У.бр.55/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.55/2025
Скопје, 19.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1 и 3, член 71 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста  на член 177 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008 и 77/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 138/2007, 8/2008, 21/2008, 86/2008, 20/2009, 139/2009 и 135/2011) и на уставноста и законитоста на Нотарското решение О.бр.584/11, УДР-87/11 од 17.06.2022 година, со исправка од 20.02.2023 година.

Образложение

I

Санде Пејоски од Охрид, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од диспозитивот на ова решение, како и уставноста и законитоста на актот означен во точката 2 од диспозитивот на Решението.

Според подносителот со предметното нотарско решение се запира веќе правосилно завршена оставинска постапка (правосилно решение О.бр.12-584/2011 и УДР.бр.87/11 од 16.01.2012 година) и имотот што бил предмет на наследување се пренесува на трето лице, а основот за ваквото постапување на нотарот е договор за доживотна издршка од 2004 година.

Подносителот смета дека Договорот за доживотна издршка не бил исполнет и бил отповикан со тестамент прогласен на 29.12.2011 година. Исполнувањето на договорот станало невозможно поради одземање на деловната способност на примателот на услугите со правосилни судски одлуки од 2009 година. Како наследник, тој го поседувал и владеел имотот законски и мирно, а со нотарското решение  незаконски е избришан од катастарот како сопственик, е спротивно на повеќе уставни начела и законски одредби и со што му се повредени правото на сопственост, правото на правна заштита и начелото на владеење на правото.

Според подносителот, член 177 од Законот за вонпарнична постапка и член 12 од Законот за нотаријатот се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 30, 50, 51 и 54 од Уставот и истите биле во колизија со членовите 126 и 137 од Законот за облигационите односи, со член 125 став 5 од Законот за сопственост и други стварни права, како и со член 1 од Протоколот бр. 1 и член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Поради горенаведеното, подносителот предлага да се укинат или избришат член 177 од Законот за вонпарнична постапка и член 12 од Законот за нотаријатот и да се поништи Нотарското решение О.бр.584/11, УДР-87/11 од 17.06.2022 година со исправката од 20.02.2023 година, да се наложи враќање на имотот во претходна состојба и Катастарот да го спроведе правосилното оставинско решение.

II

На седницата Судот утврди дека во член 177 став 1 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008 и 77/2018) е предвидено дека судот откако ќе утврди на кои лица им припаѓа правото на наследство, со решение ќе ги прогласи за наследници. Според став 2 од истиот член, решението ги содржи следните податоци:

1) име и презиме, татково име, а за мажени жени и моминското презиме, занимање, датум на раѓање и државјанство на умрениот и ЕМБГ;

2) означување на недвижностите со податоци од јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите, како и означувањето на подвижните предмети со повикување на пописот;

3) име и презиме, занимање, живеалиште, односно престојувалиште на наследникот, неговиот однос спрема оставителот, дали наследува како законски или тестаментален наследник, а ако има повеќе наследници и делот со кој секој од нив учествува во наследувањето, ЕМБГ;

4) дали правото на наследникот се одлага поради недостиг на времето или е ограничено на определено време или е одложено додека се исполни определен услов кој зависи од некој раскинувачки услов, односно налог што ќе се смета како раскинувачки услов или е ограничено со право на плодоуживање или некое друго право и во чија полза и

5) име и презиме, ЕМБГ, занимање и престојувалиште на лицата на кои им припаднал легат, плодоуживање или некое друго право од оставината со точно назначување на тоа право.

Согласно со став 3 од истиот член ако во постапката за расправање на оставината сите наследници спогодбено предложат делби и начин на делбата, судот таквата спогодба ќе ја внесе во решението за наследување, ако не е во спротивност со постојните прописи.

Член 12 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“, бр. 55/2007, 138/2007, 8/2008, 21/2008, 86/2008, 20/2009, 139/2009 и 135/2011) којшто согласно со член 179 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016) престанал да важи, ја имал следната содржина:

(1) Нотарот е должен пред започнувањето со работа да се осигура од одговорност за штета која би можела да им ја причини на трети лица при вршењето на нотарската служба. Во условите за осигурување може да се предвиди штетата до определен износ нотарот непосредно да ја надомести.

(2) Најнискиот износ на осигурување изнесува 50.000 евра во денарска противвредност.

(3) Нотарот кој според извештајот од членот 8 став (8) на овој закон, за остварената награда во претходната година, остварил награда поголема од осигурената сума од ставот (2) на овој член, плаќа осигурување до висина на остварената награда.

(4) При измена на условите за осигурување и висината на износот за осигурување нотарот е должен, во рок од 30 дена, да го усогласи своето осигурување со изменетите услови и износот и за тоа да ја извести Комората.

(5) Нотарот е должен уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност за штета.

(6) Комората може да го преземе осигурувањето од одговорност за штета на сите нотари во Република Македонија. Во тој случај, нотарите се должни на Комората да и плаќаат надоместок за осигурување од одговорност за штета.

Исто така, Судот на седницата утврди дека нотарот Момана Иваноска од Охрид, повереник на Основниот суд Охрид, како првостепен оставински суд, постапувајќи по предлогот за расправање на оставината на пок. Пејоска Регина бивша од Охрид на ден 17.06.2022  година донел Решение О.бр.584/11, УДР.87/11 и Решение за исправка на наведеното решение од 20.02.2023 година.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3  од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 9 став 1 од Уставот се предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување,  имотната и општествената положба. Во став 2 од истиот член е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 од истиот член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во став 3 од истиот член е предвидено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Со став 4 од истиот член се предвидува дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Согласно со став 2 од истиот член се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Во став 3 од членот се предвидува дека граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Со член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 од истиот член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2  од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

IV

Со член 1 од  Законот за вонпарнична постапка се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон.

Со оспорениот член 177 од Законот за вонпарничната постапка се уредува содржината и правните ефекти на решението за наследување, кое судот го носи по утврдување на лицата на кои им припаѓа правото на наследство. Законот налага решението да содржи идентификациски податоци за умрениот и наследниците (име, презиме, ЕМБГ, државјанство и сл.), опис на недвижен и подвижен имот, како и неговото означување според јавни книги или попис, правна природа на наследувањето (законски или тестаментарен наследник) и учество во наследството, одлагање на наследувањето во случаи на суспензивни или резолутивни услови и точна идентификација на лица на кои им припаѓа легат, плодоуживање или други ограничени права.

На ваков начин се обезбедува прецизност и транспарентност на наследно-правниот статус, заштита на трети лица преку јавно евидентирање на правата и извесност во имотно-правните односи по смртта на оставителот.

Во пракса, ако наследниците се спогодат за делбата, судот ќе ја потврди спогодбата со вклучување во решението, под услов таа да не е  спротивна на законските прописи.

Оспорениот член 177 од Законот предвидува јасна и правно уредена постапка за утврдување на наследници преку судско решение, што ја обезбедува правната сигурност. Прецизираната содржина на решението ја гарантира предвидливоста на правните последици, што е суштински дел од владеењето на правото. Правото на наследување е загарантирано за сите граѓани, без оглед на пол, социјален статус или друга основа. Сите наследници се утврдуваат според објективни критериуми предвидено со закон или преку тестамент. Со оспорениот член се овозможува примена на уставно загарантираното право на наследување.

Исто така, истиот член овозможува реализација на наследно-правниот однос и заштита на имотно-правниот интерес на наследниците. Постапката за донесување решение се води од суд, со што се обезбедува правна заштита и можност за жалба, во согласност со правото на правна сигурност и правен лек.

Наследувањето се остварува врз основа на закон или тестамент, преку судско решение, што значи доследно почитување на Уставот и законите. Со оспорената одредба не се ограничува правото на сопственост, туку се уредува постапката на пренесување на имотот од оставителот на неговите наследници, без повреда на суштината на правото.

Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 177 од Законот за вонпарнична постапка е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30, член 50, член 51 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот го оспорува и член 12 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 138/2007, 8/2008, 21/2008, 86/2008, 20/2009, 139/2009 и 135/2011), којшто согласно со член 179 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016) престанал да важи.

Имајќи го предвид фактот дека оспорената одредба не е дел од правнио поредок Судот оцени постојат процесни пречки за одлучување, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Имајќи предвид дека оспореното Нотарското решение О.бр.584/11, УДР-87/11 од 17.06.2022 година не ги содржи правните елементи односно не содржи општи норми на однесување, не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и не утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Оттука, барањето за оцена на неговата уставност и законитост не е во надлежност на Судот, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, поради што се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на овој дел од иницијативата.

Прашањата коишто се покренати со наводите од иницијативата  за неусогласеност на оспорените законски одредби со одредби од Законот за облигационите односи и Законот за сопственост и други стварни права, како и примената на оспорените одредби, не се во надлежност на Уставниот суд, согласно со член 110 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски