевизии што емитуваат програма преку сателит или јавна електронска комуникациска мрежа односно вторите да добијат третман на телевизии на државно ниво од пониско ниво, иако се еднакви во пазарот и имаат иста дозвола за емитување на државно ниво, што е спротивно на уставната гаранција за владеење на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, еднаква положба на сите субјекти на пазарот и член 10 од ЕКЧП и член 1 од Протоколот бр.12 на ЕКЧП.
Ова од причина што оспорените одредби го регулираат односот помеѓу радиодифузерите, кои веќе емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс, и операторите на јавните електронски комуникациски мрежи, односно регулираат односи помеѓу субјекти кои веќе имаат утврдена правна положба односно статус. Имено, со оспорените одредби се пропишува регулирањето на односот помеѓу наведените субјекти доколку истите се согласат да склучат договор, кој мора да биде во согласност со прописите за авторското право и сродните права и другите прописи што ги уредуваат договорите и облигационите односи. Следствено на наведеното, Судот оцени дека со оспорените одредби не се врши дискриминација меѓу радиодифузерите кои емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс и радиодифузерите кои емитуваат програма на друг начин, бидејќи не се предвидува различен третман на субјекти што се наоѓаат во иста или слична положба. Напротив, во конкретниот случај станува збор за различен третман на субјекти кои се наоѓаат во различна правна и фактичка положба. Различната положба на наведените субјекти произлегува токму од видот на добиената дозвола за емитување, што е регулирано во член 69 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Наводите дека обврската за склучување договор помеѓу националните телевизии кои емитуваат програма преку мултиплекс со операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, предвидена со оспорените одредби, претставува мешање на државата во делот на медиумските услуги, спротивно на уставните одредби, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што во оспорените одредби, не се предвидува задолжително склучување договор помеѓу трговски друштва основани со приватен капитал, односно помеѓу радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи. Напротив, со оспорените одредби се предвидува дека радиодифузерите се должни да понудат склучување договор за реемитување на нивните програмски сервиси на сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи. На тој начин, постои можност и да не се склучи договор за реемитување на програмските сервиси. Но, доколку радиодифузерите и операторите на јавните електронски комуникациски мрежи се спогодат за реемитување на програмските сервиси, тогаш тие се должни своите меѓусебни односи да ги уредуваат со договор склучен согласно со прописите за авторското право и сродните права и со другите прописи кои ги уредуваат договорните и облигационите односи.
Судот оцени дека се неосновани наводите дека државата со оспорените одредби воспоставува монопол на националните телевизии кои емитуваат програма преку мултиплекс, спротивно на наведените одредби од Уставот и на одлуките на ЕСЧП. Ова од причина што со оспорените одредби државата уредува конкретно правно прашање, а тоа е склучување договор доколку засегнатите субјекти се согласат нивните меѓусебни односи да ги регулираат со договор и во тој случај, потребно е договор да биде склучен согласно со позитивното право, односно согласно со прописите за авторското право и сродните права и со другите прописи кои ги уредуваат договорните и облигационите односи. Имено, со оспорените одредби државата не ја определува содржината на договорот, ниту пак им ограничува на заинтересираните страни да станат дел од одредена платформа, доколку ги исполнуваат условите и се стекнат со соодветна дозвола, како што е регулирано во Законот.
Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите дека со оспорените одредби се повредува правото на слобода на изразување, кое го опфаќа правото на прием и пренос на информации и идеи без мешање на јавната власт и без оглед на границите, загарантирано со член 10 од ЕКЧП бидејќи јавната власт со наведените законски одредби фаворизира пренос на информации и идеи преку преносен капацитет, дигитален мултиплекс, во однос на преносот на информации и идеи што граѓаните можат да ги примаат преку телевизиите кои емитуваат програмски сервис преку други видови на преносен капацитет. Ова од причина што граѓаните, со оспорените одредби во ниту еден случај не се ограничени во изборот на начинот на примање информации. Напротив на граѓаните им се достапни сите платформи и начини на прием на информации, како што се: преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, јавна електронска комуникациска мрежа и сателит. Покрај ова, со оспорените одредби на ниту еден начин не се ограничува слободата на изразување односно правото на прием и пренос на информации и идеи бидејќи предмет на регулирање на оспорените одредби е обврската на радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, во рок од рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на Законот да објават јавен повик до сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи за склучување договор за реемитување на програмските сервиси, да понудат склучување договор за реемитување на нивните програмски сервиси и во случај на спогодување за реемитување на програмските сервиси своите меѓусебни односи ги уредуваат со договор склучен согласно со прописите за авторското право и сродните права и со другите прописи кои ги уредуваат договорните и облигационите односи. Следствено на наведеното, јасно произлегува дека целта на оспорените одредби е уредување на одреден приватно правен однос меѓу два субјекти како што се радиодифузерите кои емитуваат програмски сервиси преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, при што Судот оцени дека истите не го повредуваат правото на слобода на изразување.
Во однос на наводите дека оспорените одредби не се во согласност со препораките на Венецијанската комисија, Европскиот акт за слобода на медиумите и точката 8 од Директивата 2010/13/ЕУ на Европската Унија, Судот оцени дека станува збор за прашање за кое, согласно со член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.
Во врска со оспорениот член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 55/2024), Судот оцени дека станува збор за одредба со темпорален карактер, која е исцрпена од нејзината примена по истекот на рокот од три месеци по денот на влегувањето во сила на наведениот закон и дека постојат процесни пречки за постапување, односно исполнети се условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Во однос на барањето на подносителот на иницијативата за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на наведените одредби доколку со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Судот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски