
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.258/2024
Скопје, 22.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 алинеја 2 и член 78 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Неџипоски и други од Прилеп, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на раса и национална припадност.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Неџипоски и други од Прилеп, преку полномошникот Кети Јандријеска Јованова, адвокат од Скопје, на 12 ноември 2024 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на раса и национална припадност.
Подносителите сметаат дека повредата била сторена со противправно дејствие преземено од администрацијата на Основното општинско училиште „Добре Јовановски“ – Прилеп, што имало за последица дискриминација, а со тоа и сегрегација.
Според наводите во барањето, станува збор за дискриминација сторена врз децата Роми, која резултира со сегрегација во сферата на основното образование на децата како ученици во редовна настава во ООУ „Добре Јовановски“, лоцирано во населбата Тризла во Прилеп, врз основа на раса и национална припадност.
Во барањето се наведува дека станува збор за свесно планирана дискриминација врз основа на раса и национална припадност, која резултира во распоредувањето на учениците Роми од страна на училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ во Прилеп во „етнички чисти одделенија“ односно нивно сегрегирање во одделенија составени исклучиво од учениците Роми, како и одделенија во кои тие се прекумерно застапени.
Според наводите во барањето, со дејствијата преземени од страна на училишната администрација, учениците Роми се ставени во понеповолна положба во однос на другите ученици, при што е извршена директна дискриминација и сегрегација со што се повредува правото на еднаквост и заштита од дискриминација при остварување на нивното уставно загарантирано право на образование. Ваквите дејствија придонесуваат кон исклучување на учениците Роми од редовниот образовен процес, а неретко поради квалитетот на наставата која ја следат во сегрегираните паралелки се доведува и до намалување на нивните можности за продолжување со образованието, соодветно вработување и заработка.
Се наведува дека со спорните дејствија на администрацијата на училиштето е создадена прекумерна застапеност на ученици и формирани се етнички паралелки, што предизвикало бурни реакции кај родителите Роми. Тие укажуваат на загриженост во однос на интегрираното образование и наведуваат дека постои етничката сегрегација на нивните деца, со што им се оневозможува на учениците од различни национални заедници да учат и да се социјализираат заедно во исти образовни услови.
Во барањето се наведува дека, поради настанатата ситуација, Европскиот центар за правата на Ромите од Брисел веќе поднел претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел да се утврди дека овластените органи на ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп постапувале спротивно на Уставот, Законот за спречување и заштита од дискриминација и меѓународната релевантна регулатива и вршеле директна дискриминација врз основа на етничка припадност, односно сегрегација.
Според наводите од барањето, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 18.01.2024 година донела Мислење, со кое утврдила постоење на индиректна дискриминација што доведува до сегрегација врз основа на етничка припадност на учениците Роми кои учат во ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп, и дала препораки за надминување на проблемот, кои сé уште не се спроведени. Комисијата, на ден 07.11.2024 година, доставила и известување за неисполнување на препораките, со што се потврдува дека дискриминацијата кон подносителите на барањето продолжува и понатаму, видливо и од одговорот на ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп, во кој јасно се забележува дека голем број на одделенија во учебната 2024/2025 година, се формирани како чисто ромски паралелки.
Во продолжение на барањето, се цитираат одредби од Уставот, Деловникот на Уставниот суд, Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, Законот за основното образование, Универзалната декларација за човекови права на ООН, Конвенцијата за заштита од дискриминација во образование, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Протоколите бр.1, 4, 6, 7, 11, 12 и 13, Рамковната конвенција за заштита на правата на националните малцинства и Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на детето. Исто така, подносителите упатуваат на неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права, во кои е утврдена сегрегација како посебен облик на дискриминација.
Според наводите од барањето, сегрегацијата во образованието има сериозни негативни последици врз квалитетот на наставата што ја добиваат учениците Роми. Ова е потврдено во различни извештаи и истражувања, според кои учениците Роми во сегрегираните паралелки имаат пониски оценки, полош општ успех и повисока стапка на напуштање на училиштето во споредба со учениците Македонци. Во Стратегијата за Ромите во Република Македонија од 2005 година, изработена од страна на Министерството за труд и социјална политика, се нагласува дека сегрегацијата на Ромите е присутна во повеќе општествени сфери, особено во домувањето, образованието и пристапот до здравствени услуги. Исто така, се наведени и неколку извештаи на Народниот правобранител, каде се истакнува постоењето на проблемот со сегрегацијата. Подносителите на барањето посочуваат дека, иако не е извршен увид во ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп, сепак согласно со бројот на чисто ромски паралелки кои постојат во училиштето, јасно произлегува дека сегрегацијата е присутна и во ова училиште.
Врз основа на горенаведеното, во барањето се наведува дека јасно произлегува постоење на дискриминација и сегрегација во образовниот процес во ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп, што е спротивно на член 110 алинеја 3 од Уставот, меѓународните стандарди за човекови права, вклучувајќи ја Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата за спречување на сите форми на расна дискриминација.
Согласно со горенаведеното се предлага, Уставниот суд да донесе одлука со која ќе го усвои во целост барањето за заштита на правата и слободите на подносителите; ќе утврди дека во ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп, е сторена повреда на забрана на дискриминација на граѓаните врз основа на раса и национална припадност во контекст на правото на образование на учениците Роми; дека постои сегрегација спротивно на Уставот; да му забрани на ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп да презема дејствија што доведуваат до директна или индиректна дискриминација на учениците Роми, а со тоа и сегрегација како посебен облик на дискриминација во сферата на образованието и да му наложи на ООУ „Добре Јовановски“ Прилеп да преземе конкретни мерки за десегрегација, вклучувајќи мешање на учениците од различни етнички заедници во истите паралелки.
II
Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и доставените одговори, во претходна постапка ја утврди следната фактичка состојба, како што е изложено понатаму во овој дел од одлуката.
Подносители на барањето се 17 ученици од ромска национална припадност, кои живеат во Прилеп. ООУ „Добре Јовановски“ се наоѓа на улица „11-ти Октомври“ бр.145, населба Тризла – Прилеп.
Подносителите живеат на реонот на ООУ „Добре Јовановски“ и се редовни ученици во него.
Училиштето се наоѓа во етнички мешана населба, населена од Роми и Македонци. Во училиштето до крајот на учебната година 2024/2025, учеле вкупно 1.206 ученици од кои 1.032 Роми, 174 Македонци.
Во учебната 2024/2025 година во прво одделение, во двата уписни рока се запишале вкупно 142 ученици од кои 14 Македонци и 128 Роми.
Бројот на ученици по паралелки и етничкиот состав во ООУ „Добре Јовановски“- Прилеп за учебната 2024-2025 година е следен:
– Прво одделение вкупно 142 ученици, од кои 14 Македонци и 128 Роми. Имало 7 паралелки од кои 5 се чисто ромски паралелки со по 20, 21 и 22 ученици. Од останатите две паралелки, во двете паралелки имало по 7 ученици Македонци и 13 ученици Роми.
– Второ одделение вкупно 149 ученици, од кои 18 Македонци и 131 Роми. Имало 7 паралелки од кои 4 чисто ромски паралелки со по 20, 21 и 22 ученици. Од останатите три паралелки, во две паралелки имало по 6 и во една 8 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во две паралелки имало по 15 ученици Роми додека во една паралелка имало 16 ученици Роми.
– Трето одделение вкупно 147 ученици, од кои 21 Македонци и 126 Роми. Имало 6 паралелки од кои 3 чисто ромски паралелки со по 25 и 26 ученици. Од останатите 3 паралелки, во една паралелка имало 6, во една 7 и во една 7 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 19, во една 18 и во една 16 ученици Роми.
– Четврто одделение вкупно 129 ученици, од кои 16 Македонци и 113 Роми. Имало 7 паралелки од кои 5 се чисто ромски паралелки со по 14, 17, 18 и 20 ученици роми. Од останатите две паралелки, во една паралелкаa имало 10 и во другата 6 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 9, а во другата 16 ученици Роми.
– Петто одделение вкупно 139 ученици, од кои 18 Македонци и 121 Роми. Имало 6 паралелки од кои 4 чисто ромски паралелки со по 19, 20, 21 и 26 ученици. Од останатите две паралелки, во една паралелка имало 13 а во другата 6 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 11, а во другата 15 ученици Роми.
– Шесто одделение вкупно 198 ученици, од кои 27 Македонци и 171 Роми. Имало 6 паралелки од кои 1 чиста ромска паралелка со 33 ученици. Од останатите, во две паралелки, во две паралелки имало по 6 а во останатите три по 6 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 26, во две по 27 и во две по ученици Роми.
– Седмо одделение вкупно 115 ученици, од кои 18 Македонци и 97 Роми. Имало 5 паралелки од кои 2 чисти ромски паралелки. Од останатите три паралелки, во една паралелка имало 5, во една 6 ученици и во една 7 ученици Македонци додека останатите биле ученици Роми. Од овие паралелки во две паралелки имало по 16, а во една 17 ученици Роми.
– Осмо одделение вкупно 86 ученици, од кои 16 Македонци и 70 Роми. Имало 5 паралелки од кои 2 чисти ромски паралелки. Од останатите три паралелки, во две паралелки имало по 6, а во една 4 ученици Македонци додека останатите се ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 9, во една 11 и во една 17 ученици Роми.
– Деветто одделение вкупно 101 ученици, од кои 26 Македонци и 75 Роми. Имало 5 паралелки од кои 2 чисти ромски паралелки. Од останатите три паралелки, во две паралелки имало по 7, а во една 9 ученици Македонци додека останатите се ученици Роми. Од овие паралелки во една паралелка имало 10, во една 14 и во една 16 ученици Роми.
Врз основа на горенаведеното произлегува дека од вкупно 54 паралелки, 30 паралелки имаат исклучиво ученици од ромската национална припадност.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (во понатамошен текст: КСЗД), постапувајќи по претставка бр.08-506/1 од 11.09.2023 година, поднесена од Европскиот центар за правата на Ромите против ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, согласно со член 27 став 1, а во врска со член 13 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), дала Мислење, бр. 08-109/1 од 18.01.2024 година, со кое утврдила постоење на продолжена индиректна дискриминација што доведува до сегрегација врз основа на национална припадност во областа на образованието, како потежок облик на дискриминација и во истото се содржани одредени препораки.
Во препораките на КСЗД, меѓу другото, е наведено дека се препорачува ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, при формирањето на паралелките да се воздржи од преземање дејствија што би резултирале со сегрегација врз основа на етничка припадност кон ученици Роми кои ќе се запишуваат во ова училиште заради вклучување во образовниот процес и во рок од 6 месеци да се извести Комисијата за исполнетоста на препораките.
КСЗД, со Барање на податоци, бр. 08-109/6 од 11.09.2024 година, од ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, побарала известување за тоа дали и какви мерки и активности има преземено училиштето во насока на десегрегација на учениците Роми и какви мерки и активности ќе преземе училиштето во иднина во насока на десегрегација на учениците Роми кои се запишуваат во ова училиште заради нивно вклучување во образовниот процес, како и при формирање на паралелките.
Во одговорот на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, од 01.10.2024 година, доставен до КСЗД, е наведено дека Државниот просветен инспекторат, постапувајќи по барањето на КСЗД, на ден 26.03.2024 година, извршил инспекциски надзор и на Записник бр.ИП1 0905/9-72 од 26.03.2024 година, констатирал дека не се утврдени неправилности во работењето на училиштето кои се во надлежност на Државниот просветен инспекторат. Исто така, наведено е дека по барање на директорот на училиштето, во просториите на Општина Прилеп, се одржал состанок со градоначалникот на Општина Прилеп и претседателот на Советот на Општина Прилеп, на кој бил истакнат проблемот со уписот на учениците во ова училиште при што била донесена заедничка одлука да се известат сите надлежни државни органи и Министерството за внатрешни работи со цел да се ревидираат реонските списоци согласно со променетите лични карти на жителите на реонот. Покрај ова, во одговорот е наведено дека на состанокот одржан на 05.06.2024 година, на барање на градоначалникот на Општина Прилеп, претседателот на Советот на Општина Прилеп и директорот на ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп било констатирано дека училиштата треба да ги запишуваат учениците согласно со реонските списоци со цел да се спречи индиректна продолжена дискриминација и сегрегација. Во продолжението на одговорот е наведено дека поради спречување продолжена индиректна дискриминација како и заради спречување на одлив на ученици и нивно запишување во други училишта, директорот на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп со писмени дописи од 12.09.2024 година, се обратил до другите основни училишта од Општина Прилеп, од кои побарал информации во врска со запишаните ученици во прво одделение во учебната 2024/2025 година и побарал во овие училишта да не се врши упис на ученици кои територијално и реонски треба да бидат запишани во ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп. Исто така, напоменето е дека ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп се наоѓа во населба населена од Роми и Македонци, каде што побројно е ромското население па од тие причини и во ова училиште поголем е бројот на учениците Роми во однос на учениците кои не се Роми, па следствено на ова се појавува проблемот со паралелки каде што учат само ученици Роми. Меѓутоа, при формирањето на паралелките никогаш не е извршена дискриминација и секогаш се внимавало и сé уште се внимава паралелките да бидат мешовити односно составени од ученици Роми и Македонци односно да бидат мешани паралелки и според етничката припадност и според полот на децата.
Во конечниот извештај од извршена интегрална евалуација од страна на Државен просветен инспекторат – Битола во ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, бр.09-14/4 од 25.07.2027 година, меѓу другото се наведува дека „училиштето е инклузивно, се грижи за здравјето на сите ученици, ги негува родовата еднаквост и мултикултурализмот, ги поттикнува и ги вклучува поголемиот број од учениците и дел од родителите во училишниот живот. Нема појава на дискриминација и сегрегација на учениците. Постои појава на избегнување на запишување на ученици во прво одделение во ова училиште заради предрасуди на родителите не-Роми“.
Со Известување за неисполнување на препораките, бр.08-109/8 од 07.11.2024 година, КСЗД констатирала дека ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, и покрај дадените препораки, не постапило односно не ги спровело препораките, со цел надминување на утврдената фактичка состојба која резултирала со сегрегација на учениците Роми.
Државниот просветен инспекторат, во Записник за извршен инспекциски надзор, бр.ИП1 0905/12-141 од 22.11.2024 година, му укажал на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп да постапи по препораките од КСЗД, односно при формирањето на паралелките со ученици да се воздржи од преземање дејствија коишто би резултирале со сегрегација врз основа на национална припадност кон ученици Роми кои ќе се запишуваат во ова училиште. Во Записникот е наведено дека од страна на училиштето се преземени неколку активности меѓу кои ревизија на распределба на учениците, при што, во рамките на училиштето е извршена ревизија на распределбата на учениците и тоа со зголемување на мешовитите паралелки од петто во шесто одделение. Директорот изјавил дека се обезбедува мешовита етничка структура во секој клас со цел да се поттикне меѓусебна интеракција и разбирање меѓу учениците, а притоа да се запази да не се направи интерсекциска дискриминација и кон другите деца кои не се од ромската национална припадност. Инспекторатот не утврдил неправилности во работењето на училиштето од аспект на надлежностите на Државниот просветен инспекторат и согласно со член 85 став 3 од Законот за инспекциски надзор ја запрел постапката.
Во дописот на Министерството за образование и наука бр.12-12270 од 12 ноември 2024 година, доставен до ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, е наведено дека загрижува фактот што, и покрај мислењето на КСЗД од 18.01.2024 година бр. 08-109/1, со кое се утврдува индиректна и продолжена дискриминација, училиштето продолжува со оваа практика.
Во одговорот на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп доставен врз основа на барање на Судот, меѓу другото, е наведено дека училиштето ниту врши индиректна продолжена дискриминација на учениците кои се запишуваат во училиштето, ниту има надлежност за вршење на каква било дискриминација, посебно ако се има предвид фактот дека реонизацијата на училиштата се врши според планот на Општина Прилеп, адресата на живеење на родителите на малолетните деца кои се запишуваат во соодветно училиште во согласност со родителот и евиденцијата на Министерството за внатрешни работи Полициска станица – Прилеп од каде се добиваат официјалните податоци за живеалиштето односно престојувалиштето на децата заедно со родителите. Исто така, е наведено дека училиштето се наоѓа во населба во која живеаат Роми и Македонци, каде што ромското население е побројно. Поради ова, поголемиот број на ученици Роми во однос на учениците кои не се Роми предизвикува формирање на паралелки составени исклучиво од ученици Роми. Меѓутоа, при формирањето на паралелките никогаш не била извршена дискриминација, и секогаш се води сметка паралелките да бидат мешовити, односно составени од ученици Роми и Македонци, со цел да се одржи етничката и родовата разновидност во секој клас.
Во одговорот на Министерството за образование и наука бр.12-206/1 од 08.01.2025 година, доставен врз основа на барање на Судот, меѓу другото, е наведено дека на 20 август 2024 година, пред почетокот на учебната година 2024/2025 година и формирањето на паралелките на првоодделенците, Министерството испратило допис до засегнатите општини и училишта од случајот „Елмазова и други“, вклучувајќи ја и Општина Прилеп, со напомена за почитување на законските одредби при формирање на паралелки во основните училишта со поголем број на ученици Роми. Исто така, е наведено дека Министерството ги презело сите неопходни дејствија за подготовка на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, кој целосно ги вклучува предлозите, препораките и сугестиите на КСЗД. Покрај ова, во одговорот е наведено дека Министерството, на 12 ноември 2024 година, испратило допис до ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, со кој е укажано на фактот дека и покрај мислењето на КСЗД од 18.01.2024 година, бр. 08-109/1, со кое се утврдува индиректна и продолжена дискриминација, училиштето продолжува со истата практика и го задолжило ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, да го извести Министерството за понатамошните чекори кои ќе ги преземе со цел да се отстранат утврдените неправилности и да се обезбеди еднаква и инклузивна средина за сите ученици.
На 11.11.2024 година, Министерството било известено од страна на КСЗД, дека нивните препораки, не биле исполнети од страна на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп. Исто така, наведено е дека според директорот на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, физичкото одделување на учениците е по вина на околните училишта коишто ги запишуваат учениците Македонци во нивните училишта, не почитувајќи го член 63 од Законот за основното образование, и е наведено дека родителите на учениците ги менуваат адресите на живеење со цел упис на своите деца во околните училишта. Покрај ова, се наведени и преземените активности од страна на директорот за надминување на физичкото одделување. Директорот наведува дека распределбата на паралелки е направена и по барање на родителите кои не се Роми.
Министерството, во одговорот, наведува дека, имајќи предвид дека Народниот правобранител и КСЗД во своите укажувања и мислења доставени до Министерството сметаат дека сегрегацијата на ромските ученици произлегува од одредбите на член 63 од Законот за основното образование, е пристапено кон измена на наведениот член. Исто така, е наведено дека во државата учениците Роми учествуваат во образовниот процес под еднакви услови како и сите останати ученици, а Министерството за образование и наука повеќе од 17 години издвојува средства во две буџетски програми за поддршка на основното, средното и високото образование на учениците и студентите Роми. Воедно согласно со Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамки на процесот на проширување на ЕУ- Познанска декларација, произлезена од Берлинскиот процес, Република Северна Македонија се обврзува да ги продолжи и зајакне напорите за целосна еднаквост и интеграција на Ромите во шест приоритетни области, меѓу кои не-дискриминација и образование. Република Северна Македонија е единствената држава од Западен Балкан која по првата година на потпишување на Декларацијата ги оствари зададените цели за зголемена стапка на запишување и завршување на средното образование на Ромите на 50 проценти.
Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 27 декември 2024 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование. Со овој закон се предвидуваат измени и дополнувања на повеќе членови од Законот за основното образование, како една од мерките за спроведување на Пресудата на Европскиот суд за човекови права – „Елмазова и други против Република Северна Македонија“, со што се утврдуваат мерки за обезбедување урамнотежено запишување на учениците и формирање паралелки во основните училишта. Наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3 од 3 јануари 2025 година и влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
III
Уставни одредби
Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 од истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 44 став 1 од Уставот, е предвидено дека секој има право на образование. Според став 2 од овој член, образованието е достапно на секого под еднакви услови. Согласно со став 3 од истиот член, основното образование е задолжително и бесплатно.
Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Согласно со член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 2 од овој член слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот. Во став 3 на истиот член е предвидено дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Според став 4 на овој член ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Деловник на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021)
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Закон за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 76/2020, 229/2020, 3/2025 и 74/2025)
Според член 3 став 1 од Законот, секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование во основното училиште.
Во член 5 став 1 на овој закон е предвидено дека во основното воспитание и образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба и општествен статус или која било друга основа која е предвидена со закон или со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија во остварување на правата од основното образование. Според став 2 на овој член се забранува секој облик и вид на дискриминација во основното образование и тоа во воспитно-образовниот процес; процесот на запишување во основното образование; достапноста до услуги и придобивки, разумно прилагодување и пристапност до и во објекти; вработувањето, кариерното напредување и престанок на вработувањето; ученичкото организирање; содржината на наставните програми и учебниците; управувањето и учеството во органите и телата на училиштата; финансирањето на основното образование и која било друга област од основното образование. Во став 3 од истиот член е предвидено дека забраната за дискриминација се однесува и на дискриминација кон родителите, односно старателите на ученикот врз која било од основите од ставот (1) на овој член. Според став 4 од овој член, вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост и правичност помеѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство. Согласно со став 6 од истиот член заштитата од дискриминација се обезбедува согласно со прописите од областа на спречување и заштита од дискриминација. Според став 8 се забранува дискриминација и физичко одделување на учениците врз дискриминаторска основа при запишување и формирање на паралелки во основните училишта без легитимна или објективна оправдана цел согласно со Уставот на Република Северна Македонија.
Во член 7 став 1 алинеја 5 од овој закон е предвидено дека како цел на основното образование е и воспитување за почитување на различностите, соработка, почитување на различноста, основните човекови слободи и права.
Според член 53 став 4 од Законот бројот на ученици во паралелката е од 20 до 30 ученици. Согласно со став 15 од овој член при формирањето на паралелките во основните училишта, задолжително се води сметка за балансирано распоредување на сите ученици од различна етничка припадност, а кои следат настава на ист јазик и писмо, со цел да се избегне нивно физичко одвојување, освен ако во основното училиште се формира само една паралелка во одделение. Балансираното распредување на учениците по паралелки го врши директорот на основното училиште, на предлог на училишниот инклузивен тим.
Во член 63 став 1 од овој закон е предвидено дека родителот, односно старателот има право и обврска да го запише детето во основното училиште во реонот во кој има живеалиште или каде што има престојувалиште. Според став 2 од овој член основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. Согласно со став 3 од истиот член основното училиште е должно да ги запише учениците од својот реон, без исклучоци освен во случаи кога во училиштето на реонот нема услови за следење на настава на мајчин јазик, постои документација која го потврдува здравственото или психосоцијалното здравје на ученикот како основа за префрлање и кога училиштето има слободен капацитет и префрлањето е во интерес на детето, потврдено од центарот за ментално здравје. Според став 4 од овој член основачот го утврдува реонот на основните училишта, од кој се запишуваат учениците во основните училишта. Основачот е должен утврдувањето на реонот на основните училишта, да го прави на начин со кој се спречува и надминува физичко одделување на учениците по етничка припадност, освен во општините во кои доминантно население се припадници на една етничка заедница.
Според член 113 став 1 алинеја 2 од Законот, директорот ја организира, планира и ја води работата на основното училиште.
Согласно со член 170 став 1 алинеја 1 од овој закон, глоба во износ од 401 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на основното училиште, ако во основното училиште се врши дискриминација (член 5 став (1) од овој закон).
Закон за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020)
Во член 4 насловен „Поимник“ од Законот се дефинирани одделните изрази употребени во овој закон.
Според став 1 точка 7 од овој член „легитимна и објективно оправдана цел“ е целта за чиешто остварување средствата треба да соодветствуваат со реалните потреби во конкретен случај, да се однапред прецизно дефинирани, да се неопходни за остварување на таа цел, како и да се пропорционални на ефектите што треба да се постигнат.
Според член 6 од Законот, дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.
Согласно со член 8 став 2 од овој закон, индиректна дискриминација постои кога преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, се става некое лице или група во понеповолна положба врз дискриминаторска основа во споредба со други лица или група лица, освен кога произлегува од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни.
Во член 12 од Законот е предвидено дека сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.
Одредби од релевантни меѓународноправни акти и практиката на Европскиот суд за човекови права
Член 26 од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година, го гарантира правото на образование и еднаков пристап до образованието.
Во член 28 став 1 од Конвенцијата за правата на децата е предвидено дека државите- членки го признаваат правото на детето на образование, и со цел постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите.
Според член 29 на оваа конвенција, образованието на детето треба да биде насочено кон: развој на личноста на детето, развој на надареноста, менталните и физичките способности до крајни граници; развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи; развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазик и вредности, национални вредности на земјата во која живее и земјата од која потекнува, како и на цивилизациите кои се различни од неговата; подготовка на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите и пријателство меѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица со автохтоно потекло и развој на почитувањето на природната средина.
Во член 14 од Европската конвенција за човекови права и слободи е предвидено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Заштитата на правото на образование е гарантирана во член 2 од Протоколот 1 кон Европската конвенција на начин што никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.
Друг меѓународен инструмент што го гарантира правото на образование е и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која опфаќа повеќе сегменти во поглед на заштитата на националните малцинства, а акцентот е ставен на промовирањето на еднакви можности при пристапот на образование на сите нивоа за припадниците на националните малцинства. Имено, според член 6 став 1 страните ќе го поттикнуваат духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, а ќе преземаат и ефикасни мерки за унапредување на заемното почитување и разбирање и соработката меѓу сите лица кои живеат на нивната територија, без оглед на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет, посебно во областа на образованието, културата и медиумите. Во став 2 од овој член е предвидено дека страните се обврзуваат да преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои би можеле да бидат жртви на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство поради нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет.
Според член 12 став 1 од оваа конвенција страните ќе преземат, доколку е потребно, мерки во образованието и истражувањата, за унапредување на сознанијата за културата, историјата, јазикот и верата на нивните национални малцинства како и на мнозинството. Во став 2 од овој член е уредено дека страните, меѓу другото, ќе понудат соодветни можности за образование на наставници и пристап до учебниците, а ќе ги олеснат контактите меѓу учениците и наставниците од различните заедници. Според став 3 од истиот член страните се обврзуваат да ја унапредуваат еднаквоста на можностите во пристапот до образованието во сите степени за припадниците на националните малцинства.
Во член 3 од Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација е предвидено дека државите членки ја осудуваат посебно расната сегрегација и апартхејдот и се обврзуваат на териториите под нивна јуриздикција да спречуваат, забрануваат и укинуваат секоја практика од оваа природа.
Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО забранува основање или одржување на посебни образовни системи или институции за лица или групи лица. Во истата конвенција е нагласено дека е забрането кое било лице или група да се ограничува на инфериорно образование.
Во член 1 од Конвенцијата е предвидено дека за целта на оваа Конвенција изразот „дискриминација“ го опфаќа секое разликување, исклучување, ограничување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или секое друго убедување, општествено или национално потекло, економска положба или раѓање, кое има за цел или последица уништување или нарушување на еднаквото постапување во областа на просветата, а особено: а) ограничување на пристап на кое било лице или група кон разните типови или степени образование; б) ограничување на образованието за кое било лице или група на пониско ниво; ц) воведување или задржување на одвоени просветни системи или установи за поединци или групи со резерва од членот 2 на оваа конвенција и д) ставање на кое било лице или група во положба неспојлива со достоинството на човекот.
IV
Во конкретниот случај подносителите сметаат дека се изложени на дискриминација и сегрегација врз основа на расна и национална припадност, во контекст на образовниот процес, извршена од страна на училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ при формирањето на паралелки составени исклучиво од ученици Роми.
При анализата на наводите во барањето, Судот ги имаше предвид документите доставени од подносителите и управата на училиштето.
Пред Судот се постави прашањето дали статистичките податоци за етничкиот состав на паралелките се доволни за утврдување на дискриминација во форма на сегрегација.
Имено, за да утврди постоење на дискриминација, било директна или индиректна, потребно е да се одговори на прашањето, дали како резултат на преземеното дејствие, подносителите на барањето биле третирани на различен и неповолен начин во однос на друго лице или група лица и дали таквиот неповолен третман е поради заштитената карактеристика на лицето односно на групата.
Воедно, Судот оцени дека е потребно, оспореното дејствие да се анализира и од аспект на тоа дали истото е објективно оправдано, пропорционално, соодветно и дали има легитимна цел.
Во барањето се наведува дека училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ со формирањето на етнички чисти одделенија, извршила дискриминација врз основа на расна и етничка припадност односно спровела сегрегација. Имено, се наведува дека согласно со статистичките податоци, учениците Македонци биле групирани во една паралелка со цел да бидат заедно, но и во таа паралелка и понатаму преовладува бројот на ученици Роми. Притоа, учениците Роми во рамки на училиштето се презастапени во однос на нивната процентуална застапеност во вкупното население на општината, додека во непосредна близина на ова училиште, има друго основно училиште во кое речиси нема ученици Роми односно доминанираат ученици од македонска националност.
Од анализата на наводите на подносителите на барањето во однос на доставената документација произлегува следното:
ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, се наоѓа на улица „11-ти Октомври“ бр.145, во населбата Тризла – Прилеп.
Според доставените податоци во училиштето до крајот на учебната 2024/2025 година, биле запишани вкупно 1.206 ученици од кои 1.032 Роми, 174 Македонци, што значи дека 85,6% од вкупниот број на ученици се Роми, а 14,4% се Македонци. Од вкупно 54 паралелки, 30 паралелки се составени исклучиво од ученици Роми.
Според Судот неоснован е наводот дека распоредувањето на учениците Роми од страна на училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп во „етнички чисти одделенија“, претставува дискриминација врз основа на расна и етничка дискриминација, а со тоа и форма на сегрегација односно истите се ставени во понеповолна положба во однос на останатите ученици и родители, со што се повредува нивното право на еднаквост и заштита од дискриминација при остварување на нивното уставно загарантирано право на образование. Ова од причина што, ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп се наоѓа во населба во која живее мешано население составено од Роми и Македонци, при што доминантно е ромското население и како резултат на оваа демографска структура и местоположба на училиштето, во него до крајот на учебната 2024/2025 година, учеле вкупно 1.206 ученици од кои 1.032 Роми и 174 Македонци.
Како резултат на оваа фактичка состојба, училишната администрација, имајќи ги предвид одредбите од Законот за основното образование, особено член 53 став 4 и став 15, според кои бројот на ученици во паралелката е од 20 до 30 ученици односно при формирањето на паралелките во основните училишта, задолжително се води сметка за балансирано распоредување на сите ученици од различна етничка припадност, а кои следат настава на ист јазик и писмо, со цел да се избегне нивно физичко одвојување, освен ако во основното училиште се формира само една паралелка во одделение, ги формирала паралелките во согласност со овие законски одредби. Имено, од структурата на распределба на учениците произлегува дека директорот, првично формирал паралелки во рамки на законски предвидените граници, со одредени исклучоци, водејќи сметка за балансирано распределување со цел да се избегне нивното физичко одвојување. Балансираното распределување на учениците, при една ваква фактичка состојба, потребно е да се анализира и цени и од перспектива на учениците кои се во помал број, a во конкретниот случај, тоа се учениците Македонци.
Имено, со цел да се обезбеди балансирано распределување на учениците, а притоа да не се создаде интерсекциска дискриминација, училишната администрација формирала мешани и чисти етнички паралелки. Следствено на ова, според Судот, физичко одвојување врз основа на национална припадност, а со тоа и дискриминација по национална основа, би постоело доколку би биле формирани целосно етнички одвоени паралелки на различни етнички заедници кои следат настава на ист јазик и писмо. Таква состојба, меѓутоа, не е утврдена во конкретниот случај, бидејќи со постапувањето на училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп во рамки на училиштето, на ниво на секоја генерација постојат мешани паралелки.
При една ваква фактичка состојба, имајќи ги предвид капацитетите со кои располага училишната администрација од аспект на бројот, етничката припадност и родовата структура на учениците, Судот оцени дека постапувањето е објективно оправдано и е пропорционално на легитимната цел, а тоа е формирање на мешани паралелки со соодветен број на ученици, почитувајќи ја етничката и родовата структура на учениците.
Исто така, според Судот неосновани се наводите во барањето дека подносителите биле дискриминирани при остварувањето на нивното уставно загарантирано право на образование, како и дека поради квалитетот на наставата којашто ја следат во т.н. сегрегирани паралелки се доведуваат во прашање нивните можности за продолжување со образованието, соодветно вработување и заработка. Ова од причина што, од доставената документација од страна на училиштето, произлегува дека училишната администрација презела низа мерки за исполнување на обврските што произлегуваат од Законот за основното образование, почнувајќи од дејствијата за запишување на учениците во прво одделение кои се училишно обврзани да се запишат во ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, а се запишуваат во други училишта, формирањето на мешани паралелки односно балансирана распределба на учениците, сé до зајакнување на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција во рамки на училиштето.
Во однос на запишувањето на учениците во прво одделение кои се училишно обврзани да се запишуваат во ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, а се запишуваат во други училишта, училишната администрација реализирала состаноци со градоначалникот на Општина Прилеп, претседателот на Советот на Општината и претставници на Министерството за внатрешни работи и биле испратени писмени дописи до сите основни училишта на територијата на Општина Прилеп, со цел да не се врши упис на ученици во учебната 2024/2025 година, кои територијално и реонски треба да бидат запишани во ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп. Во врска со формирањето на мешани паралелки односно балансирана распределба на учениците, училишната администрација спровела ревизија на распределбата на учениците со цел зголемување на бројот на мешовити паралелки, извршила внатрешна ревизија на образовните практики со цел испитување на постоечките образовни практики, направила анализи за утврдување на опсегот на етничка сегрегација и причини за нејзино повторување, воспоставила соработка со ромските образовни медијатори во спречување на сегрегација и недискриминаторски пристап во образовниот процес и многу други дејствија. Во однос на зајакнување на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција, училиштето презело мерки на обезбедување еднакви можности за учество во настава, вклучување на мешан состав во Советот на родители, како и реализација на наставни програми и активности за едукација за различностите.
Во врска со квалитетот на наставата, од доставената документација произлегува дека во рамки на училиштето се применуваат наставни планови и програми кои се во согласност со програмските документи изготвени од Бирото за развој на образованието и одобрени од Министерството за образование и наука. Врз основа на наведеното, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на училишната администрација, се насочени кон заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста и создавање на инклузивно образование.
Судот, исто така, оцени дека се неосновани наводите дека училишната администрација, при формирањето на паралелките, создала презастапени етнички чисти паралелки, со што на учениците од различни етнички заедници (Роми и Македонци) не им било овозможено да имаат интеракција, да се запознаваат и заедно да следат настава, ситуација која, според наводите, довела до дискриминација и со тоа до сегрегација. Ова од причина што училишната администрација, имајќи ја предвид етничката структура на учениците, од една страна, и член 53 став 4 од Законот за основното образование, од друга страна, првично формирала паралелки со број на ученици кој се движи во рамки на законски утврдената бројка и презастапеноста на учениците Роми произлегува токму од нивниот голем број во однос на учениците Македонци. Но, од анализата на статистичките податоци доставени од страна на училишната администрација во врска со распределбата на учениците по паралелки, може да се утврди дека училишната администрација при формирањето на паралелките особено во мешовити паралелки, настојувала да го балансира бројот на ученици од ромска и македонска етничка припадност освен во шестото одделение, каде што е забележана презастапеност на ученици од ромската етничка заедница. Следствено на ова, Судот утврди дека училишната администрација постапила во согласност со Законот за основното образование и уставните одредби што се однесуваат на еднаквоста и забраната на дискриминација по основ на раса и етничка припадност.
Имено, за да постои дискриминација, а со тоа и сегрегација, потребно е одредено лице или група луѓе да бидат изложени на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи лица, кое се заснова на дискриминаторска основа. Од анализата на утврдената фактичка состојба произлегува дека подносителите на барањето се наоѓаат во идентична фактичка и правна положба во однос на учениците од македонска етничка припадност.
Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека во однос на подносителите на барањето, училишната администрација на ООУ „Добре Јовановски“ – Прилеп, не постапила на нееднаков, различен или понеповолен начин.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски