У.бр.235/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.235/2024
Скопје, 19.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка  за оценување на уставноста на член 256 став 1 алинеја 4 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024).

Образложение

I

Филип Стојковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во диспозитивот на оваа решение.

Според наводите, оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 1 и членовите 39 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија.

Се наведува дека со Уставот се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Приватните здравствени установи, постапувајќи согласно со утврдените минимални цени утврдени од страна на Собранието на нивната матична Комора, наместо да го унапредат здравјето на граѓаните, и да им пружат на здравствена услуга, истите се приморани да постапат согласно со оспорената одредба од Законот, што е спротивно на уставните норми.

Понатаму, во иницијатива се наведува дека темелната вредност владеењето на правото во еден правен систем треба да се остварува преку јасни, прецизни и разбирливи правни норми коишто не оставаат можност за различно толкување и примена, може да доведе до повреда на принципот на правна сигурност. Имено, владеењето на правото е во функција на обезбедување на принципот на еднаквост на граѓаните, утврден во член 9 од Уставот, и со донесувањето на оспорениот акт подносителот смета дека граѓаните не се еднакви во слободите и правата независно од имотната положба, односно се доведува под сомнение принципот на еднаквост.

Во продолжението на иницијативата, подносителот, во контекст на принципот на еднаквост на граѓаните, го цитира член 47 став 1 од Законот и повикувајќи се на оваа одредба од Законот, тој смета дека приватните здравствени установи се должни да работат согласно минималните референти цени утврдени од страна на Собранието на Комората, додека пак, вработените во јавните здравствени установи ќе работат по ценовник којшто ќе го определи министерот.

Со ваквото регулирање, не се повредува само еднаквоста на граѓаните во слободите и правата, независно од имотната положба, туку и еднаквоста на јавните и приватните здравствени установи, бидејќи на јавните здравствени установи им се овозможува да работат со пониски цени од оние утврдени во актот донесен врз основа на оспорената одредба, со што се повредува и правото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Врз основа на горенаведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.

Воедно, подносителот на иницијативата, бара од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на овде оспорената одредба, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека во член 256 став 1 алинеја 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024) е предвидено дека Собранието на комората донесува акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги, односно услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 од истиот член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 39 став 1 од Уставот е предвидено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Во став 2 од истиот член се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во став 2 од истиот член е предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 1 од Законот за здравствената заштита, со овој закон се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност.

Според член 13 став 3 од истиот закон, здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца.

Во член 47 став 1 од Законот е предвидено дека цените на здравствените услуги во јавните здравствени установи за пациенти кои услугите ги плаќаат со лични средства, на барање на јавната здравствена установа ги утврдува министерот за здравство со посебен акт, по претходно прибавено мислење од Фондот, имајќи ги предвид трошоците за услугата на здравствените работници, односно тимовите кои ја извршуваат услугата (трудот), трошоците за тековно и инвестициско одржување, општите трошоци на работењето (режиски трошоци), лековите и медицинските потрошни материјали и други потребни материјали за извршување на услугата.

Согласно со член 57 став 1 од овој закон здравствена установа може да се основа како јавна и приватна.

Во член 250 став 1 од Законот е предвидено дека заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија.

Според член 254 став 1 од Законот, органи на комората се: собрание, извршен одбор, надзорен одбор и претседател на комора.

IV

Според Судот е неоснован наводот дека со оспорената одредба за повредува уставно загрантираното право на здравствена заштита бидејќи приватните здравствени установи се задолжени да им овозможат на граѓаните здравствена услуга согласно со утврдените минимални цени утврдени од страна на Собранието на нивната матична Комора. Ова од причина што оспорената одредба се однесува на утврдување на надлежноста на овластениот орган на државната управа за донесување акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги, односно услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства.

Имено, со оспорената одредба не се загрозува квалитетот на услугата, професионалната етика и пазарната конкуренција. Напротив од истата директен бенефит ќе имаат самите граѓани бидејќи се овозможува воспоставување на соодветна правна регулатива со цел да го унапреди здравјето на граѓаните.

Исто така, Судот оцени дека е неоснован наводот на подносителот на иницијативата дека оспорената одредба е спротивна на темелната вредност, владеењето на правото бидејќи истата е нејасна, непрецизна и неразбирлива и остава можност за различно толкување и примена, напротив, оспорената одредба е сосема јасна, прецизна и разбирлива. Имено, со истата на јасен начин се предвидува кој е надлежен орган за донесување на  акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги, односно услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства.

Во однос на наводот на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба се создава нееднаквост не само во однос на граѓаните, туку и во однос на јавните и приватните здравствени установи бидејќи на јавните здравствени установи им се овозможува да работат со пониски цени од оние утврдени во актот донесен врз основа на оспорената, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што оспорената одредба не се однесува на субјектите на правото како што ги наведува подносителот во конкретниот случај, јавните и приватните здравствени установи, туку на овластувањето на надлежниот орган за донесување на акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги, односно услугите кои пациентите ги плаќаат со лични средства,  поради што не може оспорената одредба да се доведе под сомнение од аспект на нееднаквоста на субјектите на правото загарантирано со член 9 од Уставот.

Судот оцени дека неоснован е наводот на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба наместо да се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, односно наместо иновирање, финансирање и реализирање на бизнис идеи со цел поекономично произведување економски добра, врз основа на кои се диктираат цените на услугите, се случува спротивното.  Ова од причина што со оспорената одредба се утврдува кој е надлежниот орган за донесување акт за утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 1 и членовите 39 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија, од аспект на наводите во иницијативата.

Во врска со предлогот истакнат во иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можело да настанат тешко отстранлииви последици, имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети условите за примена на член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски